Дејмоскратија, не демократија

1232

Сите со нешто нè плашат, за да можат да ни продаваат и страв, но и „лекови против стравот“. Здрава исхрана, озонери, седативи, фармацевтски додатоци како превентива од болештини, политички опции што им гарантираат максимална безбедност на малите земји… Стравот и лековите против стравот се продаваат како најскапоцена стока, како никогаш досега, зашто човекот е суштество кое, покрај храната и водата, секогаш има насушна потреба од страв…

Моите студенти знаат дека секое предавање во кое ги допирам комуникологијата и медиологијата го започнувам со една анегдота. Имено, еден човек што не бил многу наклонет кон верата, среќава, на Божик, друг таков човек. И му вели: „Знаеш што има ново?“ „Што?“, прашува другиот. „Христос се родил!“ А овој го гледа со недоверба и му вели: „А од каде знаеш?“ Првиот аргументирано му вели: „Па, сега јавија на вести, човеку! Слушаш ли ти вести?!“ Анегдотава, во неколку реплики, ја претставува суштината на медиумите денес, подобро од која и да е медиолошка расправа од стотина страници. Поентата е: не е реалност она што го примаме преку сетилата, туку реалност е она што го кажуваат медиумите. За јавните личности тоа значи: не си онаков каков што реално си, туку онаков каков што ќе те претстават медиумите. Моќта на медиумите денес, во време на симулакруми и брза визуелна перцепција, е поголема од моќта на атомската бомба од времето на Хирошима. Затоа, секоја власт се бори за тоа најсилно оружје: кој нема медиум(и), тој само се залажува дека владее.

Минатата седмица, на ТВ го гледав оној (сè уште) симпатичен невротик што е претседател на најмоќната држава на светот, а има исто име како еден уште посимпатичен невротик од братијата на Дизни – Доналд Дак, или Пајо Паторот. Даваше изјава по повод најновите „закачки“ со Иран. Имено, откако Доналд им уби со дрон еден од нивните врвни генерали, Иранците се заканија дека ќе им се одмаздат на Американците, па тоа и го сторија: ракетираа две американски бази во Ирак. Претседателот, знаејќи ја атомската моќ на медиумите, со вешто наместена маска на спокојство врз кавгаџиското лице а ла Пајо Паторот (маска смислена од неговите советници-артисти и „пиар-коучи“), ни соопшти дека немало жртви меѓу Американците. И дека Иран, иако нападнал, не успеал ништо освен да покаже недугавост. Со други зборови, како да е врвен стручњак на македонскиот институт за фолклор, Доналд на Иранците им рече, во стилот на Марко Крале кога се биел со Црна Арапина: „Али биеш, али правот (од кожувчево) ми го тресеш?“ Од друга страна, и во исто време, иранските медиуми јавуваа дека Американците имаат „многу жртви“. Па ти сега види што е вистина. Иранските медиуми на Иранците им ја полнат главата со реченицата „Ги пеплосавме Американците“, а американските (кои веројатно не допираат до Иранците), на светот му велат: „Само ни го истресоа правот. За тоа срдечно им благодариме, одамна не сме чистеле по касарните“.

Сите што помислија дека имам скриена политичка наклонетост во оваа колумна – се лажат. Немам намера ниту да ги бранам Иранците, ниту да ги величам Американците како правдољубив шериф (Џон Вејн) од американските вестерни. Веќе одамна немам амбиции да го толкувам светот низ политичка призма. Имам доволно години за да знам дека секоја идеолошка парадигма, дури и онаа со „најхумани цели“ (комунизам, западна демократија, либералкапитализам) секогаш се базира на една почетна лага во темелот на целата филозофска градба, која потоа се гради од логични импликации. Таа лага скриена во темелот на секоја политика е дека до возвишени цели (еднаквост на луѓето) може да се дојде и со крвопролевање, грабежи или цицање (експлоатација) туѓа крв. Не кријам дека не сум воодушевен од ниедна воена сила (ни од НАТО): имам анимозитет кон војската уште од времето на служењето на воениот рок во ЈНА, Титова Југославија. И тогаш, а и денес мислам дека човек што може да падне во транс марширајќи на воена музика во строј, попусто добил голем мозок. Доволен му е и ‘рбетен за тоа. Секоја чест на професионалците-војници, кои знаат да владеат со себе и да го користат големиот, а не само ‘рбетниот мозок, но такви има сè помалку, а бројот на оние „’рбетните“, кои и ги водат војните, расте сè повеќе. Така, не ми се допадна воинствената самоубеденост на Доналд. Ниту ракетниот одговор на Иранците. Целото човештво седи на буре барут, препуштајќи им ја судбината на двајца што палат цигари и наргилиња со зипо крај бурето. Американците тука се во предност: секогаш воделе војни на туѓи територии и со компјутерски наведувани проектили.

Нивните противници имаат многу повеќе човечки жртви, зашто војната е секогаш на нивна територија. Зошто, тогаш, оваа колумна? За да ве потсетам дека ние живееме, очигледно, на Марс. Марс има две месечини: едната се вика Фобос, што на старогрчки значи „страв“, а другата Дејмос, што на старогрчки значи – ужас. Имињата ги имаат добиено од старогрчката митологија, според двајцата верни придружници на Арес (богот на војната, кој кај Старите Римјани станува Марс). Значи, живееме не на Земјата, туку на планета, која му припаѓа на богот на војната (Арес, Марс), и на која постојано над нас демнат или Фобос или Дејмос. Стравот и Ужасот. И постојано менуваат маски, како во театарска претстава, наоѓајќи се во конфликт (за војна се секогаш потребни двајца). Еднаш Фобос е Америка, а Дејмос Иран, еднаш Фобос е Русија, а Дејмос Америка, еднаш Фобос е Америка а Дејмос – Ирак, еднаш Фобос е Кореја, а Дејмос – Америка… Не чудете се што во оваа низа на стравот и ужасот најчесто се споменува Америка: таа е, како што вели и нејзиниот претседател, најмоќната држава на светот, со „најсилна и целосно независна економија“, па не е чудно што во светските театарски претстави секогаш игра една од главните улоги. И навистина, таа сила е и Фобос и Дејмос: кога само ќе помислам дека од оној кутар ирански генерал, по спалувањето со американски дрон останал само прстен за погребение, се ежам.

Но: човечки ли е да живееме во една „култура на стравот“ (израз на филозофот Ларс Свендсен), која веќе поминува и во ИНДУСТРИЈА на стравот? Нема ли начин за отпор на стравот? Денес сите се плашат од нешто: фобијата станува природна емотивна состојба. Хипохондриците нè плашат плашејќи се за своето здравје, капиталистите нè плашат со сиромаштија бдеејќи над своето богатство, еколозите нè плашат со пестициди во почвата и со предвидувања дека планетава ќе остане без вода и воздух (ова е можеби најреалната опасност), астрономите нè плашат дека некој астероид ќе нѐ пеплоса и ќе нè спржи како некогаш диносаурусите, политичарите нè плашат дека ќе има нова војна (во име на правдата, се разбира), писателите на евтини светски бестселери нè плашат со терористи што напаѓаат сити-молови и детски градинки или со ненадејно откажување на некој орган за кој тешко се наоѓа донор за трансплантација, бирократите со некој новонајавен закон со кој ќе ги изгубиме веќе стекнатите права (на пример – национална пензија за истакнати уметници), политичките (на)силници дека ќе го загубиме работното место кога ќе се смени власта, индустриите за душеци дека ќе го искривиме ‘рбетот ако не спиеме на нивните анатомски душеци со мемориска пена… Сите со нешто нè плашат, за да можат да ни продаваат и страв, но и „лекови против стравот“. Здрава исхрана, озонери, седативи, фармацевтски додатоци како превентива од болештини, политички опции што им гарантираат максимална безбедност на малите земји… Стравот и лековите против стравот се продаваат како најскапоцена стока, како никогаш досега, зашто човекот е суштество кое, покрај храната и водата, секогаш има насушна потреба од страв: дури и суеверното поимање на религијата го претставува бога како суров казнувач, па го шири стравот од пеколот. Кај примитивните верници тоа е типизираната слика за пеколот како плински и катрански опожарено место „под земја“ или „некаде таму горе“. Таквите не сфаќаат дека пеколот е веќе овде, на Земјата, која станува марсовидна планета, над која кружат Фобос и Дејмос.

И затоа, отсега натаму, во моите колумни, наместо зборот „демократија“, ќе го користам зборот „дејмоскратија“. Владеење на ужасот. Зашто, ноторен факт е: сè повеќе одлуки во животот на поединецот и на цели народи се донесуваат под влијание на стравот и ужасот, а не на разумот и логиката. Толку.