Дали беше Ангела – ангел

1272

Колумната ја пишувам додека резултатите од парламентарните избори во Германија сè уште не се познати, но она што со сигурност се знае е дека најмоќната држава во Европа и земја во светскиот врв се простува со својата сакана канцеларка Ангела Меркел. Всушност, времето на збогување трае веќе подолго, од моментот кога таа најави дека веќе нема да ја предводи својата (ЦДУ) партија и дека се повлекува од активната политика. Феноменот (Mutti) „Меркел“ е навистина редок и ќе се проучува уште долго време: фактите покажуваат дека во историјата на германската држава само Ото фон Бизмарк и Хелмут Кол биле на чело подолго од Меркел, едниот градел империја, другиот го реализира проектот на повторно обединување на Германија во 1990-тите, како и напуштањето на националната валута и нејзината замена со еврото (што беше од круцијално значење за целиот проект на монетарната унија на ЕУ). Меркел заминува во момент кога нејзината популарност во политичката каста е во зенит: над 80 отсто од гласачите ја преферираат Mutti „Меркел“ пред кој било од активните ривали за канцеларската позиција!
Мнозина со неверување и тага гледаат на оваа ситуација: таков општествен консензус и обединување зад една политичка личност со толкав долг политички стаж се речиси неверојатни за сите оние што се разочарани од лидерите и политичките опции во своите земји! (Нам обично ни се плаче уште за времетраењето на мандатот на нашите недоветни „лидери“, а некои од прогресивците упорно бараа(т) водството со земјава/територијава да го преземе некој од надвор. Но тоа е посебна, тажна приказна, одамна раскажана…) Таа заминува достоинствено, скромно, без богатство, без скандали, без корупција, без обвинувања за непотизам или (не дај боже) за непочитување на нацијата – лик на речиси идеален лидер, би рекле ние кои гледаме луѓе без морал и интегритет како ни продаваат ветер и магла, а сепак ги гласаме од немајкаде…

Ова се случува во време кога квалитетот на политичкото водство на светско ниво го досегнува дното – по квалитет, по знаење, по умешност и вештини на управување, по морал и интегритет! Дури ни заминувањето на Трамп и изборот на Бајден не сменија ништо позначајно. Голем број млади на Западот зборуваат за геронтократија (владеење на старци), која ги задушува политичката волја, елан, интересите и способностите на помладите генерации. Слично е расположението и во рамките на ЕУ, каде што Меркел беше лидерот што од заднина ги „пеглаше“ разликите и ја одржуваше кохезијата, но и врските со САД и во времето на најтешките предизвици и авантури на Буш и Трамп. И во ЕУ се создава голем вакуум во политичкото водство, бидејќи ниту Макрон ниту некој друг ги поседува „штофот“ и ненаметливата ама убедлива харизма од кои беше/е направена Меркел. Ова е веројатно цената што ја плаќаат сите што преферирајќи стабилност и статус кво, како и водство од поединци наместо широка демократска политика на и од граѓаните, на крајот завршуваат во солзи и потрага по „политички тестамент“ за наследникот, кој воопшто не е ни создаден, ниту пак ги има квалитетите на лидерот што заминува.
Парадоксот во германското општество е уште повпечатлив ако се види пошироката слика: најсаканата и политички долговечна канцеларка, шампионка во создавање широки коалиции и консензуси по најтешките прашања за земјата, зад себе остава земја соочена со огромни предизвици и без „наследник“ од нејзин ков! Всушност, изминатиов период електоратот повеќе се фокусира на потрагата по личност (по „нов/а Меркел“) отколку по политички програми и решенија за горливите прашања.
Британски „Економист“ ја опишува состојбата во земјата со карикатура на која германскиот орел е премален и легнат на земја со спуштени крилја, отсликувајќи го бремето на проблемите со кои реално ќе мора да се зафатат идната влада и канцелар/ка. Како е можно најуспешната канцеларка да не остави зад себе најуспешна држава (и орел гордо застанат на грбот на државата), а дури и ЕУ се прпелка во сопствените наталожени кризи и расцепи? Навидум, Германија е несомнено на врвот: економски стабилна и моќна, таа е Центар во Центарот со неколку (економски) субпериферии околу неа, наредени како концентрични кругови – слика што брилијантно во својата книга за ЕУ ја опиша британскиот професор по политичка економија, Костас Лапавицас. Но зад сјајната слика на најмоќната европска држава стојат скриени расцепи, за кои неодамна редакцијата на Дојче Веле на англиски јазик подготви извонреден прилог. Почнувајќи од општата претстава за Германија како центар на моќ на ЕУ, ефикасна економија, силна и обединета демократија што ги научила лекциите од најтемниот период на својата историја, великодушна и социјално балансирана држава, толерантно општество, анализата покажува поделеност, па и фрагилност по неколку оски.

На прво место е јазот во можностите или, со други зборови, она што Пикети би го нарекол јаз на нееднаквост. Имено, во земјата со највисока просечна плата во светот (4.000 евра месечно), социјалната мобилност и можностите се најниски. За да излезете од еден (низок) социјален слој и да стигнете до средната класа, потребни се дури шест генерации во едно семејство, под услов нештата да одат на подобро. Накратко, една од најбогатите држави на светот има проблем со рамномерната дистрибуција на националното богатство. Вториот голем расцеп се однесува на расизмот и идентитетските проблеми (што значи да си „вистински Германец“ во земја во која 26 отсто од популацијата има мигрантско потекло), што се прашања за кои обично мислиме дека се поврзани со нас, а не со срцето на развиена Европа. Третиот расцеп за кој зборува анализата е оној меѓу западниот и источниот дел на Германија, меѓу кои и по три децении сè уште постои невидлив ѕид на разлики и недоверба. Повеќе од половината „источногерманци“ сметаат дека се граѓани од втор ред во заедничката држава, дури 38 отсто сметаат дека односите не се поправени од обединувањето до денес, а само 42 отсто сметаат дека демократијата е најдобар систем на владеење. Разликите во развиеноста на инфраструктурата (на пример) се видливи од вселената, како што покажа сликата на Берлин ноќе видена од канадскиот астронаут Крис Хадфилд, но 60 отсто од Западните Германци не гледаат никаков проблем во земјата.
Заклучокот на авторот е дека Германија е богата земја што успеала нееднаквоста да ја вгради во системот, со граѓани што прават разлики во „степенот на тоа да се биде вистински Германец“ и земја што гордо се обедини за да остане поделена три децении подоцна. Ваквата слика на скриените проблеми наскоро, откако Меркел ќе падне во сенка и солзите ќе пресушат, ќе се одрази на многу нивоа и ќе се демонстрира како фрустрација и отворена криза.
А дали е Ангела ангел кога станува збор за надворешните состојби? Тоа беше нејзиниот имиџ изграден во времето на Трамп, а особено по славниот говор во Харвард во 2017 година (наместо во Бундестагот!). Таа беше светилникот на либералните западни вредности во време на криза. Но и во време на Трамп, а и сега со Бајден, нејзиното заминување е повеќе од тоа – станува збор за Machtverfall (пад на моќта). Објективните аналитичари ја оценија како лидер без визија, прагматичен политичар што дејствува/л во последен миг и само во случај на нужда, т.е. како Krisenmanagerin (менаџер на кризи) во време на еврокризата, брегзит, мигрантската криза и ковид-кризата – без трајни решенија.

Сепак, нејзината најдлабока оставина по последиците е политиката на штедење/стегање на ременот (austerity), која донесе тешки социјални проблеми за најсиромашните и најранливите во Унијата и надвор од неа. За Германците Mutti (мајка) – и, како што видовме, не за сите еднакво, а за преостанатите dominatrix of austerity, како што ја претставија најславните светски карикатуристи. Во 2015 година, кога Грција беше фрлена на коленици и народната волја згазена од т.н. Еврогрупа, тоа сепак беше политиката на Германија оличена во министерот за финансии Шојбле, кој порача: Нам не ни е грижа кого вие гласате на демократски избори, ние се грижиме за корпоративните и монетарните интереси на Унијата (т.е. на Германија како срцето на економската и геополитичката унија)! Меркел беше прикажана низ карикатурите на светските медиуми како Европа што не јава на бикот, туку врз грчкиот народ. Таквата политика придонесе за успехот на брегзит, како и на појавата на суверенисти, популисти, крајна десница и слично. Духот на Mutti Ангела лебдеше и над т.н. Западен Балкан, а ние никогаш нема да ја заборавиме нејзината прва и единствена посета – во пресрет на референдумот за Преспанскиот договор. Мнозина мислеа дека е тоа лидерот на ЕУ, кој доаѓа да ја охрабри земјата и да вети светла европска иднина, заборавајќи дека Меркел отсекогаш била првенствено лидер на германската мека (економска) империја и претставничка на членка на НАТО.

На прашањето што за нас значи смената во Берлин, одговорот е едноставен: ништо! Големите и моќни земји, како САД и Германија, имаат само трајни национални интереси, без оглед дали на нивно чело е налудничав тип како Трамп или сенилен старец како Бајден (со минато на милитантен јастреб), или е тоа разумната и спокојна Меркел или некој нов канцелар чие име допрва ќе треба да го учиме. ЕУ (и Франција) закрепнуваат од шокот предизвикан од АУКУС, а Германците ќе си ги решаваат проблемите, и тоа во долг и тежок период. Со ореол или без него, Ангела остави наследство на нерешени проблеми, а од исходот во оваа земја ќе зависи и состојбата во Унијата. Ние на периферијата нема да мрднеме со прст да сториме нешто сами за себе сè додека на чело на државите се Мурто или Курто, кои се на жешка телефонска линија со Вашингтон и Берлин, и со единствена дилема кого попрво да послушаат ако добиваат контрадикторни сигнали. Засега, Вашингтон е во предност и се чини така и ќе остане уште долго време.