Десетте животи на Зоран Заев

1189

Ако за мачката се вели дека има девет животи, тогаш за Зоран Заев може да се рече дека сигурно има десет. Во неговата политичка кариера најмалку десет пати преживеа во моменти кога сите мислеа дека е готов и политички неупотреблив. Последниот настан, лидерскиот договор со ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот и натамошен заеднички настап во Собранието, покажа дека како да го свртиш, како да фрлиш, што и да му правиш, што и сам да си прави, Заев секогаш ќе падне на нозе. Никако и никогаш на глава, со последици по неговиот статус на прв, сѐ повеќе неприкосновен владетел на државата Република Северна Македонија, име по негова волја и со негово кумство.
Уште од времето на неговото началствување со Струмица, кога беше уплашен од носење во затвор поради аферата „Глобал“, па сѐ до овие дни, може да се каже дека кога станува збор за Заев значи да се гледа на еден феномен што голем дел од партиите и граѓаните никако не можат да го објаснат. Ниту пак може да го фатат во замките што често сам си ги поставува, некогаш, најверојатно, свесно и намерно. Осум години е на чело на Социјалдемократскиот сојуз, четири на Владата, време во кое неколкупати беше на работ на амбисот, но секогаш наоѓаше сили, начини или креативни решенија да скокне, да не пропадне. Кога по потпишувањето на спогодбата со Грција, со која се смени името на државата, по референдумот за него, мнозинството граѓани мислеа дека нема да може да победи на уште едни избори, тој, низ разни комбинации, извојува победа и пак формира влада. Истото мислење беше раширено при менувањето на Уставот и прогласувањето на албанскиот јазик за втор службен јазик. Неговото „пијано“, катастрофално, интервју за бугарската агенција БГНЕС, во кое самиот испиша апокалиптично сценарио за судбината и иднината на својот народ, предизвика силна бура, но набрзо стивната, заборавена, архивирана како еден лош ден, а не и некоја намера.

Не го погоди ниту една афера со мирис на големи пари во која е вплеткувано неговото име. Ниту Меѓународен сојуз, ниту Боки 13, ниту Фросина Ременски, ниту чантата „луј витон“ со милиони евра, фактори од кои на некој понеотпорен, послаб со финансиски имунитет, би му побелела косата. Со лесна рака ги отфрли критиките за големата зделка на српско-црногорскиот бизнисмен Дака Давидовиќ со Шик Јелак во Тетово, не го допреа високите хонорари на српските кабинетски советници. На критиките на Рашковски и злоупотреба на неговиот изум за државни пари беше одговорено со леснина, со која не се продаваат ни три-четири вреќи пиперки за ајвар. Да не зборуваме за тендери, тендери, тендери… и пак тендери.
И не на крајот, речиси како зуење на оса ги преброди бегствата на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Иако и во првиот и во вториот случај, особено при вториот, му висеше столчето во воздух, тоа полека си легна на местото, вреди да се напомене дека во која било демократска држава по таков епилог шефот на Владата без дилеми би поднел оставка. Ако е за негово добро и за доброто на неговата партија, ниту еден договор на Заев не му е далек, невозможен, што се покажа со осумтемина „предавници“ на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со изгласувањето на промената на името. Дадените концесии, ослободувањето од секаква вина на оние што отвораа врати и имаа сериозен придонес во инцидентите и во ограбувањето на парите на државата, е само едно од сведоштвата дека на чело на Владата е најголемиот политички трговец што го имала Македонија. Најверојатно му фали време да ги стигне оние од развиената балканска и од европската конкуренција. Во однос на нив скока во место.

Калејќи се во Струмица, пребродувајќи ги скопските бранови, македонскиот брод го внесе во морето на НАТО. Му остана пловидбата кон ЕУ, но таму неочекувано го пречекаа новиот берлинскиот ѕид, германско-француските бедеми и бугарските братски копања на очите. Виде дека искачувањето кон европските врвови не е со иста леснотија како искачувањето на струмичките Цареви кули, иако веруваше дека нема разлика. Но и покрај тоа што неколкупати падна и покрај тоа што го нокаутираа пријателите Борисов, Каракачанов и Захариева се додржа на нозе, пријателството ниту го предаде, ниту го продаде, сѐ уште се надева на добивање поволна цена за продуктите што е спремен да ги продаде.
Последните договори со ВМРО-ДПМНЕ и традиционалните со ДУИ само му ја потврдуваат таа способност. Стилот на општење по системот – реков, не реков, одреков, вчера едно, утре друго, го промовира сфаќањето дека изречениот збор не е јајце да се скрши, па некој да се секира поради тоа. Бравурите со закажувањето и откажувањето на пописот, датумите за пристигнувањето на вакцините против ковид-19 наглавечки ја превртеа пирамидата на вистината. Во утрото на сончевиот пролетен ден она што беше вистина стана лага, она што се сметаше за лага се претвори во вистина. Од ставот дека мора да има попис по секоја цена, до не ни треба попис по никоја цена на здравјето на граѓаните. Жртвите што беа во заблуда и очајнички го бранеа едниот или другиот став не се бројат, ниту на едната ниту на другата страна. Тие припаѓаат на политичкиот сој што го носи називот – политичка боранија.

Блескава акробација, вешта еквилибристика може да се нарече трикратното салто што го направи Зоран Заев преку договорот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кому му даде трошки за да ги зачува дебелата погача и големиот дел од тортата. Тешко е да се верува дека од ВМРО-ДПМНЕ ќе направи разгранок, филијала или клон на СДСМ, но преку овој договор го почна посакуваниот процес на обезличување на партијата што себе се смета за најнационална, најмакедонска и најмоќна. Сега во Собранието на Македонија нивната пратеничка група ќе го има гласот на мече што поткашлува, Заев ќе биде лавот што суверено ќе владее со таа савана.
Мицковски му обезбеди траен мандат, што и не е толку лошо, зашто ВМРО-ДПМНЕ се покажа неспособно која било почната акција да ја дотера докрај. Секоја нивна громка закана за уривање на власта на крајот се претвораше во тенок млаз урина, само за лабораториска употреба. Но од друга страна, и за Мицковски има оправдување и олеснителни околности за таквата жртва, ако има логика во мислењето дека нему наводно му е ветено во четири очи нешто што не може да го отфрли. Таа логика добива интензитет и сила ако се во право аналитичарите во тврдењата дека со новопоставената македонска национална коалиција преку СДСМ се минимизира улогата на ДУИ и се кочат забревтаните локомотиви на Артан Груби и на Бујар Османи. При таков крој на новата собраниска униформа има место за задоволство кај поголемиот дел Македонци.

Стануваат славни акробациите, еквилибристиките и реинкарнациите, ризиците и хазардерските потези на Зоран Заев. Познато е дека за тие изведби се потребни висок степен на моторичка кондиција, умешност, извонредни физички и психички способности. Без такви особини и без малку „нормална лудост“ не е лесно да се скока од големи височини, да се минуваат на јаже долги бездни, да се гази босоног по срчи или разгорен жар, да се нурка во вода, а да се излезе сув од неа, или лета во воздух, иако не надвишил ниту педа од земјата.
Овенчан со култна слава и недопирливост во сопствената партија, со отворен пат послан со цвеќиња, како Исус при влегувањето во Ерусалим на Цветници, сега може мирно да продолжи да си игра криенка со ривалите без око да му трепне, зашто всушност нив веќе ги нема. На домашен терен може мирно да преде уживајќи на пролетното сонце, на некој жежок лимен покрив и од таму да ја следи борбата на оние што очекуваа поинакви расплети. Комотно и лежерно да се подготвува за нови креации ако е потребно да влезе во арената. Често во минатото носејќи решенија на раб од законот или над него сега е изложен на друга опасност – да не претера во тоа што го прави. Таа карактерна особина не му е туѓа и тешко дека подлежи на поправка.

[email protected]