Гејм оувер!

2209

По дебаклот на првиот круг на локалните избори, премиерот Зоран Заев најави „гејм чејнџ“ (промена на играта), демонстрирајќи длабок јаз со реалноста и јавноста, чија порака е „гејм оувер“ (крај на играта)! Да, гејм оувер, локалните избори ако не стават крај, ќе го означат почетокот на неминовниот крај на владеењето на Зоран Заев

По дебаклот на првиот круг на локалните избори, премиерот Зоран Заев најави „гејм чејнџ“ (промена на играта), демонстрирајќи длабок јаз со реалноста и јавноста, чија порака е „гејм оувер“ (крај на играта)! Да, гејм оувер, локалните избори ако не стават крај, ќе го означат почетокот на неминовниот крај на владеењето на Зоран Заев.
И тука веднаш може да се контрааргументира, првиот круг не е дебакл, локалните избори не се завршени и Зоран Заев не живее во илузии, ја прими пораката на јавноста! Тенки контрааргументи! Доволни беа изразите на лицата на Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, министри во Владата, молкот во изборниот штаб на СДСМ, да се разбере дека првиот круг е дебакл, не во мои, наши очи, туку во очите на раководството на СДСМ. Локалните избори не се завршени, но е јасно проопозициското расположение во упоришта на СДСМ, како Карпош на пример. Во очај, на најјако се ставени негативната кампања и очајниот повик „не оставајте ме сам“. Нема посилен доказ за илузиите на Зоран Заев од полноќното тврдење дека Петре Шилегов води убедливо во Скопје. А како јавноста го перципира тоа, најдобро го илустрира пост на Твитер: „Не знам дали повеќе пати ја примивме пораката или ЕУ датумот“.
Некој изгледа ја прескокнал приказната „Царевата нова облека“! Во политиката е важно да знаеш кога да влезеш, но уште поважно е да знаеш кога да излезеш! Нешто што не го направија ниту Бранко Црвенковски, ниту Љупчо Георгиевски, уште помалку Никола Груевски и сега Зоран Заев. За првпат две анкети покажуваат дека довербата во Зоран Заев е преполовена и е пониска од таа на Христијан Мицковски. А Зоран Заев е централен во локалниве и мисли дека им го подига рејтингот на нивните кандидати.

Како Зоран Заев и СДСМ од крвта на 27 април 2017 година и огромната доверба доверена од граѓаните стигнаа за четири години до својот крај? Да, граѓаните му доверија огромна доверба на Зоран Заев, му доверија владеење на национално и многу убедливо на локално ниво (локалните избори во 2017 година), доби и свој претседател на Републиката, Стево Пендаровски! Со изборот на директни избори во СДСМ како единствен кандидат, доби неоспорен мандат за водење на СДСМ. Едноставно ги изневери клучните ветувања за кои граѓаните му ја дадоа таа поддршка! Зоран Заев и СДСМ ветија евроатлантска интеграција на Македонија и владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот! Промената на името, како тоа се направи, остави длабоки лузни на македонското општество, а за возврат не стигнавме до целта членство во НАТО и ЕУ! Не било наша вина, Бугарија блокирала. Не е проблем со Франција и Бугарија, туку неспособноста на нашето раководство да ги процени состојбите и ризиците и соодветно да се справува. И Бојко Борисов да му забил нож во грб на Зоран Заев, некој требало да го предвиди тоа. Да не зборувам за газењето на тоа малку национално достоинство што ни останува!
Ако некаде СДСМ целосно потфрли во ветувањата и очекувањата, тоа е темата за владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот, напуштање на клучната парола „нема правда, нема мир“. Од амнестијата за промена на името, преку „Рекет“ и скандалозните бегства на еден куп осомничени или осудени, до случаите на корупција во самиот врв на власта. Листата е премногу долга, а исклучива одговорноста на Зоран Заев и СДСМ! Нема тука Франција, Бугарија, ова-она.
И на врвот на тоа, секојдневната демонстрација за „неспособноста“ на СДСМ.

Во капиталните вложувања, инфраструктура и енергетика, ај што нема поместување на автопатот Кичево – Охрид или гасификацијата, туку и тие два километри автопат што ги ветија кон Приштина ги нема, а за тоа време Косово направи автопат до нашата граница! Енергетскиот шок ја покажа катастрофалната состојба на енергетскиот систем! За лошото справување со ковид-19 говори стрмоглавото паѓање на популарноста на Венко Филипче. Суетата на Мила Царовска, која ги закопува реформите и го врти образовниот естаблишмент против СДСМ. Еврофилот Маричиќ, кој прави измени во изборен законик среде избори. Дипломатски скандали во МНР. Криминал не само избеган од контрола туку вдомен во самото министерство за негово гонење. Попис оспорен од многумина. Повторно низа без крај, со исклучоци како Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими, Димитар Ковачевски и неколкумина. И зад секој неуспех стојат клиентелизам, корупција, криминал!
Кога падот стана видлив кон крајот на 2019 година и спроти парламентарните избори, Зоран Заев и СДСМ ги употребија валканите методи на Груевски, како поттикнување раскол во ВМРО-ДПМНЕ, со „вонредниот конгрес“, финансирање на својата опозиција Интегра, која на парламентарните избори одзеде најмалку 2-3 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и други. Отвори пресметка со „пркосните“ во СДСМ и се опкружи со улизици полоши од тие на Груевски. Не треба многу анализа за да се види дека Максим Димитриевски во Куманово и Стојко Пауновски во Тетово го чинат СДСМ најмалку една третина од загубата на овие избори. Хари Костов, поранешен премиер и директор на една од најголемите банки, на 13 август упати жестоки критики за клиентелизмот, партизацијата, корупцијата и долгот и побара фискален борд! Пораката не е примена. Бранко Црвенковски со слични пораки, исмеан од апологетите и ботовите на Заев.

На врвот на оваа бескрајна болна низа, се случи пожарот во ковид-болницата во Тетово. Јавноста шокирана, не знаеш од што повеќе, од јавашлакот како причина на трагедијата или од комплетното отсуство на сочувство кај Зоран Заев и Венко Филипче. И додека јавноста во огромно мнозинство очекува одговорност, неа ја нема. Пред пораката на јавноста на изборите, Зоран Заев имаше своја порака до граѓаните. Пораката до граѓаните е многу едноставна, драги граѓанки и граѓани на Македонија, ние никогаш нема да одговараме морално, а уште помалку кривично, и во отсуство на индивидуална одговорност, единствен начин да одговараме е колективно да нѐ казните на избори! И граѓаните, за разлика од Зоран Заев, ја послушаа пораката, ги казнија Зоран Заев и СДСМ, а се надевам и ДУИ ќе се приклучи во казната!
Од другата страна, ВМРО-ДПМНЕ по шокот на парламентарните избори, се справува на кампањата за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ, наменета да ја намали поддршката од умерените гласачи од урбаните центри, оневозможи коалицискиот капацитет кај етничките Албанци и секако да ја скрати поддршката од меѓународната заедница.

Христијан Мицковски ја совлада суетата, собра храброст и презеде важни чекори. Прво ја затвори нетрпеливоста со Митко Јанчев, за кого имаше негодување кај дел од членството. Со тоа Мицковски, за разлика од Заев, кој направи минус во Куманово, си направи 10.000 плус во Кавадарци. Вториот смел чекор е кандидирањето на Данела Арсовска, наспроти од членството преферираниот Коце Трајановски. Сега не можеме да тврдиме кој ќе беше поуспешен кандидат, но Данела Арсовска ја отвори вратата за коалицијата со Алијанса на Албанците и Алтернатива, и оттука е подобар кандидат. Секако, и одважноста да првата жена градоначалничка на Скопје ќе биде со поддршка од десницата, а не левицата. Уште потежок чекор не само за ВМРО-ДПМНЕ туку и за Алијансата е нивната предизборна соработка. И фактот дека СДСМ и ДУИ со цела жестина ја нападна и ја напаѓаат оваа соработка говори колку е таа закана за власта на СДСМ и ДУИ. И на крајот, на овие избори ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка од Европската народна партија (ЕПП).
На 31 октомври граѓаните ќе имаат можност да ја допишат пораката што ја започнаа во првиот изборен круг. И по цена да изгорат добри кандидати на СДСМ, пораката ќе се доврши. Гејм оувер! А тие што се плашат од враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, промената на Зоран Заев ќе биде порака и до нив, доколку не ги исполнат очекувањата, ќе бидат казнето на некои идни избори.

#Избори2021
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek