Да се бојкотира или не – прашање е сега!

2938

На седмица до гласањето во вториот круг на претседателските кандидати се чини дека повеќе доминира дилемата „да се излезе или не“ отколку „за кој кандидат да се гласа“. Првата дилема звучи хамлетовски, „да се биде или не“, ама не е воопшто драматична за двајцата кандидати: на Пендаровски не му гине уште една фотелја во власта (тој, впрочем, и трча од таква позиција), а Сиљановска-Давкова ќе се врати во професорскиот кабинет. Кога се прогнозираат резултати од избори во два изборни круга секогаш постои можност од т.н. wild card, т.е. фактор/настан што ќе го измести сериозно текот на настаните и ќе влијае на крајниот исход, односно расположението на гласачите. Веќе по првиот круг бројките покажаа дека се случува нешто необично, особено во владината коалиција (од 30 партии): оние што глумеа божем консензус, всушност, си ставаа(т) сопки. По настаните поврзани со ИВЗ, трилерот станува уште повозбудлив, како во роман на Агата Кристи. Дали овде секој секого бојкотира и тоа од гола желба за власт (која се добива на парламентарни, а не на претседателски избори)? Набргу ќе дознаеме каде лежи зајакот (бидејќи, зајчето сивичко одамна знаеме каде е).

Во овој сложен галиматијас, од старт секој влезе со различен влог и очекувања, но сето тоа е „сметка без крчмарот“ ако не се земе предвид расположението на гласачите. А граѓаните недвосмислено покажаа мешавина од незадоволство и апатија, но и гнев и фрустрација – и, конечно, безидејност. Општеството на кое беше применета доктрината на шокот е парализирано и дезориентирано, што се виде преку рекордно нискиот одзив. Аналитичарите беа сложни дека сите учесници прогласија победа, иако никој не го постигна саканиот резултат, дека сите се и добитници и губитници. Но што е со неучесниците, оние организираните, познати како бојкотирачи? (Нужно е да се направи разлика од оригиналното движење „Бојкотирам“, создадено на широка хоризонтална основа во пресрет на референдумот, а кое потоа се подели и застапува сосема различни позиции.) Триумфираат и тие: наводно докажале дека токму нивната кампања го дала овој резултат. Во оваа група, свесно или не, влезе и дијаспората, која речиси едногласно одлучи да ги бојкотира овие избори. И не само тоа туку преку своите најеминентни претставници се вклучи активно во кампањата за бојкот, дури и со лична дисквалификација на кандидатите (т.е. кандидатката). Ова е време на меѓупартиски и внатрекоалициски калкулации, кои се тешки за дешифрирање, бидејќи никој гласно нема да повика на бојкот, но има многу средства за саботирање на изборите, со надеж дека ќе капитализира повеќе со евентуални парламентарни избори. Единствени гласни се бојкотирачите. Но за сите што се подготвуваат да бојкотираат, тивко или јавно, важи изреката внимавајте што посакувате, бидејќи желбата може и да ви се исполни! Имате ли план за денот потоа?

Веќе реков, личностите на двајцата кандидати се небитни за пошироката слика, иако во земја со скромни човечки ресурси загуба на исклучителен кандидат е голема штета. Пуштањето низ вода и на оние што вредат, а се на удар од сосема други причини, ќе биде порака за највредните и најквалитетните никогаш да не се нафатат на ваква работа. Така, политиката ќе си остане сфера резервирана за медиокритети и бескрупулозно амбициозни личности што не ги бива. Можеби некому му се чини неважно, но најголема колатерална штета од ваквата несериозна „игранка“ може да биде институцијата претседател на Републиката на начинот на кој е сега поставена во Уставот. Оние што здушно се залагаат за неуспех на изборите треба да се прашаат дали на едно сомнително парламентарно мнозинство (од политички, правен и морален аспект), по вторпат за една година, ќе му се дозволи да го узурпира и моделира системот со прекројување по волја на партиите, а не на граѓаните. Дали откако не беа слушнати на референдумот, сега граѓаните ќе (о)станат безгласна буква и при избор на единствената институција, која досега можеа сами да ја изберат? Дали бојкотот може да им се врати како бумеранг и да ги направи сосема нерелевантни токму бојкотирачите, т.е. оние што се замислуваат дека се важен фактор на политичката сцена?

Она што до скоро звучеше како пропаганден спин и дел од кампања (иако искажано од професорка по уставно право), сега е извесно: министерката за правда, и самата професорка по уставно право, ги повтори зборовите на Заев дека во случај на неуспешни избори имаат на располагање две солуции. Едната е бришење на цензусот од 40 отсто во вториот круг (токму кога граѓаните им удрија „шлаканица“, се сетија на препораките на Венецијанската комисија!). Избор на претседателот во Собранието е второто „решение“, кое станува сѐ поверојатно. Тоа веќе (ин)директно го најави и третиот професор по уставно право (Шкариќ), со тези сосема спротивни на она што го пишувал во учебниците по уставно право. (Ќе дозволите една дигресија, но ми се виде интересно што својата коавторка на учебникот ја спореди со Афродита, а не со Атина, т.е. со божицата на убавината, а не со божицата на мудроста. Тоа е таа скриена мизогинија и омаловажување на колешка која е сведена на жена. Пендаровски, се разбира, го доби цел Олимп, стана Зевс – иако не ни ја објасни неговата страст кон денешна Европа!). Парадоксално е кога среде изборен процес на големо се заговара тезата дека институцијата е безначајна во парламентарна демократија и всушност се јакнат партитократијата и етнократијата (ова дури го изјави и еден претседателски кандидат, па човек се прашува зошто воопшто и се пријавил?).

Уставот предвидел решенија, па така попусто некој се надева на длабока уставна криза. Во случај на неуспешни избори, веднаш ќе се распишат нови избори: со истите (партиски) актери, иако не со истите кандидати, со истиот начин на одмерување на силите, но со нови буџетски средства за кампања што нема да понуди ништо ново. Неодамна една мала партија (која се нарекува трет пат, а во неформална коалиција со неформирана партија што се нарекува Трета) излезе со бурно соопштение дека не се согласувала со предлозите на Заев и Десковска. Човек не знае дали да плаче или да се смее! Повикаа на бојкот, демек не ја признавале Северна, ама се бунат заради евентуална смена на Уставот, но немаат ништо против од предвремени парламентарни избори (во Северна, се разбира). Тогаш кога си надвор од битката, не можеш да ги дефинираш правилата по кои се води. Бојкотирачите треба да живеат со последиците од својот избор, како и сите други. Тезата „не признаваме и не легитимираме Северна“ паѓа во вода веднаш штом излезете од границата или платите данок. Затоа, ова е само емоционален крик, кој нема врска со политика, ама има со популизам.

Втората теза е ќе го казнам Мицковски, кој не се придружи на „Бојкотирам“. Оваа теза е еднакво бесмислена како онаа „ќе го казнам Стево/Силјановска“. На избори се казнува со победа на подобра политика или кандидат, а не со стоење настрана. Истите овие што сега бојкотираат, не е чудо утре да се појават како кандидати, бидејќи од мнозина зборуваше личната нетрпеливост и пизма, а не рационални аргументи. Третата теза е: со неуспех, ја делегитимираме власта! Не може да се делегитимира нешто што одамна нема легитимитет! „Делегитимирањето на Северна“ паѓа во вода во мигот кога ќе се пријават на парламентарни избори. Со кој образ ќе побараат одзив и доверба и што ќе се смени во меѓувреме во нивниот однос кон Северна? Четвртата теза е: сите партии заслужуваат шут-карта, зашто се корумпирани, предавнички, колаборационистички! Во ред, така е, но кажете како! Со движење што не се зголемува, туку се осипува? Со партии во најава (како јамб)? Со пајтон-партии? Со лидери што не можат да наполнат сала на годишно собрание, а не пак да мобилизираат народ за протести? Без променет изборен систем и со анестезирани граѓани? Петтиот изговор е: ќе полнат кутии како на референдумот, ќе наместат! Да, тоа е реална можност, особено ако им се помогне во зафатот со оставање чист простор и неискористени гласачки ливчиња.

Сега треба трезвено да се размисли што се добива, а што се губи со евентуални неуспешни избори. Една од најнеразумните, емоционални ама политички неуки тези е следната (напишана од човек што не се смета за скромноумен): „Партиите нѐ втурнаа во избори на кои им треба само цензус за да ја исполнат задачата наметната од надвор, по што, македонски народ, македонска држава и македонска нација нема да постојат. Криминалците во власта и во „опозицијата“, во Собранието на (некогашна) Република Македонија, изгласаа создавање монструозна држава, во која монструми владеат со обезличен и осиромашен народ, од кој бараат преку диригирани претседателски избори да го изгласа своето непостоење и бришење на целата своја историја.“ За поддржувачите на оваа теза, секој што се кандидирал фактички прифатил да биде претседател на монструозната северна творба. Никој не нѐ втурнал во избори, бидејќи овие се редовни и за нив се знаеше уште на 30 септември! Зошто бојкотирачите не излегоа со свој нескромноумен кандидат? Зошто немаше отпор и акција уште тогаш?

Апстиненцијата е легитимна опција за секого, но кога бојкотот станува платформа, организаторите и идеолозите должат визија, план, стратегија и одговори: До кога бојкот? Дали кандидирање за советник/пратеник и прифаќање на позицијата министер/премиер на монструозната северна творба е предавство, или тоа важи само за претседателските кандидати (или еден од нив зашто немал трудови со имапкт-фактор)? Ако се виде отсуство на капацитет за ненасилен масовен отпор од септември до јануари, како мислат да го мотивираат сега, кога силата на инерцијата се зголемува, а не се намалува? Дали, генерално, изборите ќе ги отфрлат од својот политичкиот репертоар? Кога ќе се премислат и поради што? Имаат ли план Б? Или ќе докажуваат колку се добри Македонци со пишување ФБ-статуси за тоа колку се горди и непокорни? Нелсон Мандела одамна кажа дека бојкотот не е принцип ниту политика, тоа е тактика што зависи од околностите. Во оваа ситуација, прашајте се само кому ќе му одговара тоа, кој ќе профитира – бидејќи граѓаните и Македонија дефинитивно нема да бидат тоа.