Големо ни е името – ќе сакаат да ни го одземат

1538

Вака некако рекол Блаже Конески, кој за некого е мал, а за некого е голем, но никој не може да му ги одземе големите мисли што ги изрекол пред многу години. Дали бил пророк или само обичен човек што ги осетил моментот и состојбите, а тоа не е од вчера и не е ништо ново. Процесот за одземањето на нашето вековно име почнал со прогласувањето на второто Македонско Царство во Византиско и трае до ден-денес. Самиот процес никогаш не е прекинат, само што некогаш тој бил поагресивен, а некогаш помлак. Сѐ зависело од политичките состојби, односно од моќта на организаторите. За почеток им успеало да го прекрстат царството, да го прекрстат Македонскиот Полуостров во Балкански, Македонското Море во Јадранско, да ги избришат од учебниците трите македонско-римски војни, а македонската династија Птоломеј на чело со Клеопетра да ја претстават како чиста Арапка и цел свет да ја препознава како таква.

За да ги избришат македонските династии што владееле со Средоземјето и Блискиот Исток морале да ја избришат и сета староегипетска култура, стара со илјадници години, и на површина да извадат некојаси старогрчка култура, иако во тоа време немало ни трага од Грци. Денешниве Грци ги претставуваат за наследници, а на другата страна денешниве Египќани немаат право на тогашното наследство, исто како и ние. И на неупатениот човек тоа му изгледа дека сите оние пирамиди, записи, цртежи и преостанато го граделе и создавале вонземјани. Ист е случајот и со нас, ништо не ти било наше, по што по нивните теории ние сме паднале од небо во 6-от век. Тоа што му давале златници на султанот со декрет да го забрани спомнувањето на името Македонија и Македонци мислат дека ќе го заборавиме.

Можеме ли да го заборавиме и укинувањето на Охридската Архиепископија, исто така со златници. Кој за пари, кој за слава или од незнаење, светот, а и ние, прифативме некојаси старогрчка култура што ја измислил Дројзен, а е заснована на мит, односно на народни приказни. Во недостиг од прави докази за нивната историја нѐ замајуваат со некои бикови и двоглави змии, а го исфрлаат фактот дека Филип и Александар Македонски ги таманеле тогашните Елини, кои денес велат дека биле Грци и одеднаш и Филип и Александар ти биле Грци. За жал, и нашите браќа по крв и род, односно сите славјански народи од Македонскиот Полуостров до Балтикот се фатија на јадицата на Дројзен и се откажаа од своите македонски корени. Се откажаа од старомакедонскиот црковен јазик и писмо и го прогласија за старославјански и сакаат да докажат дека писмото и верата ги примиле од вселената, а не од нас.

Па така нивните академии на науки ги кријат сите стари книги и записи каде што може да се види вистината за Македонија и Македонците ги присвојуваат и ги претставуваат како Бугари или Срби и ако поимот Бугарин и Србин се појавил илјадници години по Македонците. Тоа што во Библијата не постојат ни Бугари, ни Срби, ни Грци, ниту некој друг од нашите браќа, тоа за нив не важи и наместо да застанат во одбрана на брендот што се вика Македонија, тие атакуваат на него со сите сили, а не се свесни дека атакуваат на бога, затоа што бог сакал така да се викаме. Ќе дојде ден кога ќе излезат на виделина сите оние 6.000 текста за македонското постоење, колку и да ги кријат по светските подруми. Еден ден кога светските историчари ќе си ја победат суетата вистината за Македонија ќе излезе на виделина, не дека денес нема такви, но тие се помалку, а светските инквизитори ги сатанизираат, а има случи каде што ги ликвидираат. Би сакал да резимирам со фактот дека вистината е на наша страна, но, за жал, нашите квазиисторичари, квазиакадемици и квазиинтелектуалци, со чест на исклучоци, спијат зимски сон наместо да го бранат најсветото.

(Благоја Филиповски-Бојанче)