Груевски – антиквизација, Заев – антимакедонизaција

3596

Во бугарската официјална наука има два периода што се земаат како одредница кога почнало да се појавува и развива македонството, односно од кога потекнуваат обидите за искажување на посебната национална свест, а со неа и посебноста на јазикот и писмото кај денешните Македонци. Едната теорија за македонизмот е сместена кон средината на 19 век и кон крајот на истиот век, додека втората е понова. Неа ја таксираат во 1944 – 1945 во дваесеттиот век, веднаш по Втората светска војна, кога македонскиот народ на Илинден 1944, преку АСНОМ создава своја државност, го потврдува националниот идентитет, го кодифицира јазикот и ги отвора сите национални перспективи. Во денешните актуелни комплицирани односи меѓу Бугарија и Македонија бугарските власти инсистираат на признавање и прифаќање само на вториот период, кој го сметаат поповолен и поубиствен во нивна корист, а на македонска штета.
Значи, да објасниме подетално. Според сегашното бугарско стојалиште, кое упорно го туркаат пред очите на Европската Унија, Македонците се производ на Сталин и Коминтерната, иако во самата Коминтерна бугарските претставници во Москва биле највлијателни по руските. Точно е дека Коминтерната во 1934 година ги призна Македонците како посебен народ на Балканот. Тој факт како антимакедонско обвинение е користен во времето на бугарскиот комунизам, поточно од владеењето на Тодор Живков, неприкосновениот комунистички диктатор што ги тероризираше Бугарите, Македонците, Турците и Ромите во сама Бугарија, рамно 35 години.

Но според првата, долго време употребувана бугарска научна теза, (БАН) македонизмот е српска рожба, српски пород, српска измислица, стара повеќе од 120 – 130 години. Како убедлив аргумент во тој прилог бугарските научници користеа низа документи и преписки од српски политичари, историчари, дипломати и публицисти, вклучувајќи и извештаи од специјални агенти, кои се претставувале или како трговци или како собирачи на народни умотворби. Еден таков документ е едно писмо од српскиот историчар и дипломат Стојан Новаковиќ. Во тоа писмо до српскиот министер за просвета во 1888 година, Новаковиќ пишува за инфериорноста на српската спрема бугарската пропаганда во Македонија и предлага што да се направи состојбата да се поправи.
Имено, како контратежа на големата бугарска идеја, која пуштила длабоки корени во Македонија, Новаковиќ предлага форсирање на македонизмот со тактичко негување на македонскиот дијалект и македонските посебности, различни од бугарските. Тој сметал дека на тој начин ќе го привлечат народот, ќе ги разбудат неговите национални чувства и ќе го одделат од бугаризмот. Според неговото мислење, „ништо не може да биде толку спротивставено на бугарските тенденции, со ништо Бугарите не можат да се доведат во понепомирлива позиција отколку со македонизмот“. Предлага да се отвораат училишта каде што ќе се учи на домашните дијалекти и да се прават учебници на дијалектен македонски, не бугарски јазик. Во оваа смисла во тоа време има и реакции на бугарски историчари и просветари, кои се жалат до своето министерство дека учениците во Македонија не го разбираат бугарскиот јазик. Едно такво писмо е архивирано и во оставината на Симеон Радев, кој по посетата на родниот Ресен се обраќа до Министерството за просвета, во кое укажува дека децата од Ресен се жалат дека не го разбираат бугарскиот јазик и дека е потребно да се испратат повеќе учители и книги.

Бугарската историографија го користеше до вчера – завчера обилно токму исказот на Стојан Новаковиќ за да истакне и нагласи две работи: признанието на еден српски пропагандист за длабоките корени на бугаризмот во отоманска Македонија и да го претстави српскиот дипломат како некаков „основоположник“ на македонската национална идеологија и човек којшто со тој национален вирус ги заразил до фанатизам „српските воспитаници“ Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и други. Сега, пак, во денешни услови, Бугарија не ја спомнува таа постара „македонизација“, туку инсистира на „србизација“ на Македонците по 1944 година, нешто што како таан-алва ја излижа и преговарачот Владо Бучковски. Таа благост не ја одбива ниту претседателот на Владата во оставка Зоран Заев, а на неа се слади и министерот за надворешни Бујар Османи.
Пропагандата, бугарска, српска и црковно грчка, врз Македонците трае повеќе од век и половина. Оттогаш до денес оставила сериозни траги. Нема град во денешна Македонија во кој меѓу Македонците нема бугарофили, србофили и гркомани. Не само во град, туку и во мало село, луѓето си се знаат од куќа до куќа кој на која страна бил во минатото, кој под чија капа имал или барал заштита, кој во која црква му се молел на Господ и крштевал деца. Не само старите дури и младите знаат од чија порта своевремено излегувале да го поздрават „краљ“ Александар, од која цар Борис, кој на таван држи скриени слики од Сталин, кој од Хитлер, кој од Тито.
Облечена во ново руво, таквата пропаганда до денес го дели македонскиот народ. Ако разликите во времето на СФРЈ, во комунизмот и социјализмот, беа прикривани и стишувани, а на нив не се гледаше како на баласт, од осамостојувањето наваму зедоа замав на разорен ветар. Не само по партиска туку и по емоционална и по национална линија. По поделбата на комунисти и антикомунисти, на вмровци и сдсмовци, следуваше нова, на антички и словенски Македонци, карикатурална во основа, но трагична по последици. При таа делба Никола Груевски, во својство на водач на партија и претседател на Влада, заедно со неука компанија околу него, стана татко на некаква таканаречена антиквизација. Таа беше измислена и спроведувана наводно за јакнење на македонските позиции спрема спорот со Грција, а всушност, без чувство до каде таа погубна процена може да води.

За да не остане назапаметен во историјата, кон тие стремежи се упати и Зоран Заев. Во пропагандна смисла, неговото време ќе биде запаметено по фактот што македонското национално прашање го врати сто години назад на штета на сопствениот народ. Кога претходните генерации, кои ја извојуваа државата во Втората светска војна, беа убедени дека македонската државотворност и македонскиот национален идентитет се бетонирани за век на век, Заев преку договорите со Грција и со Бугарија ја отвори Пандорината кутија, од која не само што излегоа сите зла туку се изгуби и последната надеж.
Ако Никола Груевски е татко на антиквизацијата, Зоран Заев ќе биде запишан како татко на антимакедонизацијата. Не негирајќи ги заслугите за приемот во НАТО и за одржување на меѓунационалната стабилност, не прашувајќи за цена, во негово време, под негово водство Република Македонија го изгуби своето уставно име, ги избриша сите национални институции што го носеа атрибутот „македонски“, кои во еден ден, со еден клик, осамнаа обезименети. По осумдесет години мирен и потврден живот, дозволи да бидат доведени под сомнеж националниот идентитет на сопствениот етнос, неговата историска генеза, јазикот и писмото, и да ја повреди душата на својот народ. Договорите со Грција и со Бугарија, кои требаше да бидат гарант за стабилност и напредок, се превртија на глава: станаа фактори што го доведуваат во прашање опстанокот на државата, особено на Македонците во неа.
Заевата политичка пропаганда ги доведе Македонците денес меѓу себе да се делат на националисти, македонисти и интернационалисти и сите три категории да бидат спротиставени едни на други. Без да навлегуваме во празните теории што е што, да кажеме дека националисти биле оние што ја сакаат татковината, но на погрешен начин, македонисти се оние што ги бранат македонските интереси, но се различни од антимакедонските политики на Владата, а интернационалисти оние што не ги поднесуваат националистите и македонистите, а ги сакаат Европејците и Американците, силни владини подопашници.

Таа е грубата генерална поделба. На такви ромски ортоми од едната страна влечат прогресивци, демократи, „западњаци“, а од другата регресивци, назадни персони, злосторници и џелати. Според Заев, македонскиот народ има две лица, како металната пара. На едната страна на монетата на Македонија се прикажува како рие злото, на другата како се вее доброто, зла мисла што му нанесе тежок пораз на локалните избори. Токму тие, последните од него наметнати делби му ја пратија пораката, му ја одржаа лекцијата и го исфрлија надвор од политиката.

[email protected]