Ден на независноста

1364

Драги мои, утре е Осми септември, Ден на независноста на… кого? Во согласност со Уставот и законот тоа е Ден на независноста на Република Северна Македонија! „Тоа е… ова, ова е тоа, тоа е тоа, тоа е сѐ“! Ова се стихови од песната „Чукни во дрво“ на легендарните „Леб и сол“! Нема зошто да се залажуваме, драги мои, сега е доцна не само да се чука во дрво, за да не чуе ѓаволот, туку доцна е да си ги чукаме лејките, не од најсилниот ѕид на светот, туку и еден од друг, една од друга да си ги акаме „дибовите глави“, ко што не еднаш туку стопати во романот „Правта на библиотеките“ нѐ прекори академик Митко Маџунков! „Откако се виде дека филозофите на умот немале право дека нешто не можело истовремено да постои и да не постои, што излезе и во случајот со земјата на Дондоне, бабам Македонија, која сите сакале да ја грабнат, затоа што без неа немале своја историја, но и во неговиот случај, кого сите го сметаа за луд не сметајќи се себе, и штом се растајни дека светот, дури и подземниот, не бил само волја и претстава, туку повеќе личел на самоволие и циркус, Птоломеј, верен на учењето на Рене Декарт дека нема ништо попретежно од мислата без умисла, не можеше повеќе да стои безработно покрај Воденицата, туку со сета сила се вклучи во борбата против подземните чинки чиј главен претставник за него и понатаму беше Еленко Историк, зашто еднаш лажго засекогаш лажго, а кој си бара ќе си најде“!

Сега, сѐ исто ни се фаќа! Каков е овој ден? Каков е овој празник? Што се празнува? Кој ќе го празнува? Да бидеме искрени, и пред да се претвори државата во „северна република“, на овој ден, осми септември, голем дел граѓани од немакедонска припадност со „празничево“ немаа никаква национална, државна, општествена или каква било приватна идентификација! Исто беше и со оние Македонци „европски граѓани“ на кои не им беше гајле за ништо во врска со државата Република Македонија, затоа што ова празнување го доживуваа како примитивизам со кој тие не сакаат да имаат ништо општо, ништо заедничко, а уште помалку пак нешто, што било лично! Осми септември беше празник што го почитувавме ние што се радувавме и се препознававме себеси со сѐ што на каков било начин, поради што било и кога било имало каква било заедничка врска со земјата што ја сакавме, а ја нарекувавме Република Македонија.

Таа држава веќе не постои! Извинете, ама јас не знам како да прославувам постоење на нешто што го нема. Иако има кај Македонците развиена и утврдена традиција да се слават работи што реално ги нема и не постојат. Недославени и недочествувани сме за прославување на умирачката и деновите по смртта определени како девет и четириесет. Исто како и за шесте месеци и годината од умирањето на некој близок или драг. Мене ми се чини дека ова година е прекрасниот момент да се покажеме достојни на традицијата и заедно да прославиме две години од смртта на државата Република Македонија. Зошто па да не? И онака ние бевме тие што прославуваа кога таа се роди, кога се крштеваше, кога направи годинка, кога прооде, кога отиде во прво одделение, кога стигна до половина и цела матура, кога се запиша на факултет, кога дипломира и магистрира! Ние бевме тие што се радуваа и кога трчаше по дечковци, а и кога дечковци трчаа по неа.

Ние бевме тие што ја бранеа од комшиските момци што се беа загнале да ни ја ќарат… и на крајот, падна строгиот патријархален режим, дојде слободата и ни ја омажија саканата, за среќа, како што кажаа – во богата фамилија! Кога женското се мажи го отфрла своето презиме и го зема презимето на младоженецот. Така е редот. Некои од нас, иако неволно, сепак премолчено решија да прифатат саканата невеста да ја дадат кај богатата Европа (иако мене тоа и тогаш, а и сега ми изгледа како хомосексуална врска, затоа што и таа Европа, ај што е стара за нашата млада, туку е и од женски род, нели, но си премолчев за да не изгледам како некој прост противник на новите евроатлантски вредности што меѓудржавните геј-односи ги афирмираат како евробракови на иднината!), па се согласив како компромис да го прифатам името Европска Македонија!

Мојот ентузијазам беше на исклучително високо ниво кога новото Тито, саканото друже, господинчето премиер, ја изложи својата историска идеја за преземање на презимето Илинденска Македонија како тамам за нашата мома за име за по дома и за по надвор. Но се срушија сите наши надежи и илузии за адекватно на нашата невеста достојно презиме, кога господата сватови од Вашингтон, Берлин и Париз решија да ѝ го дадат презимето Северна! Мене, и тогаш и сега, не ми беше јасно, па еве ја користам ова можност да прашам уште еднаш, овој пат јавно: ако веќе ја омажија момата Македонија за Грција, оти не ѝ го курдисаа презимето Грчка Македонија? Или аналогно на тоа, ако зетот е Албанија, зошто ѓаурското нусе не носи презиме Албанска Македонија?

Драги мои, иако целата оваа свадба е строго според европските правила и НАТО-стандарди, има тука нешто нејасно, нешто што постојано ме буни, па дури и бунтува! Некои тука не си го одржале зборот кога момата не му ја дадоа на зетчето Бугарија, што му ја беше биле таксале оваа невеста уште пред да се роди дури. И поради тоа завештание тој си ја пазел за себеси уште од „момиче“ што се вели. Потоа ја чекал трпеливо додека таа растела од девојка во Кресненското, преку мома во Илинденското, до бујна убавица во Октомвриското востание од четириесет и првата година! И токму да ја земе, пред нос бе, да му се сневиди, од свршувачка му ја украле, му ја грабнале комшиските кандидати за зетовци! Но така е во љубовта, скапи браќа од Истокот: „еден ќе ја чека, а друг ќе ја чука“! Но ништо, вие и понатаму можете да гледате како вашата вечна љубов Македонија прави секс со „Арнаути и Византијци“, како што во бес, тајно, за да не слушнат тие ги именувате оние што јавно ги нарекувате европски браќа!

Тешко е, знам, ама и по толку војни, битки и блескави победи, во оваа круцијална, одлучувачка групна балканска „распаљотка“ од момата Македонија да не можете да фатите ни една цицка, бре мамката им мрсна! Извинeте за пејоративноста, но ова е мој мал момент на лична слабост, на скрб и утеха кон источните соседи, за кои убеден сум дека и во оваа порнографска страница од историјата на Македонија ќе мора да се задоволат само со онанација!
На крајот, како и во 1913, 1919, 1941, 1991, 2019 година, и во следните години на геополитичка еротика убеден сум дека ќе останат само со копнежот по една љубов, која како и во секој интимен пораз ќе мора да најдат начин како да ја преболат – потценувајќи ја дека и не била толку вредна! Ех таа љубов, ех тој Сван и ех таа Одета, ех ти Пруст Марсел, проклет да си, ех! Колку тажна приказна. Каква потрага по изгубеното време!? Така е, скапи мои, кога најромантичната страница од сопствената историја самите ќе ја искинете и фрлите во водите на Вардар, кој никогаш, ама никогаш нема да се влее во вашите срца. Поради една единствена причина: лагата дека многу ја сакате и дека таа мома ви е на срце и дека за неа сте подготвени да направите сѐ, се виде на бело видело и на црно слепило! Конечно, ама најпосле дојде и тој ден кога не направивте ништо за таа што ја сакате да ја одбраните кога пред ваши очи ја грабеа, угнетуваа, понижуваа и силуваа! Исто онака како што во нејзина одбрана ништо не сте направиле во деветстотини и третата!

Сега барем сме начисто. Ние навистина не разбиравме зошто оние генерации пред нас не веруваа во ветувањата дека сакате да ја земете невестата од љубов, со почит и искрена желба да живеете заедно, еднакви, во љубов и разбирање! Сега разбравме. И во историјата, како и денес, сте биле само кукавици што клукаат и жалат на сопствената неправда што сте си ја самонанеле самограбајќи се, самоугнетувајќи се, самопонижувајќи се и самосилувајќи се. Веќе не знам кој е повеќе за жалење!? Вие или ние?! Но мора да констатирам дека единствените на Балканот што ќе жалат по оваа свадбарска оргија се оние што зборот „жалење“ го разбираат, чувствуваат, изговараат, пишуваат, читаат и жалат исто! Ја направив ова мала дигресија за да натрупам наратив за драмската ситуација и поведението на карактерите во следната епизода.
Кога веќе пишувам синопсис за сценарио за филм во кој овој Осми септември 2020 година е парастос на годишнината од смртта на Република Македонија, од мене ќе се очекува на гробот на покојната да опишам кој сѐ присуствува и која е неговата мотивација да биде полнокрвен карактер што дејствува во овие дадени околности! Нејќам да си го правам калпав занаетот. Не смеам. Тука се критичарите, кои безмалку во точка на постојан саспенс го чекаат моментот кога ќе ја направам првата драматична грешка. И така, утре е денот кога ќе прославиме две години од смртта на нашата мила и драга држава Република Македонија. Неа веќе ја нема.

Но ние сме тука. Ќе го славиме споменот на нејзиното постоење. На што ќе се сеќаваме? Јас, драги мои, не се сеќавам на ништо. Избришан е од моето сеќавање денот кога се случи тој трагичен настан. Не може и нема да умре она што не се раѓа во нечии амбасади, договори, закони, устави и директиви. Не може и нема да умре она што не се родило од материјата на минливото. Не може и нема да умре она што е дух и она што е душа.
Не може и нема да умре она што и онака постоеше без вас и без вие да верувате дека се родило, живеело и постоело. Не може и нема да умре она што е наше, а ние никогаш од вас не сме барале да го споделувате со нас. Аман, некогашни сонародници Македонци, а денешни Северџани, мили комшии, ве молам, оставете н8 утре оддалеку, во тоталот, да изгледаме тотално тажно! Верувајте, таа умре! Вие победивте! Бидете раат! Ние сме несреќни и во длабока жалост! Радувајте се поради нашата тага! Но само во тоталот.

И еве ги ремарките што ја опишуваат сцената. „Брас-оркестарот свири посмртен марш со по малку чудни ноти во 7/8, од кран полека планот се менува кон полуопшт, се слушаат гласови што не може да се дефинираат дали се пеење и плачење, камерата уште вози напред, надоаѓаат гласови во хор, по малку збунува првиот план со стотици илјади облечени во црнина, во рацете држат чоканчиња со ракија, пијат, дискретно наздравуваат и пеат во солзи, уште поблиску, среден план, камерата пливa низ редовите, сѐ до портрети на лицата на карактерите, пауза, забавен каданс, тоа не се солзи од тага, напротив, сите пеат во еден глас загледани во дупката во која сандакот од дабово дрво е отворен и празен, се крева швенкот кон крстот на кој пишува Република Македонија, хорот достигнува крешчендо на стиховите „налеј, налеј, налеј“, полека планот се претвора во америкен и сосема јасно гледаме Девојка, во невестински фустан, со насмевка на Богородица Перивлепта, боса во румените стапала облечени во свилена кожа, во едната рака држи чоканче со ракија, а во другата чаша со вино, оди од човек до човек, наздравува со секого и со глас на ангелска љубов секому посакува: Среќен Ден на независноста!
Авторот е режисер и универзитетски професор