Датумот за преговори – симбол на македонските национални порази

1202

Датумот за преговори за членство во ЕУ може слободно да се прогласи за симбол на македонските национални порази што ни се случуваат последниве неколку години. Тој ги обединува и означува катастрофалните и капитулантски политики што државава ги води на крајно аматерски начин. Поразите се многубројни, а главни се предавничките договори со Бугарија и со Грција и законот за албанскиот јазик, со кој земјата фактички станува федерација. Нормално е по такви недоветни потези Македонија да добие нов удар, кој само ќе се засилува и проширува во периодот што следува.
Народот убаво се сеќава дека мотивот со кој ни ги продаваа овие договори беше дека тие ни го отвораат патот за ЕУ и дека токму затоа вредат историските жртви што се полагаат. Референдумот беше врвот на тие свинштини. И, за да бидат тотални наивноста и политичката и дипломатска слепост на нашите „лидери“, преговорите со Грција се форсираа на крајно неодговорен начин, токму за да се добие датумот уште минатата година. Во таа непотребна и бесмислена итаница беа направени погубни концесии за кои еден ден ќе мора да се одговара. Да се надеваме дека тоа ќе биде набргу. Нашите колаборационисти дури нѐ уверуваа дека датум сме добиле уште минатата година, ама не сме го разбрале тоа. Манипулираа и лажеа дека со двата договора, со кои неизбежно се брише македонизмот во својот корен, ги надминале историските синдроми на овие наши соседи што одамна го игнорираат нашето постоење како народ. Паралелно, нѐ уверуваа дека со договорите сме го зајакнале нашиот национален идентитет и дека Бугарите и Грците отсега ќе ни бидат (нај)големи пријатели и партнери. Ова ќе беше претерано и како сон, ама нашите „политичари“, со сите средства, тоа го трубеа како најголема вистина. Апсолутно ништо од сето тоа не се реализира ,освен прекрстувањето на државата и разнебитувањето на народот.

Врз овие тешки измами и безобѕирни измислици, завиени во нереалните европски перспективи на земјата, дел од нашиот напатен народ беше мотивиран да поддржи погубни решенија. Причина беа и долгогодишните пропагандни замајувања дека членството во Унијата ќе ни ги реши сите проблеми и прекуноќ ќе нѐ направи побогати. Да се надеваме дека заведените сега разбираат што ни се случува, дека сите гледаат дека членството во ЕУ беше замка што нѐ доведе во оваа сегашна небиднина. Неоспорно е дека Македонија треба да се обиде да стане членка на Унијата. Факт е и дека е тоа интерес на сите граѓани, ама никако по секоја цена и во никој случај со форсирање неприфатливи договори. Самиот факт што Македонија се понижи и народот се самоукина, за да ја примат во некаква унија, кажува сѐ – и кои сме, и какви сме. А нема ништо поважно од достоинството. За нашите „водачи“, ова фундаментално правило очигледно не важи.

Стара е изреката дека што една будала може да расипе, сто паметни не можат да поправат. Баш тоа ни се случува сега. Иако лидерот е секогаш најодговорен, во нашиов случај виновникот не е поединец. Ги има повеќе. Сетете се само кога шеесетина пратеници креваа раце во Собранието за да се докусурат самите себе како Македонци. Тоа што тие немаа поим од политика и дипломатија, не е никакво оправдување. Впрочем, повеќемина од врвовите на власта се долго во политиката и дипломатијата и морале да научат барем нешто. Вака, може да се претпостави дека некои од нив играат за туѓи интереси. Во таква ситуација, кога ги толерираме и избираме, неизбежно е да си го јадеме ќотекот.

Откако Македонија повторно не доби датум за преговори во октомври 2019 година, а Франција првпат отворено најави дека нови проширувања (можеби) воопшто нема да има, логично следуваа изјави на голем број странци за поддршка на нашата земја. Сите тие се свесни за својот личен придонес во нашите самоубиствени потези како народ, направени со промена на името на државата, на Уставот… Тие сега јавно жалат што не добивме датум, а до вчера нѐ блокираа, уценуваа и ни поставуваа ултиматум дека мораме прво да се прекрстиме (а со тоа и идентитетот на народот оди јабана) ако сакаме во Унијата. Тие ги реализираа своите задачи и интереси и сега лицемерно жалат за нашата судбина откако ни го свиткаа’рбетот – за џабе. Меѓутоа, да бидеме искрени: освен нашите мудреци, никој нормален во светот не би ги послушал.
Факт е и дека сите западни политичари со цела уста нѐ фалат за нашите самоуништувачки потези. Причината е едноставна – им решивме нивни проблем. Нелегалното блокирање на нашето членство во НАТО и во ЕУ беше голем срам за Вашингтон и за Брисел и токму поради тоа тие го сменија и Груевски, бидејќи не беше подготвен да згазне врз сопствениот народ.

Сепак, во својата основа, недобивањето датум за преговори не е никаква трагедија. Тоа само го покажа аматеризмот на нашата власт. Впрочем, да го добиевме датумот и лани, ништо суштинско немаше да ни се промени. Надежите дека Брисел ќе дојде за да ни ги решава нашите проблеми се сосема погрешни. Тие што бараат камшикар од надвор само покажуваат дека се некадарни за своите задачи. Единствен лек во таков случај е – оставка, ама кај нас нема таква доблест. Добивањето датум, пак, нема да ни донесе многу радост, бидејќи кога ќе ги започнеме преговорите влегуваме директно во пеколот, и тоа на голема врата. ТАКОВ Е ПЛАНОТ. Тогаш почнува комбинираната бугарска и грчка агресија врз остатоците на македонизмот, поточно врз Македонците. Ќе следува неиздржлив и навредлив терор врз нашиот народ. Меѓу Словенија и Хрватска имаше едно отворено прашање преку кое Љубљана околу две години ги блокираше преговорите на Загреб, а Софија официјално најави дека има 71 проблем што сака да ги реши. Толку неприфатливости сака да ни наметне. Веќе открија дел од нив: наше откажување од македонскиот јазик, од македонското малцинство кај нив, од бугарската фашистичка окупација, од нашата историја… Сите се од фундаментално значење за нашата земја и народ и отстапки не смее да има. Тие се нерешливи за кратко време. Тоа значи дека нема да има ниту членство. Софија не го крие тоа. Ни порачаа дека датумот не значи и членство. Впрочем, ако за секое од најавените 71 барање нѐ блокираат по шест месеци, колку ќе преговараме?

Иако во позавиена форма, Атина исто така ни испорачува слични ултиматуми. Изгледа дека нивните заложби ќе се концентрираат на добивање монопол за меѓународно користење на брендот „Македонија“. Тоа ќе значи дека за светот нема да има ништо наше како македонско: вино, патлиџани… Ништо.
Ќе повториме уште еднаш – со договорите со Бугарија и со Грција, Македонија не реши ниту еден свој проблем. Само ги прифати и официјализира, како нешто легално и легитимно, нивните вековни синдроми дека не постоиме како народ. Се согласивме истите тие да се стават на маса за дефинитивно затворање на „македонското прашање“. А тоа е можно само со бришење на македонскиот народ, што веќе подолго и се случува. Преговорите со Унијата се идеална шанса. По распадот на Југославија, Вашингтон филигрански го спроведува и менаџира тој процес. Сите други, од Атина, Софија и Тирана, сѐ до Брисел, се само активни статисти, кои крајно дисциплинирано си ги извршуваат своите улоги предвидени во вашингтонското сценарио.

Величањето на членството во НАТО намерно го прескокнуваме, бидејќи тоа е главен интерес на САД, за да се затвори регионот од евентуален продор на Русија. Токму за таа цел, носител на проектот за потпишување на овие срамни договори беше Вашингтон. Народот повторно се доведува до заблуда дека членството во Алијансата, која во меѓувреме стана главен светски агресор, е некаква голема придобивка за земјата. Македонија нема што да бара во оваа воена организација и треба да се држи настрана, бидејќи нивните интереси не кореспондираат со нашите. Тоа најдобро се виде во 2001 година, кога НАТО, преку САД (или обратно), водеше војна против Македонија. И преостанатите 26 години го правеа истото тоа ама пософистицирано. Нивен стратегиски партнер во регионот се Албанците и затоа отворено го реализираат големоалбанскиот проект, кој ја загрозува нашата земја.
Сега ни останува единствено самите да се чувствуваме како Македонци. Тоа никој не може да ни го забрани. Барем уште некое време. Сѐ додека не дојде некој нов гениј на власт и ни порача дека е време да престанеме да правиме мајмуни од самите себе, изигрувајќи нешто што официјално не постои.

Ова, сепак, не се црни мисли. Не е во прашање кошмарен сон. Ова е тажната реалност на македонскиот народ во овој момент. Најавените избори се единствениот начин што може да води во позитивен пресврт. Народот ќе одлучи. Ако ја поддржи оваа политика на историски порази, повеќе и не сме заслужиле.
Ако некој по вторпат се сопне на ист камен, треба да ја скрши ногата.