Демократија без вредности и натпревар

234

Демократијата не е само процедура, демократијата е и политичка култура и натпревар. Голема сенка на првите внатрепартиски директни избори во СДСМ фрли политичката некултура, како јавно обелоденување за гласањето (на избори со еден кандидат) и целосно некритично фалење и на изборот и на кандидатот! И, секако, фактот дека нема натпревар, туку има избор од еден кандидат

СДСМ го избра Зоран Заев за претседател на први директни внатрепартиски избори, настан опишан од апологетите како „врв на демократијата“, а жестоко критикуван од поголем дел од јавноста. Како нешто што требаше да биде значаен демократски исчекор се претвори во автократско фијаско?
За политичките партии и демократизацијата пишував во 2013 година, во „Окупирај за политиката“, и во 2015 година, „Слободни партии за слободно општество“, во кратки црти дека заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар се одвиваат во три фази: заробување на сопствените партии, елиминација на политички партии конкуренти надвор од „големата четворка“ (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА/АнА), елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители (граѓанско општество, медиуми). Значаен дел од ваквото заробување е „во согласност со статут и закон“, односно вградено во партиските или државните регулативи. Политичките партии се патрон-клиентелистички машини, каде што патроните или „брокерите на моќта“ работат само за сопствениот интерес и ги употребуваат гласачите само како инструмент во нивното настојување да практикуваат моќ. Во исто време, во партиите има негативна селекција и негативна спирала, каде што нема место за добро етаблираните кариери. Погледнете го првиот, вториот, третиот ешалон, колку од нив имаат кариера или шанса за кариера надвор од партијата?

Заробувањето на партиите е во заробувањето на процедурата на избор на патронот, врховниот брокер на моќ, односно во претседателот на партијата. Претседателот го избира конгрес, а делегатите на конгрес ги избираат општинските комитети, при чиј избор значајно влијание има партиското раководство и со тоа се создава затворен круг на изборите. Оттука, враќањето на моќта на избор на членовите на партијата е битен чекор за враќање на внатрепартиската демократија. Но е само прв чекор, и бидејќи демократијата не е само процедура, и ако не биде проследен со други чекори, може да заврши не со ослободување на партиите туку со нивно дополнително заробување и продлабочување на автократијата.
Демократијата не е само процедура, демократијата е и политичка култура и натпревар. Голема сенка на првите внатрепартиски директни избори во СДСМ фрли политичката некултура, како јавно обелоденување за гласањето (на избори со еден кандидат) и целосно некритично фалење и на изборот и на кандидатот! И, секако, фактот дека нема натпревар, туку има избор од еден кандидат. Доколку првиот чекор на СДСМ не го следат други чекори, се чини неминовно е лизгање во подлабока автократија. Зоран Заев како претседател избран на директни избори од страна на членовите ќе има поголем легитимитет од сите други функционери што не се така избрани. Сите други органи, централен одбор, извршен одбор, општинските комитети, ќе имаат помалку легитимитет отколку претседателот што е избран на директни избори.
Како е во другите земји. Во соседството, директни внатрепартиски избори има во ХДЗ во Хрватска, Неа демократија во Грција и Социјалистите во Албанија. Во 2016 година, ХДЗ само за неколку месеци двапати избираше претседател на партијата.

И во двата случаи имаше само еден кандидат, на првите Карамарко, кој брзо се повлече поради корупциски скандал, и на вторите Пленковиќ. Веќе во 2020 година не е повеќе така и на тие внатрепартиски избори директно се избираат претседатели, потпретседатели и членови на комитетот на ниво на општина и регион (жупанија), членови на партискиот конгрес, и претседател, заменик-претседател и четири потпретседатели на ХДЗ. И секако, овие избори во 2020 година поминаа со по два кандидати и натпревар меѓу „Одважно за Хрватска“ и „Опциите за промена“. Од околу 210.000 члена, гласале околу 75.000 члена.
Е сега, во стручната јавност има дилема дали директните внатрепартиски избори се здрави за вкупната демократија. Искуствата во САД и В. Британија се дека на внатрепартиските избори најактивни се и најдобро се мобилизираат најрадикалните членови. Таков е примерот и со Трамп кај републиканците, или Корбин кај лабуристите во Британија. Тоа, пак, придонесува за радикализација на партиите и нивно поместување надесно и налево и оддалечување од центарот, што ги отежнува политичкиот дијалог и функционирањето на институциите, кои се основа на демократијата.

Или гледајќи колку долго се говори на тема внатрепартиски избори или отворени листи (од 2013/2015 година), а колку малку е направено за сите овие години, само овој прв чекор на СДСМ, станува јасно дека нашите политички лидери и партии не сакаат демократија и дека само граѓаните и јавноста може да направат притисок за промени

Дополнителна сенка на изборите беше нераздвојувањето на државата од партијата, најлесно илустрирано со употреба на училишта за гласање, иако во нив се забранети партиски активности. Да не коментираме дека многу министри, директори и други државни функционери повеќе време одвоија за евиденција на партиското членство, отколку за справување со здравствената, економската, образовната и социјалната криза предизвикани од пандемијата на ковид-19.
А „новиот бран“, пардон новите кадри ќе останат за коментар кога ќе се обелоденат, дали тоа пак ќе биде нешто како „новиот бран“ на ВМРО-ДПМНЕ од 2012 година („Нов бран – промена или трик“).
Гледајќи колку долго се говори на тема внатрепартиски избори или отворени листи (од 2013/2015 година), а колку малку е направено за сите овие години, само овој прв чекор на СДСМ, станува јасно дека нашите политички лидери и партии не сакаат демократија и дека само граѓаните и јавноста може да направат притисок за промени.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek