Господа, се гледаме во Софија!

3859

Бугарија историски секогаш предизвикувала раздор, кавга, немир и неслога помеѓу Македонците. Во периодот кога создадовме држава во вистинска смисла на зборот, влијанието на бугарската тајна служба и нејзините клонови беше ограничено. Меѓутоа, по распадот на југословенската федерација, бугарските агенти повторно започнаа да „роварат“ во Македонија. За волја на вистината, бугарската служба успеа да спечали неколку Македонци за бугарската кауза, кои подоцна имаа, а некои и сѐ уште имаат важна улога во македонскиот политичко-општествен живот.
Овие бугарски „игри“ се многу едноставни. За оние што не се запознаени, разговорот помеѓу „ловецот“ и „пленот“ најчесто се води во кафеана и во пријатна атмосфера. Пред неколку години имав интересна средба со еден господин познат по своите бугарофилски ставови. Оваа личност со својата харизма и интелигенција успеа да врбува неколку Македонци и поради некоја причина следен негов „плен“ бев јас.
„Добар ден, многу си ми симпатичен, мора да пиеме во кафеана“, ми рече. Понудата ја прифатив бидејќи контроверзните личности отсекогаш ми биле слаба точка. Посетивме неколку кафеани, една, две, три и сѐ така до бесконечност. Мојот соговорник постојано се навраќаше на темите Македонија, Македонци, историја, македонски Бугари, идентификација, кауза, јазик итн. Постојано повторуваше дека Гоце Делчев е Бугарин! Македонските револуционери имаат бугарска национална свест!

Македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната и Тито! Ванчо Михајлов! Ванчо Михајлов! Ванчо Михајлов! Швајцарија на Балканот! Имам литература, да ја прочиташ, да ја осознаеш вистината! Се изнаслушав бугарска „класика“, која постојано се вртеше како стара грамофонска плоча.
По неколку часа разговори, требаше да се разделиме со господинот, притоа во ниту еден момент во текот на дискусиите немав забелешка ниту контрааргумент за неговите тези. Мирно и трпеливо ги ислушав неговите ставови. Никогаш не сум влегувал во отворен и личен конфликт поради македонската нација, затоа што секогаш сум се водел од принципот – нема потреба да се брани нешто што е реално и суштествува. Тука е! На очиглед на секого! Барем така мислев.
Но дојде времето кога требаше да го дадам мојот одговор. „Јас сум Србин!“, му велам. По овој одговор, на неговото лице забележав збунетост. Настапи тишина, која траеше околу петнаесет минути. Не знам какви мисли му се вртеа во главата, најверојатно дека му го потрошив драгоценото време. По долгата „Бекетова пауза“, ми вели: „Во ред, сепак треба повторно да се видиме, да дојдеш, да ти дадам литература!“ „Да, секако“, му одговорив. И така се разделивме со харизматичниот господин. Секој си тргна по својот пат. Со оваа личност повторно се сретнав неколку години подоцна, во текот на чествувањето на Јане Сандански во Роженскиот манастир. Меѓутоа не дискутиравме, бидејќи бевме на спротивните страни.

Моето прифаќање на македонската идеологија не е случајно. Македонизмот, македонштината и македонољубието никогаш немале екстремна форма и отсекогаш ги негувале и штителе македонските особености – идентитетот, јазикот, културата и историјата на Македонецот. Македонскиот национализам никогаш не се наметнувал, а негова одлика не е омразата кон туѓото и поинаквото. Не случајно во неговата суштината лежат слободарството и демократичноста, принципи што се во кодот на македонскиот народ.
Македонштината како слободарска идеологија е олицетворена од Гоце Делчев, кој вели: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“ или „Јас не ги мразам Османлиите како народ, јас војувам против османлиската тиранија како владејачки систем.“ Во овој дух е и максимата на Јане Сандански: „Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенството.“
Впрочем, македонизмот секогаш има тенденција кон обединување на сите жители на Македонија, без разлика на етникумот и религијата. Затоа Декларацијата на АСНОМ од 2 август 1944 година е проткаена со слободарски дух: „Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и религија. На националните малцинства им се обезбедуваат сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му се загарантирани слободата на вероисповед и слободата на совеста.“

Сега да се навратиме на „Бекетовата пауза“ што ја споменавме и да се обидеме да ја објасниме. Бугарскиот национализам отсекогаш сонувал за голема Бугарија, од Црно Море до Охрид. Тој е екстремен, тесен, исклучувачки и агресивен. И како таков се карактеризира со македонофобија, србофобија, гркофобија, албанофобија, туркофобија итн. Кога говориме за бугарскиот национализам, не можеме да не го споменеме фашизмот, затоа што бугарскиот фашизам всушност е катарза на екстремниот бугарски национализам – Санстефанска Бугарија.
Денес бугарската политичка елита како повторно да се враќа на фашизмот. Далеку од тоа да навредуваме некого, меѓутоа денешната реторика на најголемиот дел од политичари во Бугарија е наметлива и агресивна и, како таква, е карактеристична за екстремниот национализам, за кој нема место во Европската Унија! Или има?
Да го разгледаме и прашањето на денот – бугарското вето. Екатерина Захариева може бесконечно да вели „тоа не е вето“, но ветото е вето и Бугарија ја блокира Македонија! Тоа е вистината и нашата политичка елита треба да се соочи со оваа вистината, а таа гласи – невозможни се разбирање и компромис со бугарската националистичка идеологија. Тие бараат да ја отфрлиме слободарската македонштина и да го прифатиме бугарскиот екстремен национализам, кој секогаш му бил туѓ на Македонецот. Овие две идеологии се побиваат меѓу себе.
Ниеден специјален преговарач не може да ги промени позициите на бугарската елита за македонското прашање, впрочем нивниот став не е нов и постојано го слушаме триесет години: „Еден народ, две држави“, ама како да бевме глуви. Колку побрзо го разбереме, толку подобро.

Многумина веруваа дека бугарската влада тактизира околу ветото и дека на крајот ќе се откаже од заканата што постојано ја слушавме, но реалноста е сурова. Бугарската политичко-општествена елита многу одамна ја изгради својата политика кон Македонија. Лажната верба на македонската влада дека Бугарија нема да биде пречка пред портите на ЕУ лежи во непознавањето на бугарските ставови, со други зборови „не знаеја со кого си имаат работа“. И тука не говориме за контроверзната стратегија позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“, објавена на бугарски, македонски (или како што тие го нарекуваат западнобугарски дијалект) и англиски јазик, туку за нешто друго.
Македонците имаат проблем со бугарскиот екстремен национализам. Само погледнете го однесувањето на бугарската држава во последниве сто години кон Македонија и македонскиот народ. Секако дека има исклучок, периодот 1945 – 1948 година, кога бугарската влада предводена од Георги Димитров ги призна особеностите на Македонците – самоопределување, јазик, култура, историја итн. Но многумина забораваат дека Димитров е Македонец и всушност ниеден бугарски државник никогаш не ги признал националните особености на Македонецот! Нема таков, не постои! Ако има, слободно можете да го именувате. Признавање на државата и признавање на нацијата не е исто.

Да се навратиме на Захариева. Бугарската министерка за надворешни работи не заборави да нѐ потсети дека бугарската позиција е јасна и дека бара гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство, патоказ за негово спроведување, декларација дека нема претензии за македонското малцинство и употреба на јазикот според Договорот од 2017 година. Каква бесмислица!
Ние би се задржале на прашањето за малцинството. Ниеден македонски граѓанин – Македонец, Албанец, Србин, Турчин итн. – нема право да се изјаснува за македонското малцинство, затоа што тоа е внатрешен проблем на Бугарија. Да потсетиме дека Македонија со договорот од 2017 година е обврзана да не се меша во внатрешните работи на нејзиниот сосед. Прашањето за македонското малцинство е европско прашање и ќе го реши Европската Унија.
Што се однесува до нас, ние ќе ја почекаме одлуката за регистрација на ОМО Илинден-Пирин и еден убав ден ќе заминеме за Софија, каде што ќе гласаме за оваа македонска партија. Да, имам бугарски пасош и граѓанин сум на Бугарија! Можеби сум македонист, но понекогаш треба да се биде прагматичен. Господа, се гледаме во Софија!