ГМО-држава

976

Деновиве читам колку се опасни по здравјето и животот ГМО-храната, зеленчуци и овошје. Смртоносни. И на кутиите цигари пишува дека се смртоносни, ама оди кажи им го тоа на пушачите. Еден мој пријател од Преспа (не грчката, не албанската, туку засега, до Нова година – македонската Преспа) тврди дека јаболката, додека дојдат на маса, се прскаат 28 пати! Сите зеленчуци и сите овошја и сите меса и месни производи имаат ГМО-потекло. Само воздухот остана „природно“ загаден. Како што напредува науката, на прагот се да измислат ГМО-народ и ГМО-држава. За среќа, македонскиот народ има силни македонски гени и тие ќе ја зачуваат Република Македонија за следните неколку милениуми. Просто, имаме вроден ген за држава. ,,Македонија до Индија“. Инаку, некои економски силни држави и нивните институти, без ронка проблем и отпор на луѓето со слаби гени и држава, ќе им измислат и ново ДНК или нова држава. Веќе може да се изнајмуваат гени. Ви недостигаат гени за машкост, изнајмувате. Веќе има и натпревар на пазарот за гени. Една млада компанија, основана од научници од Харвард, Кембриџ и Масачусетскиот технолошки институт, има амбиција да ја направат достапна модификацијата на гените.

Некои луѓе може да им ги даваат под наем своите гени на луѓе на кои им недостигаат такви. Ако веќе постојат хибридни возила, зошто во иднина да нема и хибридни држави и хибридни народи. Хибридни луѓе веќе има. Ова ме потсетува на еден виц од времето на другарот Тито. Една љубопитна, но генетички остроумна баба отишла кај него и го прашала: ,,А бе синко, ова социјализмот, кој го измисли – вие политичарите или научниците?“ „Какви научници бе, бабо! Ние, политичарите, го измисливме социјализмот!“, одговорил другарот Тито. „Знаев бе синко, дека сте вие, политичарите. Да беа научниците, прво ќе го испробаа социјализмот на кучињата“, рекла бабата. Тито не беше учен, туку бравар и затоа му пропадна државата, не издржа ниту 50 години. Сепак, браварот ни направи незаборавна услуга: си имавме своја држава НРМ, СРМ, РМ, барем педесетина години. Ја паметиме ние југоносталгичарите, кои денес ги ребрендираа во македононосталгичари. (носталгиа е гр. збор – копнеж). Простете, има и луѓе со тешка памет и тежок карактер и нелесно се префрлаат од едно граѓанско општество во друго, од една партија во друга. Им треба време. На некои и времето ќе им истече и си умираат – исти. Од лулка до дупка. Лесно им е на лесните по карактер, брзо ја сфаќаат реалноста и брзо се преквалификуваат.

На грчки тоа се вика метаморфозис, преобразба. Во еден живот малку им се пет држави, пет државјанства и неколку преселби. За среќа, сега имаме и учена власт и генетички здрава нација и се надевам дека новата држава, со ново име, ќе трае барем неколку милениуми. Но поентата на колумната е „свадбата“ во Преспа, а не Тито, во чија држава моите покојни предци и родители беа авангарда (работничка класа). Замислете сега да имате татко железничар, кој не примил 15 плати, и мајка чистачка во „Железара“ на минималец. Ќе се гордеете со нив? Таквите ќе ги наречете авангарда? Е, моите покојни родители беа АВАНГАРДА (фр. предводници) на општеството. А, за свадбите и за традициите учев од „Галичка свадба 95“, на која бев и кум и спонзор. Невообичаено, скопјанец до коска, да спонзорира свадба. „Морално“ беше поради деловните обврски кон јапонска туристичка група. Тој морал ми наложи да ја спонзорирам свадбата што од Министерството за култура беше објавена за откажана, на неколку недели пред Петровден. Со Јапонците се допишувавме една година и како да им кажам дека пред една недела, Министерството за култура на ТВ-дневник објави дека поради немање средства (во СРМ парите ги викаа средства, беше вулгарно за пари да се каже – пари) оваа година нема да се одржи манифестацијата. Нема друго, се фатив на орото и за џебот и ја спонзорирав свадбата.

Од радост, галичани ме наградија со кумство и јас станав и кум и спонзор на „Галичка свадба 95“. Во Галичник од локалните организатори ги учев традициите и обичаите, како да се однесувам на свадбата, небаре сум галичанец. Морам да признаам, тоа беше уникатно искуство и чувство во кое се внесов и емоционално и финансиски. Топло препорачувам да одите да ја видите свадбата, не мора и да ја спонзорирате. Два дена бев галичанец, облечен во дебела волнена галичка носија, бечви. Свадбата вообичаено треба да е на Петровден, 12 јули, но тогаш покровителот на „Галичката свадба“ (кој само свечено ја отвора, со свечен трогателен говор), претседателот на Собранието на РМ, тогаш Саво Климоски, тие денови правеше свадба на својата ќерка во Скопје и за тие потреби го поместија Петровден во Галичник, за десетина дена подоцна. Една од невообичаените традиции во саботата рано наутро, пред зори, се оди на гробиштата, на кои младенецот и неговиот татко ги известуваат починатите предци и „ги канат“ на свадба. Невообичаено, но незаборавно, за предците и за семејството на младенецот, качени на гробот гласно ги канат покојните предци. Предците како постари „ќа дает изим“ (дозвола) за свадбата. Таа свадба и покана, наедно со известие и барање изим од предците, ме потсетија на „свадбата во Преспа“ (според Ципрас). Не верувам дека министерот Димитров ги извести или побара изим на гробот од неговите егејски предци, кои во време на Граѓанската војна страдаа и беа ѕверски протерани токму од местото на „свадбата“. Требаше да бара изим од Мирка Гинова и од костурските херои.

Требаше да бара изим од илјадниците луѓе што спиеја во коли околу грчкиот конзулат и понижувачки докажуваа дека не се Егејци и добиваа виза. За понижувањето глас крена само тајванска новинарка, за која напишав „Тајванката толку можеше“ во случајно банкротираниот „Дневник“, на 15 август 2005 година! Моите вардарски предци, во чие име Димитров толку радосно потпиша иднина, за сосема нова, светла држава, со ново и светло име Северна Македонија, широкоградо ги прегрнаа протераните, истото тоа го направи целиот комунистички блок, до Ташкент, главниот град на Узбекистан. Но најблиску до Македонија им беше НР Македонија. Седумдесетгодишната „војна“ со Грција, кога вистинска, кога фиктивна, беше заради закрила на „протераните“, на кои во седумдесеттите години на минатиот век државата им даде југословенски пасоши и, наместо имињата на селата од егејскиот крај на Македонија, сите имаа родно место Скопје. Оттогаш, во нивна чест, сите ние за Грција станавме скопјани. Премиерот Заев ќе каже: ,,Дури сега (по Нова година) ќе добиеме имотен лист-тапија од меѓународната заедница ООН. Досега бевме без имотен лист“. Да, бевме без имотен лист, ама сега имотниот лист ќе биде на два носитела, два титулара, на два службени јазика и две писма, на кирилско и на албанска латиница. Ништо страшно, тоа е реалноста. За некого ова беше античка и го антиквизиравме Скопје, во нивна чест, со наши пари.

Во правото, новиот имотен лист го нарекуваат „идеална половина“. Која е мојата половина, а која на коалицискиот партнер, нема многу да се знае, барем во прво време. Нова химна, нов грб, ново знаме, нова држава, понова држава од Република Косово, која, ете, го задржа и не го промени името. Како да им се објасни на костурските херои дека нивната татковина ги протера во нашата татковина. Ние сега вторпат ја жртвуваме нашата, во интерес на нивната татковина. А, жртвата била непотребна и залудна. Треба да се побара изим и од Алејата на непобедените херои и искрено да им се каже, дека тие само си вообразувале дека се непобедливи и херои. Треба да им се каже на сите загинати и починати борци и на незнајниот јунак дека победата дојде дури сега, на глисер во Преспа. Имам чувство дека институтот од нас прави ГМО-држава. Простете, на ова не можам да аплаудирам.