Да го имате она што јас го имам

6700

Воопшто немав намера да пишувам за вакво нешто во мојата последна годинашна колумна. Ама оној Љупчо Златев е виновен. Зошто, по ѓаволите му требаше муабетот за жените и бурките? Ко да нема за што да се мрчи во протекторатов. Знам дека ништо не ви е јасно. Ај, накратко да ви објаснам

Убаво е човек да се разбуди покрај Искра. Не е ова Искра од минатата колумна. Друга е. Ама прекрасно е кога двапати во неделата се будам крај неа. Мириса на свежо набрана праска. Иако мене веќе ме привлекува еден друг мирис. Мирисот на кафе што се вари во кујната. Никој во нашиот дом не прави кафе како Ана. А таа е веќе таму, во кујната, става кафе во две шолји. Ја прегрнувам и ја бакнувам за „добро утро“. Ана ми го враќа бакнежот. Утринското кафе, нашиот заеднички ритуал. Затоа што Искра не се буди пред десет часот. А Ивана беше трета смена на работа, па сега спие во горната спална. Искра, Ана и Ивана, моите три, ај така да ги наречам, сопруги со кои делиме добро и зло, љубов и страст.

Русјаков!!!
Да, драга моја, повели!
Какви три сопруги, што зборуваш?
Мои сопруги. Јас, Искра, Ана и Ивана живееме заедно во љубов и слога. Што има тука чудно?
Ама полигамијата е забранета. Ние сме секуларна држава, а ти не си муслиман.
Па?
Па, не може, човече!
А ха, шириш шовинизам и расизам. Ти ме мразиш како маж. Го мразиш моето право на религиозна слобода. Не можеш да ми се мешаш во моето религиозно право да имам три жени и да живеам со нив, разбра?

Океј, знам дека звучи блесаво. Воопшто немав намера да пишувам за вакво нешто во мојата последна годинашна колумна. Ама оној Љупчо Златев е виновен. Зошто, по ѓаволите му требаше муабетот за жените и бурките? Ко да нема за што да се мрчи во протекторатов. Знам дека ништо не ви е јасно. Ај накратко да ви објаснам. Активистка на СДСМ се појави на трибина со шамија на главата. Новинарот пиша на Фејсбук дека ние сме секуларна држава. Граѓанството луѓенца, феминистки, политичарки му рипнаа дека мрази жени, забранува религиски слободи и тргнаа во вербален линч. Обични будалаштини за дефокусирање, секако, ако знаеме во каква изопачена окупација живееме и каков холокауст се спроведува врз македонскиот народ.

Мене, на пример, воопшто не ме интересира кој како се облекува. Најмалку кој каква религија практикува. Забулени жени ми пречат колку православна утринска молитва за деца по училиштата. Значи воопшто. Ниту се занимавам со секуларност, ниту сакам да му се мешам некому во верски убедувања. Колку што не ме интересира дали Мерсиха носи шамија, толку не ми пречи ни коментарот на Љупче. Секој нека си тера како сака, мене да не ми се плетка само.

Па, зошто тогаш се маткам со оваа тема? Затоа што по коментарот на Златев се случи лавина напади врз него. Се отиде дотаму што министерката Царовска го обвини дека мрази жени. Ко она да е претплатена да му седи в срце. Но не ми е она толку интересна колку папагалскиот хор феминистки. Тие веднаш, секако на копче, рипнаа да го сатанизираат новинарот. Кренаа клади, наострија гилотини. Они се женската страна на интелектуалната бижутерија од граѓанството луѓенца. Како и целата интелектуална бижутерија, живеат со својата хистерична кауза „Имаш право на мое мислење“. Ми се блуе од нивното лицемерство. Ете, затоа се тука во колумнава. А ќе објаснам и зошто.

Десет години како пишувам во весников за геноцидот на изопачената западна моќ што го спроведува врз муслиманите низ Блискиот Исток. Ирак, Авганистан, Либија, Сирија, Јемен. НАТО го спушти пеколот на земјата за да краде нафта и опиум. Со флоскули за демократија, тие сеат терор и смрт. Таму од кај што заминуваат, оставаат ужас. Дури и оние лудаци од Ал каеда и ИСИС се создадени во лабораториите на западните тајни служби. А во овие крвави оргии најмногу страдаат жени и деца. Имаме илјадници сведоштва на жени силувани од страна на западните „демократски“ сили. Тие жени се муслиманки. Носат бурки. И на нашиве феминистки им се прди за нив.

Дали сме чуле да кренат глас против овие воени касапници, каде што жените се жртви? Никогаш. Дали некогаш кренале глас против геноцидот врз муслиманите на Блискиот Исток? Никогаш. Затоа што кога НАТО спроведува масакри, тогаш тоа е океј. Дали некоја од нив крена глас кога оној психопат Тони Блер дојде во Македонија да сере нешто за демократија? Оној ист Тони Блер што заедно со Буш Помладиот лажираше податоци за присуство на хемиско оружје во Ирак, уценуваше делегати во Обединети нации за да одобрат масакр врз Ирак, па кога не добија дозвола, на своја рака убија милион цивили. Дали тогаш нешто зуцнаа „борциве“ за права? Ни збор. Ама затоа, да не кажам што ни отекоа за Петер Хндке, зашто така блебетеле агресивниве прогресивци. Зошто е тоа така? Не знам. Веројатно ги возбудува фалусоидната форма на ракетите земја-воздух-земја, кои парчосуваат детски соништа. Или оргазмично ги пали напалмот под кој горат жени и бурки. Е, ама затоа кога грабаа преку Љупчо Златев да се промовираат колку се хумани, реалноста пикна два прста во грло за да го изблуе лицемерството.

И така група хистерици на копче ми ја киднапира колумнава. Во која сакав нешто да ви посакам. Затоа, сега, вака накратко. Сакам да го имате она што јас го имам. Оваа година што заминува мене ми личи на еден период од пред дваесет и кусур години. Тогаш живеев со родителите, со братот. Таа година поголемиот дел од времето струјата ни беше исклучена, се греевме на паркет, а најчесто јадевме тарана. Страшна година. Оваа ми се поклопи со тоа време. И речиси да не почувствував. Павлина, Александар, Благоја, Борка, Сандра, Дејан, Ико, Ирина, Јана, Кристина, Марија, Сабедин, Атанас, Маријана, Марта, Верица, Љатиф, Калина, Благица, Борис, отец Ивица, Јоле, Дарио, Гоце, направија да имам сè што ми е потребно. Со што ја заслужив нивната љубов? Со ништо. Дали ми должат нешто? Апсолутно ништо. Суетен и себичен каков што сум, Господ ми го дал најголемото богатство во постоењево. Да ги имам овие луѓе околу себе и нивната безусловна љубов. Ете, тоа посакувам да го имате и да го добиете во следната година. Верувајте ми, таа љубов со ништо не може да се замени.