Гласови што обележаа етничка територија

1724

ПОГЛЕД НА ПОСЛЕДНАТА ГЛАСАЧКА МАПА

Каде се во балканските околности Македонците, македонскиот народ? Каде е нивното пристојно место во сопствената мултинационална, мултикултурна, мултирелигиска и мултитрадициона- листичка држава? Кои се нивните механизми за одбрана во една
претпоставена балканска какофонија? Каква е нивната национална политика и кои се нивните краткорочни и долгорочни цели? Многу прашања, малку одговори

На електронската страница на Државната изборна комисија е поставена колорна мапа, која низ две бои, црвена и сина, ја прикажува сликата за конечните резултати од последните претседателски избори. Црвената ги прикажува општините во кои мнозинство гласови доби кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ (Гордана Сиљановска), а сината општините каде што повеќе гласачи имал заедничкиот кандидат на СДСМ и на Демократската унија за интеграција (победникот Стево Пендаровски).
Сликата сама по себе сугерира размисли за неколку работи на кои не им се посветува доволно внимание, а сепак се битни за политичкото устројство и иднината на државата. Претставената колорна илустрација не е одраз само на партиската поделеност меѓу Социјалдемократскиот сојуз и ВМРО-ДПМНЕ, иако главно така се толкува.

Извор: ДИК

Слика на неформални граници

Таквото поимање е еднострано, површно и не води кон вистински заклучоци. Заблуда ќе биде дури и ако доминантната црвена боја се набљудува како масовна доверба во ВМРО. Тие гласови не се чисто вмровски, туку се своевиден национален македонски протест и незадоволство од договорите со Бугарија и Грција, од влошениот стандард и социјалната запоставеноста на големиот број пензионери што беа навикнати на годишно покачување на пензиите. Ако се погледне повнимателно мапата, ако се споредат некои бројки по региони и градови, ако таму се направат само неколку сосема мали разместувања со бројот на гласовите, јасно ќе се види дека таа, колку што е формален израз на добиените резултати, колку што е гласачка, уште повеќе е територијално-идентитетска, да не речам реално национална.

Таа е слика што ги покажува неформалните граници на етничката поделеност меѓу Македонците и Албанците на територијата на Република Македонија (Северна) и на можната евентуална поделба на таа територија во некои претпоставени околности, поделба каква што беше направена од окупациските сили во Втората светска војна. Кога ќе се погледне опсегот со сината и црвената боја, речиси е неизбежна асоцијацијата или споредбата со картата на голема Албанија, која сѐ почесто ја објавуваат албанските националисти, а во која е вклопена токму таа територија од сегашна Република Македонија, од Липково до Струга, со додадени клинови и кон внатрешноста.

Сликата сигурно дека не е драматична сама по себе. Но ако се имаат предвид политичките процеси и движења на Балканот, во кои се вклопуваат сѐ поотворените чекори за бришење на границите меѓу Албанија и Косово, како и предлозите за припојување кон нив на Прешевската долина, не може во тој склоп да не биде засегната и Македонија со нејзината сегашна територија. Најави во таа насока не изнесуваат само познати албански националисти туку и неколкумина официјални косовски и албански лидери, кои на митинзи како гости на албанските партии во сама Македонија отворено говорат и повикуваат на обединување и на овој географски дел.
Националната политика на Косово и Албанија (одвоено и заедно) е најуспешната државотворна и национална приказна во Европа на почетокот на 21 век. Таа се покажа како највитална, најпродорна и најпродуктивна. Нивната поврзаност со НАТО и Америка, нивната жилавост во меѓународните односи, борбата за докажување на сопствениот историски територијален идентитет, не само што им донесоа самостојна држава туку експресно ја наметнаа како еден од главните фактори без кои не може да се реши јазолот на Западен Балкан.

Каде се во ваквите околности Македонците, македонскиот народ? Каде е нивното пристојно место во сопствената мултинационална, мултикултурна, мултирелигиска и мултитрадиционалистичка држава? Кои се неговите механизми за одбрана во една претпоставена балканска какофонија? Каква е нивната национална политика и кои се нивните краткорочни и долгорочни цели? Многу прашања, малку одговори.

Каде се Македонците?

Искуството од минатите близу триесет години од независноста не дава доволно елементи за задоволство од постигнатото во минатото и некоја силна верба во иднината. Ако се исклучат првите години и мирното раздружување од поранешна Југославија, спречувањето на обидот на Албанците од 2001 година воено да ги окупираат териториите што ги сметаат за свои и неодамнешната промена на името на државата, нема други меѓници што би зборувале за некои посериозни пресврти што би ја зацврстиле позицијата на Македонците дома и на меѓународната сцена.

Во целиот овој период, со исклучок на првите години кога претседателствуваше Киро Глигоров, македонската национална политика или ја нема или е во дефанзива или е водена погрешно. Македонскиот народ преку ниедна партија, преку ниту една организација, формална или неформална, не создаде своја национална, македонистичка програма, не изгради доктрина според која ќе ја води својата иднина кон сигурен пат. Неоспорно е дека државата и мнозинството нејзини граѓани уште на почетокот од осамостојувањето се определија за ЕУ и НАТО, но се испостави дека цената за тој пат за голем дел од граѓаните беше превисока – со лесно дадено име, со мали гаранции за безбедност и без никакви материјално -финансиски надоместоци за подигнување на слабите економските параметри, поволности што во такви услови им се даваат на сите земји.

Последните претседателски избори, како и неколку претходни, покажуваат дека по Охридскиот договор, по усвојувањето на Бадентеровите принципи воведени во Уставот на државата, на етничкото мнозинско население, односно на Македонците, им е одземено правото да решаваат за својата судбина, како на гласање при избори, така и при гласање за круцијални прашања за чие решавање е нужно двотретинско мнозинство со доволен број албански гласови во Собранието. На тој начин е деструирана и оневозможена мнозинска национална политика, таа е ставена во целосна зависност од волјата и расположението на малцинството, пример што го нема во ниту една западноевропска или источноевропска држава.

Умртвени национални институции

Македонскиот национален глас е замолкнат и потиснат, нема национална институција задолжена за некаква заштита, инструменти какви што има другата страна, нема национални лидери, национални социолози, филозофи, историчари, релевантни и почитувани, како што има секоја држава, секоја нација. Не само од оваа влада туку во континуитет се задушуваат и умртвуваат националните институции што се занимаваат со вистинските македонски национални прашања, со националната историја, идентитет, јазик, култура, традиции. Секој кренат глас во македонска корист од актуелната политика и од медиумските поткупени и подмитени странски инсталации се прогласува за македонски национализам и се претставува како обид за загрозување на меѓуетничкиот соживот, додека секое, дури и антилогичко и државно штетно барање од страна на албанските партии, добива позитивен прием и третман.

Додворувањето кон албанските политичари во Македонија и до гласачите Албанци беше видливо и при последната кампања за претседателските избори, каде што преку поданичкото однесувањето на двајцата кандидати се покажаа македонската немоќ, недостоинственост и „клањање кон други идоли“. И не се случајности, не се лаги дрските, груби, навредливи тврдења од видни албански челници дека Албанците владеат со Македонија, дека тие на Македонците им избираат претседател на Собранието, на Владата и на државата, тврдења што во заднината содржат и своевидна закана до македонските политичари и граѓани да внимаваат како постапуваат.

Општество или држава за сите – прашање е сега

Претседателот на Владата Зоран Заев како нова доктрина на партијата СДСМ понуди едно општество за сите. Таа не е оригинална, но е благородна идеја за средување на состојбите во една несредена, сиромашна, нестабилна, мултинационална држава. Иако оваа идеја нуди макар минимум меѓунационално заедништво, апсурдот е во тоа што токму таа предизвикува нова поделеност и дополнително чувство на загрозеност и обесправеност кај Македонците (најмногу преку промената на името), што се одрази и при гласањето за избор на претседател. Општеството за сите функционира на хартија, но во реалноста е далеку од очекуваното. Создавањето такво општество е долг процес и за него се потребни многу повеќе напори и пари, кои Македонија (Северна) ги нема. Во таа смисла можеби е дојдено време за мала но суштинска корекција на дефиницијата „едно општество за сите“. Таа корекција ја понуди Блерим Река, третиот учесник во кампањата за избор на претседател, кој инсистираше на доктрината „една држава за сите“.

Значи, останува прашањето дали Македонија, македонските власти, сегашни или идни, ќе градат општество или ќе градат држава за сите, не заборавајќи ги притоа интересите на мнозинскиот народ. Некои најверојатно не гледаат разлика меѓу едното и другото, но во светот функционираат држави. Не општества, како што сака да биде македонското, во кое, ако се симне фасадата, ќе се види дека не се на потребната висина ниту македонските внатрешни национални односи, ниту пак меѓунационалните, меѓу Македонците и Албанците.

[email protected]