Генетските предиспозиции и негрижата за сопственото здравје водат кон хипертензија, која бара доживотно лекување!

293

Пациентите со хипертензија треба да имаат предвид дека со стареењето може да дојде до промена во одговорот на организмот кон лековите што ги земаат, поради што треба да ги почитуваат препораките за здрав животен стил и редовно да го контролираат својот притисок, а по потреба да побараат лекарска консултација за корекција и оптимизација на антихипертензивната терапија

За повеќето од читателите, веројатно, е познат податокот дека речиси 50 проценти од сите заболувања отпаѓаат на болестите на кардиоваскуларниот систем. Притоа примарна индикација кај најголем дел од пациентите е покачениот крвен притисок или т.н. хипертензија. Проблемот со хипертензија станува особено фреквентен кај мажите над 40 години и кај жените над 50-та, a кај добар дел од пациентите, кои не вршат редовни прегледи, се случува и неколку години да живеат со покачен крвен притисок и навидум да не воочуваат никакви симптоми.

Сепак, мора да бидеме свесни дека покачениот крвен притисок, со вредности над 140 ммХГ (систолен) со над 90 ммХГ (дијастолен) притисок, на долг рок носи значајни оштетувања на сите клучни органи: срцето и крвните садови, мозокот, бубрезите и очите со краен ризик од срцев или мозочен инфаркт. Затоа основна терапевтска цел е одржување на крвниот притисок под 140/90 ммХГ, а за дијабетичарите под 130/90 ммХГ.

За зачувување нормални вредности на крвниот притисок од особена важност е да практикуваме здрав животен стил уште од раната младост. Пред сѐ, потребно е да имаме контролиран внес на сол (до 3г/ден, бидејќи е штетен за бубрезите), да бидеме физички активни (барем 30 минути/ден) и да одржуваме нормална телесна тежина, добро да го менаџираме стресот, да исклучиме употреба на никотин и умерено да консумираме алкохолни пијалаци. Сепак, во голем број случаи, поради недоволна грижа за сопственото здравје во комбинација со присутни генетски предиспозиции, огромен број од нас доаѓаат во ситуација да им биде дијагностицирана хипертензија.

Во оваа ситуација следува долготрајна (читај – доживотна) терапија со антихертензивни лекови и тоа: АКЕ- инхибитори, блокатори на Ca-канали, диуретици, сартани или бета блокатори, а во чести ситуации и нивни различни комбинации. Со оглед на тоа што тековните тераписки упатства велат дека кај пациентите под 55 години прва линија на терапија се т.н. АКЕ-инхибитори, ќе посветам малку повеќе внимание на некои клучни податоци врзани со овие фреквентно пропишувани лекови.
АКЕ-инхибитори (еналаприл, лизиноприл, рамиприл, трандолаприл) се инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим со што спречуваат настанување на ангиотензин 2, кој е клучен за појава на покачен крвен притисок, но и за оштетување на органите. На овој начин со долготрајна примена на АКЕ-инхибитори не само што го одржуваме под контрола крвниот притисок туку и вршиме органопротекција и на 2 начина го намалуваме ризикот од срцев или мозочен удар. Клучен момент од терапијата е дефинирање на соодветна доза на лекот (или комбинацијата), која ќе обезбеди одржување на крвниот притисок во нормални вредности, за што е важна добра соработка меѓу пациентот и лекарот како и дисциплина во примањето на терапијата, и редовна контрола на притисокот од страна на пациентот. АКЕ-инхибиторите не се симптоматски лекови и не смеат да се прекинуваат ако се почувствуваме подобро бидејќи проблемот ќе се врати. Во периодот на почетно дефинирање на терапијата треба да се внимава и на хипотензијата (преголем пад на крвниот притисок), која може да биде опасна по живот, а може да се случи при првата терапија со некои антихипертензиви. Пациентите треба да знаат и дека чест несакан ефект од употребата на АКЕ-инхибиторите е појава на сува, непродуктивна кашлица, која е од преоден карактер, но доколку прави проблеми можеби ќе биде потребно лекарот да го промени АКЕ-инхибиторот со друга генерика или да користи друга група антихипертензивни лекови. Пациентите треба да внимаваат и на појава на алергиски реакции или т.н. ангиоедем (оток на лицето, јазикот, грлото, гласните жици) и во ваква ситуација итно да го прекинат користењето на лекот и да се јават на лекар.
За крај, пациентите со хипертензија треба да имаат предвид дека со стареењето може да дојде до промена во одговорот на организмот кон лековите што ги земаат, поради што треба да ги почитуваат препораките за здрав животен стил и редовно да го контролираат својот притисок, а по потреба да побараат лекарска консултација за корекција и оптимизација на антихипертензивната терапија.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор