Гордоста да си на црната листа на САД

2092

Не дека оние на Калето и нивните прислужници одамна не ми зеле мерка и знаат точно која сум и што (не) можам да сторам – но, сепак, му доаѓа на човек потреба да им порача јавно дека не му е грижа за извршните наредби на нивниот претседател (I don’t give a damn/sh*t). Самото мое постоење, мојот глас, употребата на зборот Македонија е (засега) мојот единствен начин на отпор (dissent) кон неоколонијалниот господар. Тоа сум го правела и дома и надвор со децении, секогаш кога е во прашање Pax Amerikana. Новиот момент е што од 2018 година особено ми стануваат драги сите публикации во кои тврдоглаво и пркосно стои Macedonia, што е кошмар за грчката и западната јавност. Вревата во врска со божем новата извршна наредба на Бајден, кој ќе ги казнувал сите што директно или индиректно ќе се спротивставувале на Охридскиот и Преспанскиот договор, е претерана. Таа свесно им оди во полза на муртинскиот естаблишмент и неговите сателити од медиумскиот и цивилниот сектор.

Ене ги, веќе се радуваат дека опозицијата ќе замолчела или исчезнала (небаре, пак, таа се претегна од бунтување). Неразбирлива ми е кратката меморија, и тоа кај умни луѓе: „наредбата“ за која надолго и нашироко дебатираат зошто сега се појавила и кого ќе ставеле на црната листа е стара цели 20 години!!! Таа само се обновува (апдејтира, би рекле по нивно), па, така, покрај досега наведените Дејтонски, Кумановски и Охридски, сега е додаден и Преспанскиот договор – сите „чеда на американската администрација“ претставени како прашања на националната безбедност на САД. За некого шокантно, за други смешно, но ништо ново! Некои го препознаваат бугарскиот договор меѓу редови, и тоа некаде помеѓу мирот и стабилноста, но лично не би ме чудело некој дојрански анекс да се приклучи на низата – со што ќе се „контаминираат“ сите наши природни езера. Наводниот акцент на борбата против корупцијата е да умреш од смеа: ги заболе во Белата куќа за криминалот и корупцијата! Па, без тие „балкански методи“ (како што во октомври 2018 година ги нарече тогашниот ЕУ-комесар за проширување Хан) немаше ни да дојде до промената на Уставот!

Целиот проект на менаџирање, стејтбилдинг и „терапевтско владеење“ од страна на Вашингтон (со помош на Брисел) се темели на етаблирање „балкански принцови/вождови“ (кои минале покрај Макијавели), кои ќе бидат кооперативни и послушни кон западните интереси. Во слободно време можат да тераат бизниси, марихуани и потешки дроги, да распродаваат природни ресурси, од земјите да прават депонии, да се во брак со урбана мафија и сл. – сè додека ја гарантираат стабилократијата на овие простори. Стабилократија е само нов, академски израз за стар феномен – на вазалство и обезбедување на статус квото во полза на колонијалниот господар. Освен политичкиот естаблишмент составен од главно ступидни и лакоми ликови, операцијата даде резултати и таму каде што се очекува ум, разум, академска слобода и/или интелектуален отпор. Брилијантниот Игор Радев ги опиша интелектуалните прислужници („кафени сахиби“), кои всушност ја претставуваат културната хегемонија на Западот, која е помоќна од физичката/воената окупација. Тоа е севкупна операција за атака на колективниот ум на една нација и на индивидуалните проблесоци. Што е тоа ако не нова верзија на „заробениот ум“, познат божем само од лошите комунистички диктатури? Да се биде „опасен елемент“ или црна овца на црна листа на диктатура, источна или западна, е чест за секој што држи до себе и својот интегритет, кого моќта не го ни заслепува ни корумпира.

Некои од нас веќе подолго време зборуваат за неоколонијалното менгеме во кое сме ставени, а кое дури и не го чувствуваме, бидејќи е спакувано во обланди за прогрес, прозападни вредности, интеграции – и многу нереални ветувања. Тешко дека ќе најдете десетина видни луѓе што ќе кажат дека се ПРОТИВ членството на МАКЕДОНИЈА во НАТО и во ЕУ. Дури и ако меѓу нив има некој што е против воената алијанса (од икс причини), ЕУ ќе му застане в грло – нема да смее да бекне! Сè додека не си признаеме дека сме робови, нема да знаеме ни како да се бориме за слободата – или што да правиме со неа! Извршната наредба на Бајден (претходно донесена и менувана од секој негов претходник) е само „каубојскиот начин“ на справување со потенцијалните противници. Се разбира, ние што само пишуваме и зборуваме сме безначајни, „ситна боранија“ за нив, бидејќи знаат дека нашето влијание е ограничено. Ако случајно гласот ни се чуе погласно или се артикулира политички, ќе следуваат други мерки на дисциплинирање, за коишто неиздавање американска виза ќе биде мачкина кашлица. Ние си имаме работа со безмилосен господар на прстените: Асанж, Менинг и Сноуден се најдобрата илустрација за тоа што им се случува на оние што ја зборуваат вистината. Инсистирањето на Дејтон е јамката околу вратот на една веќе нефункционална квазидржава, а и ние не сме поарни со Охрид. Преспа служи за делегитимација и во внатрешни и во меѓународни рамки. САД се толку безидејни и арогантни што ги чуваат своите неуспеси небаре создале рај на Балканот.

Што значи за македонските граѓани инсистирањето на Охридскиот и Преспанскиот договор, подигнати на ниво на свето писмо? Тоа значи дека од нашиот народен суверенитет не останало ништо! Дека сме номинално држава, а фактички подолу од протекторат, бидејќи ни Уставот (базичниот општествен договор) не смееме да го промениме без нивен амин или „извршна наредба“. А тие даваат амин само за сопствен интерес и по цена на целосно размакедончување. Да потсетам, Охридскиот договор беше напишан на англиски, од американски експерти, никогаш не беше ратификуван, а беше преточен во уставни амандмани во 2001 година (а устав сменет под принуда однатре и однадвор не е ни устав, туку акт на капитулација). Додавањето во преамбулата во 2019 година беше само „цреша на шлагот на американската пита“. Нивните годишни извештаи или извршни наредби се инаков вид на „вечна клаузула“ за непромена на бинационалната додека им одговара. Но, уште Џес Бејли работеше на случајот „федерализација“, така што за САД се вечни само нивните интереси.

Повиците за уставотворно собрание се само крик на храбри луѓе на кои патувањето на Запад не им е животен приоритет. Преспанскиот договор е по малку и трагикомична приказна, бидејќи беше склучен наводно меѓу претставници на две суверени држави, и е билатерален акт во кој САД наводно немале удел (за ова многу дискутирав со грчкиот колега Алексис Хераклидес, кој неодамна објави книга за македонското прашање и беше убеден дека немало американско влијание). Ниту актот беше напишан од претставниците на македонската и грчката страна, ниту беше креиран низ непосредни преговори. Тоа е октроиран документ, нивно „чедо“, проект што не смее да пропадне – иако е смешно дека за САД национален интерес било решавањето на спорот околу тоа кому му припаѓал Александар Македонски! Како договорот беше внесен во Уставот уште паметиме: наспроти народната волја, наспроти Уставот, со поткуп и застрашување пратеници итн.

Многу радуваат проблесоците на некои наши преумни луѓе, кои сè уште имаат моќ да замислат подобра Македонија, предлагаат визии и стратегии, најавуваат време за будење. Во атмосфера кога една „извршната наредба“ му дава ветер в грб на велепредавничкиот и авторитарен естаблишмент, на неговиот божем цивилен сектор, па дури и академската легитимација што доаѓа од универзитетот, секој ваков јавен настап е рамен на лично херојство. Но, прашањето е дали можеме колективно, заедно да смениме нешто? Дури и овие против кои се бунтуваме симболично, ќе немаат ништо против ако се залагаме за демократија, за човековите права, за недискриминација, за интеграции, борба против корупцијата (која не смее да ги погоди нивните пулени) – сè додека нашите планови не се радикални (т.е. не зафаќаат во коренот на нештата).

Тој корен не е само во нашата некадарност туку во фактот што сме окупирана територија, со народ што сè уште не е подготвен за саможртва, кој е онемоќен и обезличен, понижен и уплашен. Дотогаш само како поединци ќе пишуваме „храбро“ за Македонија (никогаш Северна). Додека некој од политичките фактори не му каже НЕ прво на Калето, а потоа и на оние другите, промена ќе нема. Стравот, конформизмот и опортунизмот се опасна работа – рак-рана за секој слободарски ум, ама и за политичката култура. Тоа го гледам и во мојата непосредна средина, кога на затворен состанок меѓу десетина колеги, некој упорно зборува за Северна Македонија (не знам дали е од страв да не биде исцинкарен за политичка некоректност или заради лично фајде од кооперативноста). Тоа потсетува на сцени познати од сталинизмот, од Орвеловата „1984“, од Информбирото – кога луѓето се плашат едни од други и си наметнуваат самоцензура. Ништо ново, нели?

Како понатаму? Само со одржување на жарчето што тлее и не е сосема загасено. Додавање гориво, заштитување од силните ветришта и негување на бунтовниот дух, макар и во мали средини. Нештата треба да се гледаат во перспектива, не од денес за утре. Јас можеби нема да доживеам промена, но таа е извесна. Еден од моите најумни и најхрабри пријатели (да, и во Шведска и во Данска е потребна храброст да не се биде мејнстрим), Јан Оберг неодамна ми рече: „Попусто го спасуваме Западот! Доста сме преокупирани со него, тој решил да се самоуништи, бидејќи ги гази постулатите на просветителството и сето она во кое божем се колне.“ Навистина, каква е таа „најсовршена демократија“ која ампутира делови од еден народ, го тепа и не му дава да плаче? (А не е еден народ, се разбира – ние сме само дел од подолга низа.) Ако не те бомбардира, тогаш те замолчува и застрашува (канселира, откажува) – со наредба или без неа, сеедно. Не е до некој документ, туку до стратегија и политика на сила. Но, светот се менува. Ние (засега) остануваме слепци загледани во сонце што заоѓа, додека Истокот е во пораст, во секој поглед – од културен до политички и економски.