Големата победа: Заедничка одговорност пред историјата и иднината

826

Колумна на Владимир Путин, претседателот на Руската Федерација

Поминаа 75 години откако заврши Големата Татковинска војна. Во текот на овие години пораснаа неколку генерации…

Војната остави длабока трага во историјата на секое семејство. Зад овие зборови стојат судбините на милиони луѓе, нивните страдања и болката од загубеното. Гордоста, вистината и сеќавањето.

За моите родители, војната беше страшната мака на опсадениот Ленинград, каде што починал мојот двегодишен брат Витја, и каде што мојата мајка едвај останала жива. Мојот татко, и покрај тоа што бил ослободен од воената обврска, се пријавил како доброволец во одбрана на родниот град – како што постапуваа тогаш милиони советски граѓани. Се борел во местото „Невски Пјатачок“ и бил тешко ранет. И колку повеќе се оддалечуваат од нас тие години, толку повеќе чувствувам потреба да поразговарам со моите родители, да дознам повеќе за воениот период од нивниот живот. Но, веќе немам можност да ги прашам, и затоа свето ги чувам во моето срце разговорите што ги имав со татко ми и мајка ми на оваа тема, и нивните воздржани емоции.

Убеден сум дека дел од карактерот на народите на Русија е да го исполнуваат својот долг, да не се штедат себеси доколку тоа го бараат околностите. Самопрегорот, патриотизмот, љубовта кон родниот дом, кон семејството, кон Татковината – овие вредности денес се фундаментални, стожерни за руското општество. Врз нив, во принип, се темели суверенитетот на нашата земја.

Нашата одговорност пред минатото, но и пред иднината е да направиме сè за да спречиме повторување на ужасните трагедии.

Потребно е да се продолжи со анализирањето на причините кои доведоа до светската војна, со размислувањата за нејзините комплексни настани, трагедии и победи, за нејзините лекции, како за нашата земја, така и за целиот свет. И овде, ќе се повторам, од принципиелно значење е да се потпира исклучиво на архивските материјали, сведоштвата на современиците, да се исклучат какви било идеолошки и политизирани
домислувања.

Поделбата на Чехословачка беше сурова и цинична. Во Минхен се срушија дури и кревките формални гаранции што беа останале на континентот, се покажа дека меѓусебните договори не вредат ништо. Токму Минхенскиот заговор послужи како тригер, со кој големата војна во Европа стана неизбежна.

Денес, европските политичари, пред сè, полските лидери, би сакале да го „премолчат“ Минхен. Зошто? Не само затоа што нивните земји тогаш ги прекршија своите обврски, го поддржааа Минхенскиот заговор, а некои од нив дури учествуваа и во поделбата на пленот, туку и затоа што им е непријатно да се потсетуваат дека во тие драматични денови од 1938 година единствено СССР застана во заштита на Чехословачка.

Минхенскиот заговор му покажа на Советскиот Сојуз дека западните земји ќе ги решаваат безбедносните прашања без да водат сметка за советските интереси, а доколку се укаже прилика ќе можат и да создадат антисоветски фронт.

Без оглед на тоа, Советскиот Сојуз се обидуваше до последна можност да ја искористи секоја шанса да создаде антихитлерова коалиција, повторувам, и покрај дволичната позиција на западните земји.

Што се однесува до склучениот договор за ненапаѓање (со Германија), сега има многу разговори и претензии токму на адреса на денешната Русија. Да, Русија е наследничка на СССР, а советскиот период со сите негови триумфи и трагедии е составен дел од нашата илјадагодишна историја. Меѓутоа, да потсетам дека Советскиот Сојуз има дадено правна и морална оценка на таканаречениот пакт Молотов-Рибентроп. Во одлуката на Врховниот совет (на СССР) од 24 декември 1989 година, тајните протоколи беа официјално осудени како „чин на лична власт“ кој воопшто не ја одразуваше „волјата на советскиот народ кој не сноси одговорност за таа зделка“.

Истовремено, другите држави претпочитаат да не си спомнуваат за договорите потпишани меѓу нацистите и западните политичари. А да не зборувам за правната или политичката оценка на таквата соработка, како и за преќутната согласност на некои европски лидери за варварските планови на нацистите, па дури и нивно директно охрабрување.

Исто така, не знаеме дали имало „тајни протоколи“ и анекси на договорите на голем број земји со нацистите. Ни преостанува само да „веруваме на збор“. Меѓу другото, сè уште не се декласифицирани документите за тајните англо-германски преговори. Затоа, ги повикуваме сите држави да го интензивираат процесот на отворање на нивните архиви и објавување на претходно непознати документи од предвоениот и воениот
период, како што тоа го прави Русија во последните години. Во овој контекст сме подготвени за широка соработка, за заеднички истражувачки проекти на научниците историчари.

Втората светска војна не се случи преку ноќ, не започна неочекувано, одеднаш. И агресијата на Германија против Полска не беше ненадејна. Таа е резултат на многу трендови и фактори во светската политика од тој период.

Сите предвоени настани се поредија во еден судбоносен синџир. Меѓутоа, се разбира, главната работа што ја предодреди најголемата трагедија во историјата на човештвото беше државниот егоизам, кукавичлукот, охрабрувањето на агресорот во подем и неподготвеноста на политичките елити да бараат компромис.

Сите водечки земји, некои повеќе, некои помалку, сносат дел од одговорноста за започнувањето на војната. Сите направија непоправливи грешки, арогантно верувајќи дека можат да ги надитрат другите, да си обезбедат еднострани предности или да останат вон дофатот на глобалната катастрофа. И таа кусогледост, одбивањето да се создаде колективен безбедносен систем мораа да се платат со милиони животи и огромни загуби.

Изнаоѓањето на објективните оценки на настаните од минатото треба да биде работа на академската заедница со широко учество на авторитетни научници од различни земји. Ние сите имаме потреба од вистината и објективноста. Од своја страна, секогаш ги повикував и ги повикувам моите колеги на смирен, отворен, доверлив дијалог, на самокритичен, непристрасен поглед во однос на заедничкото минато. Ваквиот пристап ќе овозможи да не се повторат направените грешки и да се обезбеди мирен и просперитетен развој во наредните години.

Сепак, многу наши партнери сè уште не се подготвени да работат заеднички. Напротив, во стремеж да ги постигнат своите цели, тие го зголемуваат бројот и опсегот на информациските напади против нашата земја, сакаат да нè примораат да се правдаме, да се чувствуваме виновни, и донесуваат целосно лицемерни политизирани декларации.

Покрај заканата за основните принципи на светскиот поредок, постои и морална, етичка страна. Сквернавењето на споменот, подигрувањето со него, е подлост. Подлоста може да биде намерна, лицемерна и сосема свесна, кога во изјавите по повод 75-годишнината од крајот на Втората светска војна се споменуваат сите учесници во антихитлеровата коалиција, освен Советскиот Сојуз. Подлоста може да биде кукавичка, кога се уриваат споменици подигнати во чест на борците против нацизмот, оправдувајќи ги тие срамни постапки со лажни пароли за борба против непожелна идеологија и наводна окупацијата. Подлоста може да биде крвава, кога оние што им се
спротивставуваат на неонацистите и наследниците на Бандера, се убивани и горени. Повторувам, подлоста се пројавува на различни начини, но со тоа не станува помалку гнасна.

Заборавањето на лекциите од историјата секогаш има висока цена. Цврсто ќе ја браниме вистината заснована врз документирани историски факти и ќе продолжиме чесно и непристрасно да зборуваме за настаните од Втората светска војна. Ова, меѓу другото, е целта на амбициозниот проект за создавање во Русија на најголемата колекција на архивски документи, филмски и фотоматеријали за историјата на Втората светска војна и на предвоениот период.

Сојузниците заеднички го формираа Меѓународниот воен трибунал со цел да се казнат нацистичките политички и воени злосторници. Одлуките на трибуналот содржат јасни правни квалификации за злосторствата против човештвото, како што се геноцид, етничко и верско чистење, антисемитизам и ксенофобија. Нирнбершкиот трибунал директно и недвосмислено ги осуди и помагачите на нацистите.

Оваа срамна појава ја имаше во сите европски земји. Таквите „дејци“ како Петен, Квислинг, Власов, Бандера, нивните придружници и следбеници, иако се кителе со перјето на борци за национална независност или слобода од комунизмот, всушност се предавници и џелати. Во својата нехуманост тие често ги надминувале и своите господари…

Дело на нивните крвави раце се, меѓу другото, и масовното стрелање во Бабиј Јар, масакрот во Волињ, горењето на Хотињ, истребувањето на Евреите во Литванија и Летонија.

И денес нашиот став останува непроменет: за злосторствата на помагачите на нацистите нема оправдување, ниту застареност. Затоа зачудува кога во одделни земји оние што се посрамотија соработувајќи со нацистите, одеднаш се изедначуваат со ветераните од Втората светска војна.

Сметам дека е неприфатливо да става знак на равенство помеѓу ослободителите и окупаторите. А глорификацијата на помагачите на нацистите ја гледам исклучиво како предавство на споменот за нашите татковци и дедовци. Како предавство на идеалите што ги обединија народите во борбата против нацизмот. Создавањето на современиот систем на меѓународни односи е еден од најважните резултати од Втората светска војна. Дури и најнепремостливите разлики – геополитички, идеолошки, економски – не се пречка за изнаоѓање на начини за мирен соживот и соработка, доколку постојат желба и волја.

Нашиот долг, на сите кои преземаме политичка одговорност, пред сè претставниците на државите-победнички во Втората светска војна, е да гарантираме дека овој систем ќе биде сочуван и усовршен. Денес, како и во 1945 година, е важно да се покаже политичка волја и заеднички да се разговара за иднината. Нашите колеги – господата Кси Џинпинг, Макрон, Трамп, Џонсон – ја поддржаа руската иницијатива за одржување самит на лидерите на петте нуклеарни држави – постојани членки на Советот за
безбедност…

Очекуваме дека таквата средба лице в лице ќе се одржи веднаш штом ќе се укаже можност.

Како ја гледам агендата за претстојниот самит? Пред сè, целисходно е да се разгледаат насоки за унапредување на начелата на колективизмот во светските прашања, отворено да се поразговара за зачувувањето на мирот, зајакнувањето на глобалната и регионалната безбедност, стратегиската контрола на вооружувањето, за заедничките напори во борбата против тероризмот, екстремизмот и другите големи предизвици и закани.

Посебна точка на агендата на состанокот е состојбата во глобалната економија, пред сè, надминувањето на економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Нашите земји преземаат мерки без преседан за заштита на здравјето и животот на луѓето, за поддршка на граѓаните кои се најдоа во тешки животни ситуации. Меѓутоа, колку ќе бидат сериозни последиците од пандемијата, колку брзо глобалната економија ќе излезе од рецесијата, зависи од нашата способност да работиме заеднички и усогласено, како вистински партнери. Сосема е неприфатливо економијата да се претвора во инструмент за притисок и конфронтација. Меѓу актуелните теми се и заштита на животната средина и борба против климатските промени, како и обезбедување на безбедноста на глобалниот информациски простор.

Без сомнение, самитот на Русија, Кина, Франција, САД и Велика Британија ќе одигра важна улога во изнаоѓање на заеднички одговори на предизвиците и заканите на денешницата и ќе демонстрира заедничка посветеност на духот на сојузништвото, на високите хуманистички идеали и вредности за кои нашите татковци и дедовци заеднички се бореа рамо до рамо.

Потпирајќи се на заедничката историска меморија, ние можеме и мораме да имаме доверба еден во друг. Ова ќе биде цврста основа за успешни преговори и усогласени активности за зајакнување на стабилноста и безбедноста на планетата, за просперитет и благосостојба на сите држави. Без преувеличување, ова е нашиот заеднички долг и одговорност пред целиот свет, пред денешната, но и пред идните генерации.