Дали ранливоста е слабост?

255

Ние не сме навикнати да гледаме емоции од нашите лидери. Ние сме навикнати на строгост, на страхопочит, на грубост, на нетрпеливост и ароганција, на разговор на повишен тон. На удирање со тупаница по маса. Досега состаноците, барем оние на кои сум присуствувала јас, најчесто биле немотивирачки, несуштински, авторитативни, обесхрабрувачки, во стерилни канцеларии. На тие состаноци сите се пасивни и рамнодушни со трошка желба за каква било промена

Во 2016 година учествував на спортско-менторска програма со престој во Вашингтон и во Њујорк. Обуката беше интензивна, динамична, траеше од утро до вечер. Посетивме многу настани, остваривме безброј состаноци, патувања, настапи на конференции и слично. Имав шанса да запознаам многу луѓе, успешни и моќни во својата работа, големи визионери. Но меѓу сето тоа патување, еден состанок ми остави особен впечаток. Имено, при крајот на програмата во план беше да се состанеме со донаторот, за да ги презентираме нашите идни планови по враќањето дома. Програмата беше насочена кон унапредување на нашите лидерски и комуникациски вештини и секоја од учесничките имаше задача да подготви акциски план со негова кратка и концизна презентација. Состанокот беше закажан и, откако нѐ легитимираа на влезот на зградата, нѐ упатија до просторијата за состаноци. Сѐ изгледаше многу формално и смело. На едната страна од тркалезната маса седевме ние, шеснаесет жени од различни земји-учеснички во програмата, а на другата страна, претставници од институцијата, меѓу кои и директорот на одделот. Тој беше единствениот маж во просторијата. Со сериозен и одмерен говор, една по една завршивме со нашите презентации. Очигледно беше дека секоја од нас сакаше да ги импресионира и да им остави впечаток дека е посветена и одлучна во реализација на своите планови.

Нам ни помина редот, и сега чекавме фидбек од нив. Прв се обрати тој. Почетокот на говорот беше официјален, исполнет со факти и фрази што се неизоставен дел од таков високопрофилен состанок. Меѓутоа, набргу официјалниот и сериозен тон на говорот го снема и, сосема природно, говорот премина во разговор. Ни постави неколку прашања што не беа поврзани со обуката туку со реалноста со која се соочуваме и секојдневието што го живееме во своите матични земји и полека успеа да ги спушти штитовите со кои бевме вооружени пред да влеземе на состанокот. И тој го спушти својот гард. Раскажувајќи ги својата лична приказна и трагедијата што ја искусил, не ги криеше од нас емоциите и солзите во очи. Сите бевме затекнати и изненадени од напливот на емоции што ја исполнија конференциската просторија. Првпат дотогаш видов лице на висока раководна позиција да говори на истовремено толку понизен и емотивен начин. И првпат дотогаш видов човек од таков профил да не зборува низ призмата на бројки и логики, туку со доверба, љубов и страст. Таа негова искреност, најблаго кажано, ме остави во шок.

Долго време по состанокот размислував за моите реакции на неговиот емотивен говор. Некоја година подоцна, додека учествував на следната обука за лидерство, на едно од предавањата говореа кои се најголемите квалитети кај денешните лидери. Спомнаа термин – ранливост. И, во тој момент ми стана јасно. На состанокот, тој одбра да ја покаже својата ранливост и на тој начин покажа дека е ист како нас. Успеа да се поврзе емотивно со нас. Во реалноста, ранливоста е сила. Секој лидер има ранливост, а најголемите лидери ја имаат самосвесноста да го препознаат овој факт. Тие знаат дека нивната ранливост е знак на храброст и сила.

Мојата скептичност, па дури и нелагодност кон емотивниот говор, се должи на моето искуство во деловната средина. Па, ние не сме навикнати да гледаме емоции од нашите лидери. Ние сме навикнати на строгост, на страхопочит, на грубост, на нетрпеливост и ароганција, на разговор на повишен тон. На удирање со тупаница по маса. Досега состаноците, барем оние на кои сум присуствувала јас, најчесто биле немотивирачки, несуштински, авторитативни, обесхрабрувачки, во стерилни канцеларии. На тие состаноци сите се пасивни и рамнодушни, со трошка желба за каква било промена. Не сме навикнати да ни се обратат со изразена почит и љубезност. Не сме навикнати пред нас да седи лидер што ќе ја покаже својата ранливост и на тој начин ќе покаже дека и тој е човек како нас. Зашто кај нас тоа се смета како слабост. Напротив, тоа всушност е знак за храброст, самодоверба и автентичност. Успешните лидери го препознаваат вистинското место и време за да ја покажат својата автентичност.

Во денешно време, автентичноста е таа што ги инспирира и ги мотивира луѓето да му веруваат на својот лидер. Вистинскиот лидер влијае на следбениците на посакуваниот начин за да ги остварат посакуваните цели. На неговата ранливост и искреност, за возврат добива почит, доверба, лојалност и восхит.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје