Го отпразнувавме 8 Септември: 30 години несамостојност

508

Не постои ништо пофантастично
од реалноста Ф.М. Достоевски

Знам, ќе речеш задоцнета е мојата реакција, драг читателу. Да. За тоа е виновен Тесла. Но и онака знаеш дека јас не сум дневничен колумнист. За тоа ги има доволно овој весник, многу поакрибични, сеизмографски хроничари на ова време. Јас, пак, по обичај доцнам и затоа што мислам дека некои ефемерии и глупости, особено од областа на политиката, имаат, како што би рекол Крлежа, метафизички квалитет, а Ајнштајн: вселенски пречник. Така. Ме разбра. Затоа сега in medias res преминуваме конкретно на темата, како што е насловена, на нашата денешна колумна. Ти велиш премногу радикална, но ќе видиш дека не е, дека станува збор за една прослава во облик на политичка перверзија, или шарена лага за народот. Оти денес политиката и политичарите тешко дека и може да се дефинираат со некој друг поим во оваа цивилизација, а особено кај нас. Денес нема ни трага од идеалната држава и идеалните политичари како што ги замислуваа нив Платон и некои други антички мислители. Сѐ е тука и сега докрај обесветено, антиморално и антиетично.
Сепак, на Осми септември нашата политичка ескадрила од највисоките до пониските ешалони славеше. За народот воопшто не сум сигурен. Истовремено тука веднаш се случи и оној страшен пожар во тетовската модуларна болница, како еден вид симболична слика на политиката и власта. Таквото фатално поклопување како судбина на една несвесна со една реална ситуација Јунг го именува со поимот синхроницитет. Во нашиот случај синхроницитет на среќата што ни ја нуди власта и на несреќата што ни се случува токму поради неа. Сеедно. Сега да преминеме на фактите, драг читателу.

Првин имаме мала грешка во насловот-хипотеза на колумнава, кој ако сакаме да биде точен, треба да гласи: „Една година независност и 29 години зависност“. Или поарно, несамостојност. Прашуваш: како? Па, така. Независни, така ни дозволија да бидеме „мајсторите на смртта“ (П. Целан) само во 1991-та, кога ја дефиниравме оправдано и екстатично самостојната македонска република. И таа година што мина во радоста како илјадити дел од секундата во вечноста беше, да се изразиме во стилот на европската сецесија, нашата La belle epoque исполнета со шампањско и дионизиско пијанство. И само толку. Толку ни дозволи Блудницата Вавилонска од Брисел, сега во цврст сојуз и со страшниот левијатан од Вашингтон. Толку, оти како што знаеш, драг читателу, веднаш потоа, 1992-та, дојде геноцидната по Македонците Лисабонска декларација, со која излезе од потсвеста на површина темната сенка на европскиот фашизам, и тоа по вторпат кон нас, по она фашистичко бомбардирање на Черчиловите авиони со американско потекло во Беломорска (Егејска) Македонија во 1948-та. Со таа декларација се бараше за крвавиот танц на бриселовашингтонската Саломе нашата идентитетска глава: Името. Нашето преименување како услов за влез на струјата на сега валканата западна цивилизација, управувана од корумпирани бирократи и политички и воени профитери. Тоа ни го смислија западните сатрапи. И тоа, имено, нам и ни се случи за пократко од три децении (2018), со етапно уривање, понижение и страшна стигматизација со поставување од страна на ликвидаторите на политички челници и апсолутно марионетски влади, каква што е особено оваа сегашната кај нас.
Така. Оти со европскиот проект за наше ништење решително поставен со Букурешкиот договор во 1913-та се покажа како недоволен за тоа, ни голготите на Македонците потоа (како војници во туѓи војски: бугарска, српска, грчка) во балканските и Првата светска војна. Наместо тоа, тие воскреснаа како кристал со АСНОМ во Втората светска војна. И тоа, како што гледаме сега, ја исплаши Европа, па го смисли, завиткан божем во цивилизациски демократски целофан, идентитетскиот геноцид над нив. Сè тргна од она несреќно БЈРМ на Глигоров, па натаму со менување по грчка волја (перверзната едиповска љубов на Европа) на шеснаесетзрачното сонце, што го носеле како симбол на штитовите воините на Александар Македонски, кого сега имаа намера со политички декрет да го погрчат, иако е сепак незгодно да се вика Александар Грчки. Нели? А потоа што се случуваше понатаму, знаеш, драг читателу.

Во 2001-та се збидна англискиот тероризам над Македонците, како еден вид саркастична благодарност за тоа што тие со отворено срце примија над 350.000 косовски бегалци по оној силеџиски излет на бомбардерите на НАТО што убиваа за свои демонски цели и Срби и Албанци во 1999-та. Така. И тој тероризам поддржан отворено од Брисел и Вашингтон, кој го помагаа и логистички и со оружје тие, бидејќи сто стапа по туѓ грб не болат, го преквалификуваа во борба за човекови права. Уште повеќе, потоа ни го стокмија и понижувачкиот капитулантски Охридски договор и ни ги доведоа терористите во Владата и парламентот, кои денес управуваат со Македонија во правец на создавање по поинаков пат од Косово на трета албанска држава: Илирида. И тоа не го кријат, оти зад нив во тоа стојат и нивните моќни западни пријатели, особено Американците и Германците. Така се дојде до една парадоксална ситуација (единствена како експеримент во светот) на супрематија на малцинството над мнозинството понижено од него. За таа цел, пак, драг читателу, беше смислена и Тиранската платформа стокмена од ЦИА за крајно, целосно докусурување на суверенитетот на државата и потиснување до ѕид на збунетите и немоќни, иако, рака на срце, и дотерани во експериментот до малодушност и апатија Македонци. Македонците од оваа генерација, кои, за жал, без разлика на силниот евроамерикански притисок, мораа да се постават похрабро кон третиот Илинден, по оној на ВМРО, а потоа и на асномци. Но, за жал, не се случи тоа.
Не се случи, а работите околу идентитетската ликвидација, маскирана со демек преименување само со невина придавка заради среќна иднина (каква перверзија) се одвиваа бездушно и молскавично. Финалето на таа мрачна садистичка политичка игра на мачка и глушец беше Договорот за добрососедство со бугарската аварохунска хиена (потоа пласирана и како словенска и тракиска) и најпосле како завршен чин на идентитетската ликвидација, смртоносниот Преспански договор во јуни 2018. И таа голготска преспанска сцена, драг читателу, беше слична на онаа на Исус (нека ми прости Тој за оваа споредба) кога го распнаа по налог на Евреите римските војници на крстот, сега заседнати во Брисел и Вашингтон.

Токму и затоа во овој контекст го цитирам Исаија, кој кусо но извонредно експресивно ја опишува оваа мачна сцена што ја видел во своите виденија како пророк осум столетија и кусур пред да се роди Месијата, „големата светлина во Витлеем“, како што ја вика тој. Еве: „Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење, како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста. Со сила и со суд се ослободија од него, и кој ќе го искаже неговиот род? Да, од земјата на живите го отстранија Него, за гревовите на неговиот народ (Евреите, не Македонците, м.з.) го ранија на смрт. (Исаија: 53: 7-9).
Тоа е тоа, драг читателу, а ние славевме перверзно независност. Nocturno, de profundis, memento mori. Па имаше и некои анкетирања за лажната триесетгодишна независност, и не меѓу обичниот народ туку пак меѓу политичарите, кои ги туркаа Македонија и Македонците кон идентитетска смрт. За џабе цела шума од „интелектуалци“, универзитетски професори и академици, кои со прст не мрднаа кога нè ликвидираа идентитетски во Преспа, а ние славиме 30 години независност. Хипокрити! Уште за таа лажна независност добивме звучни честитки и од нашите идентитетски ликвидатори. Најзвучна беше онаа на Бајден од Вашингтон, демек дека САД како „пријатели“ нема да нè оставеле на цедило. Само не знам дали тој мислеше на Македонците, или на Албанците. Оти изгледа човекот имал некаде ментален спој на жичките, па заборавил (или мислел дека Македонците се идиоти и со кратко паметење) на неговиот неодамнешен заканувачки указ да не смеат да се гибаат Охридскиот (во кој е вклопена и цијашката Тиранска платформа) и Преспанскиот договор. Бугарскиот во тој контекст се подразбира.

И така е тоа, драг читателу, кога јас и ти, како што би рекол реткиот Македонец, гениј и борец Блаже Конески, можеме само да рикаме од мака дека сме родени во „смачкано племе“. Дека ем ќе те тепаат, ем ќе викаш добро е, не боли. Па, сепак, јас никогаш не сум го прекорил Господ дека ме испратил во такво племе составено само од рани. Оти што ќе правев да бев напуван самозадоволен од империјалната моќ Французин, Англичанец или Американец? Оти знам зошто сум испратен од Создателот тука и сега. Покрај другото, сега и не да бидам дел од лагата дека сме 30 години независни, додека нè ликвидираа западните и балканските сатрапи и нè погребаа идентитетски во Преспа пред три години. Не. Кај мене и кај тебе, драг читателу, нема да помине оваа дрска лага. No pasaran. До гледање до следната наша средба.