Дали социјалните медиуми предизвикуваат депресија

161

Денешниот живот не може да се замисли без новите технолошки достигнувања, а особено без интернет, компјутери, таблети, паметни телефони. Сите тие служат за информирање, проширување на сознанијата, но, секако, и за комуникација. Oвие алатки примарно се пронајдени за да ни го олеснат животот.
Во таа насока, може да се најдат неколку битни причини зошто треба да се биде поврзан на социјалните мрежи. Ваквите совети се особено битни за луѓето од бизнис-заедницата.

Поголема ефикасност, а помалку енергија во секојдневното работење, особено кај луѓето што имаат поголем број клиенти и нудат нешто на пазарот. Имено, наместо кај секого да тропнете на врата и да ги понудите своите производи, преку социјалните мрежи можете да воспоставите комуникација со поголем број заинтересирани за она што го нудите.
Експоненцијално постигање на многу контакти со оние што ви се соработници или клиенти.
Ефикасност на потрошените пари. Имено, ако споредите колку ви треба да потрошите во патување нудејќи некој производ од врата на врата, а колку е едноставно да го нудите преку интернет, логичен е заклучокот за ефикасноста.
Глобално и високо ниво на достапност. Луѓето навистина сакаат да посетуваат разни состаноци, конференции, симпозиуми, но сите тие се поврзани со време и трошоци. Затоа, преку разни вмрежувања информациите се достапни за многу помали суми пари неопходни за да се добие пристап, но и без трошоци за патувања.

Поширока аудиенција преку мрежите. Контактирате со многу луѓе достапни преку интернет, со кои инаку не би контактирале, а вие сте лидерот што организира и нуди нешто.
Соработка, а не компетиција. Користењето социјални медиуми ја прави сосема различна околината во која се работи. Кога се продава нешто, обично тоа оди по пат на наддавање, производот се чува во тајност, бонусите се скриени итн. Онлајн-продажбата е слободна за размена на идеи и не е компетитивна.
Социјалните медиуми се понов начин за вас и вашиот бизнис. Само 15-20 минути на ден ви се потребни за да го претставите вашиот бизнис на светот, а широк круг слушатели што се потенцијални клиенти се достапни на мобилните алатки.
Социјалните комуникации преку интернет се особено многу раширени кај младите. Наместо да разговараат очи во очи, тие се допишуваат со пораки, мејлови, имаат свои фејсбук-профили, инстаграми, блогови итн.
Но нели и самите сте забележале дека некој ден пораките што допираат до вас ве чинат полни со елан, ведрина, ви изнудуваат насмевка, ве мотивираат на некоја активност. Од друга страна, во некои други денови сѐ ви е досадно, мрачно, ве онерасположува…

Генерално мислење кај луѓето е дека социјалните медиуми, всушност, предизвикуваат вистински проблеми. Кибернетското тероризирање, зависноста од екран, да се биде експониран на бескрајни филтрирани слики, новите информации што ги добивате, сето тоа прави да биде невозможно сочувството помеѓу вас и другите. Станувате саможиви, самодоволни, не се развива емпатија. Генерално, новото време носи голема алиенација кај луѓето. Затоа овие дилеми за социјалните медиуми стануваат сѐ поактуелни и за научната јавност.
Летово што помина, во престижното списание ЈАМА се појави текст за тоа дали постои асоцијација помеѓу социјалните медиуми и депресијата кај адолесцентите.
Во студијата се следеле над 3.000 адолесценти во текот на четири години. во рамките на програми за превенција од злоупотреба на дрога и алкохол. Покрај другото, било истражувано времето што младите го поминуваат пред екран, вклучувајќи го и она на социјалните мрежи. Она што бил генерален впечаток е дека подолгото време поминато пред екран и на социјалните мрежи е поврзано со повисоки скорови за депресија. Ова, сепак, не е краен заклучок на научниците. Секој од нас сам треба да си ја анализира поврзаноста на сопствената депресија или на таа кај нашите блиски со социјалните медиуми. Дали таа навистина постои?
Во спомнатата студија истражувачите потврдиле дека оние млади луѓе што користеле социјални медиуми имале навистина повисоки скорови за депресија. Поточно, за секој час на ден што тинејџерот го потрошил на социјални медиуми, скорот за депресија се зголемувал за 0,64 поени. Но што значи таквото зголемување на скорот за депресија? Во практиката, депресијата се проценува преку интервју на клиентот со лекарот, но и со пополнување разни психометриски скали или прашалници. Во спомнатото истражување депресијата била мерена со скала од 28 поени. Забележано е дека кај девојчињата помалку се пројавувала депресија во споредба со момчињата мерена преку добиените скорови, што се објаснува токму поради фактот што машките 4-5 пати повеќе користеле социјални медиуми во текот на денот.

Сепак, не секој од нас на ист начин ги користи социјалните медиуми. Во таа насока, во една друга студија, објавена во 2018-та, идентификувани се пет типа корисници на социјални медиуми. Битен генерален наод од студијата е дека проблематичното користење на социјалните медиуми е една од главните теми што ги окупираат менталните здравствени работници. Прашање е дали социјалните медиуми се закана за здравјето исто како што се дрогите или алкохолот. Сигурно е дека проблематичното користење на социјалните медиуми е слично како и алкохолот, но дали се чувствувате зависно од нив, зависи единствено од вашата сопствена перцепција. Впрочем, и оние што пијат сами не се свесни дека станале алкохоличари!
Тоа што корисниците на социјални медиуми развиваат депресија не значи дека токму тие се нејзина причина. Можеби постои обратна каузалност. Токму поради тоа што некои луѓе се повеќе депресивни тие повеќе користат социјални мрежи. Во таа насока, истражувачите нашле поврзаност на траумите во раното детство, кои некако се предвесник за користење на социјалните мрежи во адултната возраст. Токму лошите искуства од раното детство биле поврзани со поголема депресивност, а таа со поголемо користење на социјалните мрежи, што е потврдено и со уште една студија на оваа тема.

Во слично истражување од 2018-та е покажано дека припадниците на ЛГБТ-заедницата многу повеќе користат социјални медиуми од другите, што може да има двојни последици, како позитивни така и негативни. Од една страна, припадниците на ЛГБТ-заедницата потврдиле дека социјалните медиуми им се многу погодни за справување со секојдневниот стрес што го доживувале. Во таа насока, токму преку социјалните мрежи тие наоѓале поддршка од заедницата, која инаку во реалниот живот не ја добивале. Од друга страна, кибернетското малтретирање преку социјалните медиуми е многу често искуство кај овие партиципиенти, што тие го доживувале како многу стресно.
Кога користењето на социјалните медиуми треба да се смета како проблем? Црвениот аларм за овој проблем треба да се вклучи во следниве ситуации:
Кога ќе забележите дека нивната употреба интерферира со работните задачи или со меѓуодносите во реалниот живот.
Кога станувате неспособни да уживате во реалноста зашто сте постојано оптоварени со размислата за вашите профили објавени на мрежите.
Кога ви е тешко да го прекинете нивно користење.

Кога овој црвен аларм ќе ви засветка, тогаш треба да го затворите екранот за момент, да воспоставите контакт очи со очи со некој околу вас, да размените насмевка…
На крајот, каков е одговорот на прашањето за социјалните медиуми и менталното здравје.

Дали социјалните медиуми се добри или лоши? Одговорот не е црно-бел. Навистина е негативно влијанието на кибернетското малтретирање, тоа влијае да имате лошо расположение, да се чувствувате загрозено. Од друга страна, социјалните мрежи можат да ви пренесуваат убави пораки, да ви бидат некаква поддршка, мотивација. Клучот за бенефиција од социјалните медиуми е умереноста во нивното користење. Можете да сте социјално поврзани, но не треба ваквите мрежи да ви бидат излез од стресот што го доживувате или решение за други ментални проблеми. Затоа препораката, како за сѐ во животот, е – умереност, умереност и умереност (во јадење, пиење, вежбање, работа, мобилен телефон, социјални мрежи итн.).