Грабежот на поштенската кочија

1356

Eдна изрека вели дека најдобар начин да препознаеш дека наближуваат избори е кога политичарите ја минуваат улицата за да се ракуваат со случајните минувачи. Кај нас не треба да си толку суптилен во анализата. Тензијата околу тоа дали Собранието ќе се самораспушти, како што беше договорено, беше мошне извештачена. Но ефикасна за уценувачите од владејачкиот СДССМ и неговите коалициски партнери. Бившиот премиер (техничкиот и онака никој не го есапи) се закани дека избори нема да има доколку не се донесе еден скандалозно лош системски закон. Во целата приказна е сосема неважно она што за нормална држава би било скандалозно: извршната власт, која во согласност со Уставот нема овластувања врз Собранието, се постави небаре апсолутен монарх. Но во реалноста СДССМ е тигар од хартија (што е слаба утеха за еден апатичен народ), бидејќи не само што зависи од странските господари што го инсталираа, туку албанските коалициски партии ги играат како сакаат. Дури ни „режимот“ на озлогласениот Груевски не менуваше Изборен законик на еден ден пред распуштање на парламентот, без учество на опозицијата, без политичка расправа и консензус, и тоа во ситните утрински часови.

Дека избори сигурно ќе има, сепак, знаевме многу порано поради две нешта: масовната политичка корупција затскриена со најразлични акробации (од простување долгови за неплатени сметки, до К-15, зголемување пензии и партиски вработувања) – и грабежите на поштите и штедилниците! Првиот потфат е најбезобразен популизам (виден во многу држави), во кој божем социјалната држава се грижи за сиромашните граѓани; всушност, обратното е точно, бидејќи пред избори социјално неправедната држава бесрамно се соголува и дели милостина од она што е заработено со потта на тие што работат (и не седат дома за да земат плата), но и дели бонуси од странски задолжувања, кои ќе останат во наследство на идните генерации. Но и во популизмот не се доследни, бидејќи К-15 нема да им дадат на оние административни работници што седат дома, но затоа ги фаворизираат оние што со години не плаќаат струја за сметка на оние што двојат од уста за да не им ја исклучат струјата по една неплатена сметка. Вториот потфат е оној што нѐ соочува со уникатноста на „дивиот запад“ во локална верзија. Првата асоцијација доаѓа од еден од најпознатите вестерни „Поштенска кочија“ (на Џон Форд, со Џон Вејн во главна улога): патниците се спасени благодарение на личната храброст на еден човек, но и со помош на американската коњаница, која доаѓа во последен миг. Нашата верзија е од евтините: ограбувањата на поштите (или дури и палењето на централната поштенска зграда) се редовни предизборни активности, јавна тајна е кои се сторителите – но, шериф/закон нема, а и коњаницата не гледа причина да интервенира. Ако проговорите за таа тема, ризикувате да ве етикетираат како „….фоб“, па мудро се молчи.

Предизборието е само циркус; многу поважно е она што се случува по изборите. Поради долгогодишната политичка доминација (и фаворизирачкиот изборен систем), битката се води помеѓу двете големи партии од македонскиот блок. ТВ-расправите се режирани на начин што треба да покаже дека овие две партии им се судбина на граѓаните, дека друг субјект нема шанса нешто паметно да каже или способност да промени. Отсуството, па и бојкотот на одредени помали партии, дури и не се крие. Во нормална држава скандал од прв ред би била изјава на главен уредник на национална телевизија за неговото признавање на нечија идеолошка (лева) позиција, со назнака дека нема да дозволи лидерот на таа партија да стапне во „неговото“ студио. И поради финансиските хендикепи и медиумската пристрасност, партиите што се алтернатива мораат да се снаоѓаат за да покажат дека СДССМ-ДПМНЕ не е судбина, дека нема демократија без алтернативи и идеолошки спектар, кадровски новини, пробиви надвор од матрицата (матриксот?)… На оние на кои им е доста од „судбината“ видена изминатите 30 години им останува да гласаат и да се надеваат дека во парламентот може да влезат барем неколкумина брилијантни, принципиелни и храбри, „расипувачи на забавата“ што ќе им ги поматат сметките во формирањето коалиција на „претплатените“ на фотелји (the usual suspects). И самата се препознавам во оваа група гласачи: подобро да дадам доверба некому со мирна совест, во согласност со своите морални и идеолошки позиции, отколку да ѝ се препуштам на инерцијата и на метаморфозата на излитените ликови – или на апатијата.

Но… Има едно големо „но“, лоша вест што научникот не може да ја премолчи. Кога нема „шериф“ (право) или дури и ако го има (во Вашингтон), а тој се прави наудрен и ги амнестира лошите момци, резултатите од изборите се сосема неважни. Во политичката терминологија, изразот king-maker означува личност/група/партија, која помага некој да дојде на власт со сопственото влијание. Историската заднина е во англиската „Војна на розите“ (15 век). Кингмејкерот обично користи политички, финансиски, верски, етнички или воени/насилни средства врз конституирањето на власта, иако самиот нема доволен капацитет да ја освои власта; но, тој е решавачки фактор на вагата на моќта. Иако биетничкото коалицирање кај нас не е формалноправна обврска, по правило, од 2002 година до денес, таа улога ја има ДУИ. Од еден изборен циклус до друг, сите може да се сменат/заменат местата, но тие се константа што го трасира патот на идната влада со испорачување етнички барања. Изборните програми стануваат стара хартија вечерта по завршување на изборите. Но бидејќи ние напредуваме „сваког дана, у сваком погледу“ – во обид да си обезбеди не само задржување на власта, туку и неказнивост, СДССМ овој пат се согласи на новина: испорачување етнички барања во предвечерјето на распуштањето на парламентот! Менувањето на Изборниот законик и Законот за лични документи беа прифатени без двоумење. За два месеца ќе следува нов бран, а само небото е граница за етничките апетити, но не само на ДУИ, туку и на другите албански партии – сите адвокати на трибална политика. Владината програма и насоките на развој на државата (најверојатно кон децентрализација проследена со делби и беззаконие, тотална ерозија на владеењето на правото, етнизација и федерализација) ги наметнуваат недопирливите и необорливите, што поради дисциплинираното и клиентелистичко гласачко тело, што поради слабата (или, поточно непостојна албанска опозиција. Натпреварот во таа заедница е кој ќе биде порадикален. Се сеќавате дека ни „шарените“ (божем) револуционери не се осмелија да бараат смена на ДУИ, туку дури и му помагаа со врзување на македонското (државно) и албанското (државно/етничко) знаме заради создавање привид на антинационалистичко движење. ДУИ си го проголтаа заедно со тиранската платформа, а и денес си молчат како залиени. ДУИ е структура што во заложништво нѐ држи сите, без оглед на етничката или друга припадност. Сѐ додека Албанците не им дадат шут-карта на „своите“, ќе страдаме и ќе бидеме неми сведоци на тоталниот колапс на заедничката држава. Уште полошо, зад кингмејкерите од ДУИ стои вистинскиот кингмејкер, од Калето – како и да му/ѝ е името. Потпирајќи се на идејата за „мир и стабилност“, како и покорност, и држење на уздите на разузданиот етнонационализам на другите опоненти (слично како кога го поддржуваа Милошевиќ од страв дека може да го замени Шешељ), САД играат на сигурно, без ризици – за нивните национални интереси. „Пациентот“ (Македонија) е во фатална фаза од метастазираната корупција и неспособност, па нека трае додека трае…

Низ оваа призма, изборите се бесмислена фарса: идеолошката матрица на економскиот либерализам, политичкиот диктат во однос на наводните реформи, водење на надворешната политика однадвор – сѐ е веќе утврдено, претворено во догма. Грчки колега (левичар) ме теши: „Зошто воопшто се возбудуваш за криминалниот начин на носење закони, кога знаеш чија волја се вградува во нив!? Капиталот е спремен на сѐ, прифаќа секакви будалаштини за да си ги оствари своите интереси“. Тогаш, има ли излез од бездната? Како давеник за сламка се држам за она мото на Грамши: песимизам на духот/умот; оптимизам на волјата! Владава што треба да ја испратиме во музејот на историјата стои на стаклени нозе од самиот почеток: таа зависи од неколку маргинални пратеници/партии и од „коалицијата со Муковски“. Изборот на помалото зло дава ист резултат – зло! Битката на „рекетарите“ и „клептократите“ (како што некој ги нарече учесниците на нашата „Војна на розите“) е за власт по секоја цена и за неолиберален статус кво во протекторатот. Ни треба нов/изненадувачки кингмејкер, чиј компас не покажува кон север и е насочен кон визија, која ја надминува „судбината“ зацртана од сијамските близнаци, ограбувачите на поштенски кочии и нивните надворешни спонзори. Од некаде мора да се почне – ако не сакаме сево ова да заврши, еднаш засекогаш!

П.С. Колумната за двегодишнината од „Прогласот 200“ објавен на денешен ден ја оставам за идната недела; македонската сага ќе потрае уште малку… Битно е што оваа нација има интелигенција, кога го обели образот, го артикулираше ставот на граѓаните, пророчки предупреди и алармираше, застана простум и ги издржа сите удари од дома и од надвор. Можеби симболичен гест, но барем децата да не се срамат од нас.