Длабока тага, голем бес!

1906

Солзи за нив, загинатите, солзи за нас! Солзите се претвораат во бес, голем бес! Бесот бара одговори, бара одговорност, бара виновник!

Рано утро, како секое утро, по будењето, пред подготовките за работа, рутински го проверувам телефонот за можни пораки. Уште нерасонет гледам порака од брат ми Влатко и си велам што има толку рано. Гледам вест, голема трагедија, 46-мина загинати во автобуска несреќа во Бугарија. Се вџашувам во неверба, не е можно, не е можно пак нам да ни се случува. Вклучувам пребарувач, во помисла дека веста е лажна, дека е од некој друг крај на светот, но не, тоа е веќе водечка вест на домашните пребарувачи на медиуми. Длабока тага, која станува сѐ подлабока со младоста на загинатите. Најискрено и најдлабоко сочувство на семејствата и пријателите на загинатите!
Солзи за нив, загинатите, солзи за нас! Солзите се претвораат во бес, голем бес! Бесот бара одговори, бара одговорност, бара виновник! Некои вината ја бараат во патничката агенција „Беса транс“, во исправноста на автобусот, некои во возачот, некои во трето… И тука почнуваат, свесно или несвесно, обидите за различни толкувања, обидите за префрлање на вината, во зависност од позицијата. Кај опозицијата доминира наративот за одговорноста на власта, а кај власта, виновни се граѓаните. Еден водечки колумнист ќе напише, еве и некој министер да поднесе оставка, ништо нема да се смени, поради ниската култура на безбедност. Од Бугарија, пак, од местото на несреќата, малку и произволни тврдења како дополнителен резервоар за нафта, но многу повеќе аргументирани анализи, особено за условите на автопатот (небезбедноста на свиоците, малата видливост на исклучувањето за одморалиштето). Бугарскиот автомобилист Димитар Илиев објави своја анализа. И да, бугарските медиуми најдоа и „Беса транс“ на адреса во Ќустендил, заедно со други 23 македонски фирми. Огромна благодарност на Бугарија, особено до нејзините граѓани и медиуми за нивниот придонес за расветлување на трагедијата, но и за искажаната тага и сочувство!

Оттука станува јасно дека за кривичната одговорност за трагедијата ќе мора да заврши истрагата. Што не значи дека не мора да се чека за моралната одговорност. Тука е дилемата сами, колективно, сме си виновни, или постои индивидуална одговорност.
Пред заклучок, прво за нашата колективна вина, за ниската култура на безбедност, вклучувајќи ја и сообраќајната безбедност. Македонија, според листата за смртни случаи поврзани со сообраќај, е „not great, not terrible“, има смртност од 9,4 лица на 100.000 население, или околу 200 загинати годишно (2016 година). И тука сме точно околу европскиот просек од 9,3 мртви на 100.000, заедно со Бугарија (9) и Романија (9,6). Не е толку страшно, доколку европскиот просек не е подигнат од Русија и поранешните советски републики, Турција, но и наши соседи, како Црна Гора (10,7) Албанија (15,1) и Босна и Херцеговина (17,7). Недостижно најбезбедна земја во Европа е Норвешка (2), но побезбедно е не толку далеку, во Словенија (4,9). На ваквата црна статистика сигурно влијае ниската култура на безбедност, од возење заморен, под дејство на алкохол, над дозволените брзини, преку неисправни возила, до незапазување на правилата за јавен/групен транспорт и многу други.
Секако, влијае и безбедноста на сообраќајната инфраструктура, лошо проектирани свиоци, необележаност, особено несоодветна обележаност на работи на патиштата, заштитни огради преку кои поминуваат животни итн. Ова, секако, не е одговорност на граѓаните, туку на институциите.

И најмногу влијае разјаденоста на безбедноста, и не само безбедноста туку целото општество и систем, од корупција, клиентелизам и неказнивост. Автобусот бил нерегистриран за меѓународен транспорт, затоа има Државен инспекторат за транспорт. Можеби имало тајни бункери за нафта и шверц, затоа има царина и гранична полиција. Има кривична одговорност, за тоа има правосудство, но трагедијата кај Ласкарци по три години нема судска разврска. „Ама, знаеш, такви сме ние“, во кое сме сите колективно виновни, не смее повеќе да поминува. Националната култура ја градат лидерите со пример и обратно, кога нешто не чини, „рибата смрди од главата “. И доколку не ни е јасно, во Бугарија веќе се бара одговорност од три министри за транспорт, за внатрешни работи и за регионален развој и јавни работи. Уште во првите три часа требаше да има оставка на директорот на Државниот инспекторат за транспорт, а веќе денеска мора да биде разрешен, вклучувајќи затоа што дента на несреќата не одговарал на повици од медиумите. А министрите за внатрешни работи и за транспорт, Оливер Спасовски и Благоја Бочварски, требаше да поднесат оставки на првата прес-конференција. Вклучувајќи дека не знаат колку пати автобусот излегол од земјава, кога за секое наше патување полицијата има точна евиденција. Како ќе знаеме дека оставките или разрешувањата нема да сменат ништо ако не го напуштиме концептот на неказнивост? Дали Зоран Заев, СДСМ, ДУИ, ја разбраа пораката од граѓаните?

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek