Го чекаме изгревот на зората на новата доба

603

Главното мото под кое се дејствува во државата е: работи за лична корист, а на општа штета. Нема милост за македонската „напатена душа“, за еден мал, скромен, сиромашен народ. Паметен, ама несреќен, најмногу сам од себе, по своја, не по туѓа вина. Звучи цинично, но во голема мера точно

Предновогодишните денови за мнозина се време на интимни дијалози со себеси, исполнети со моменти на преиспитување на околината и околностите во кои живееме, проследени со сомнежи, каења, неизвесности, но и нужна надеж. Се нижат прашања: на што се радуваме, што е тоа што нѐ натажува и мачи? Што направивме и што треба да направиме за во иднина? Каде и кому згрешивме, што и кого изневеривме? Што можевме да сториме, а не направивме, што направивме, а не требаше да направиме, згрешивме што направивме? Со кого се скаравме, а со кого не се смиривме? Во што се претворивме? Каде одиме? Кој е вистинскиот, правиот пат? Кој е патот да се стигне до спокојниот живот, до радоста, до среќата, ако не може до богатството и ѕвездите?

Живееме во време на големи прашалници, а на малку сигурни одговори. Дали забораваме кои сме и што сме? Кои ни се должностите, какви ни се одговорностите пред себе и пред другите? Што е ред и закон, што е право, што криво, што е лага, што вистина? Што е црно, што бело? Зошто сѐ повеќе ни се чини дека сликите од минатото ни изгледаат двапати поубави од оние што ги гледаме денес, нели е тоа бегство од реалноста? Зошто се мисли дека порано, ако не се живеело богато, се живеело почесно, побезбедно, подомаќински, дека зборот бил збор, честа повредна од парите. Чест секому – вересија никому.
Зошто во нашата денешница речиси и да нема добри намери меѓу луѓето, нема толеранција, меѓусебно разбирање, убавина, смеа, љубов од романи? Зошто се нема желба за убав збор, за пофалба на другиот, за прошка, за чување од лукавиот. Како се изгубија и кој ги угасна тие животни светила? Мора ли сѐ, ама баш сѐ, да биде подложено на голата политика и заслепените политичари, на постојаните реформи и антиреформи, на долгата транзиција, која не е само економска и политичка, туку и психолошка, има одраз врз нашите нерви, души, срца и мозоци, на здравјето во целост. И на трансформација на нашето паметење и брзо, насилно бришење на сеќавањата, на убавите спомени. Се навикнуваме на нови правила и начин на живеење под диктат на некој необразован, неспособен, а партиски силник. Се намножија уништувачи на човековата радост, на земјата живеат ѓаволите, на небото ангелите.

Дали од нашите животи исчезнаа прадедовските завети, чесните образи, меѓусебната почит, домашното воспитание, еснафските непишани правила уште од турско. Зошто сега не сме способни како родители да се разбереме за многу работи со сопствените деца, машки или женски, кои гледаат да побегнат што подалеку од нас и од сопствената држава. По некоја година татковината на нивните татковци ќе им биде само далечна носталгична слика, а националното потекло или чувство повеќе болка одошто гордост. На туѓ јазик ќе се прашуваат каква крв тече низ нивните вени. Таму кај што ќе живеат, најверојатно, ќе бидат успешни, богати и радосни, но сепак заробени во оковите на своето потекло.

Кога слушаме нечии говори, кога гледаме некои телевизии, кога читаме некои весници или фејсбук-статуси, треба да се прекрстиме и да му се заблагодариме на бога што сѐ уште сме живи. Сензации, афери, скандали, клевети, меѓусебни плукања, се вртат како на фабричка лента со работници што прават дупла норма и работат без пауза. Црното е бело, белото црно, поразените се прогласуваат за победници, победниците со поголеми рани од победените. Со години е пуштен духот од шишето и нема јунак што може да го врати назад. Коњи за такви трки ние немаме. Главното мото под кое се дејствува во државата е: работи за лична корист, а на општа штета. Нема милост за македонската „напатена душа“, за еден мал, скромен, сиромашен народ. Паметен, ама несреќен, најмногу сам од себе, по своја, не по туѓа вина. Звучи цинично, но во голема мера точно.

Алармантно, шокантно, неверојатно – со такви наслови секој ден сме бомбардирани со сомнежи, полуоткритија и чисти факти за криминогено минато и покриминогена сегашност, кои се во служба на дневната политика и меѓусебните партиски пресметки, од кои државата и граѓаните немаат никаква полза. Освен политичари, главен медиумски збор водат новинари што долги години беа (а можеби уште се) во административен брак со полицијата, со нејзините тајни служби и агенти. Еднаш на список, секогаш на список. Нивните имиња и ликови се познати, речиси секој ден ги има на екраните или во весниците, кој со брада кој без неа, кој стрижен, кој бричен, која во шарен фустан, која во хеланки. Тие се и обвинители и судии и кадии. Тие даваат ум, тие колат, тие бесат, секогаш по нечија наредба, по нечиј скапо платен налог. Тамам мислиш дека ги снемало, одеднаш ќе изникнат во некоја друга бавча, во нечија друга нива за орање, наведнати над вимето на нечија нова крава за молзење, домашна или странска, сеедно.

Се одржува константно жешка политичка атмосфера, во време на тешка беспарица, на обезвреднет труд, а голема скапотија. Царуваат тендерите, кралува корупцијата, митото им прави секојдневно друштво, дење – ноќе. Ни суд ни правда. И никој нема вистински одговор како ќе живееме утре, а најмалку оние што ги избираме. Нивните ветувања се претвораат во ветер и магла, ветрот ги раздувува, маглата ги крие. Така се шири политичкото загадување на околината, на атмосферата. Како да сме опитни глувци – колку може да издржиме во неповолни околности, не само климатски.
Клучните политички зборови во годината што изминува (2019) беа НАТО и Еу. За едни радост, за други разочарување. Од едни фалби, од други критики. Цивилизација, глобализација, национален суверенитет, демократија, партократија, се нивни главни дами придружнички. Многу врева, малку реални, видливи ефекти. Додека дојдеме до НАТО и влеземе во Еу многумина од нас ќе живеат во светот на турските телевизиски серии, кои ни стануваат второто лице од нашиот живот, нашиот втор дом, тајно прибежиште од реалниот во кој живееме. Во нив наоѓаме лажна утеха, тие не учат на патриотизам, на морал, на семејни односи, на култура на однесување, од нив сознаваме што значи жешка, страсна љубов, уште повеќе што значи тешка изневера. Има надеж – ако на тие вредности не нѐ научија петстотини години претходно, ќе нѐ научат денес. Со арно или со лошо, под заштитниот чадор на НАТО и под стреата на надежта за подобро утре во Еу, кога најмалата плата ќе биде илјада евра по сегашна вредност. Можеби е илузија ова да се мисли, но кој ни забранува да фантазираме.

Значи, ние сега, на прагот на новата година, сме народ што чека да го огрее „зората на новата доба“. По сѐ што изгубивме, (името), сега чекаме да добиеме некои компензации. Не случајно е измислен и слоганот „изгуби за да добиеш“. Како што е измислена и поговорката „надежта умира последна“, а всушност живее вечно, кај секого и во секое време.

[email protected]