Вториот 9/11

1595

Ќе пишував за небулозните антиковид-мерки, но се откажав. Мислев да пишувам за недонесениот закон за личните карти, кој веќе почнал да важи – невидена работа во една држава, па макар таа била и Сирија или Того. Обично законите почнуваат да важат по т.н. vacatio legis – рокот што мора да помине помеѓу објавувањето на законите или правните прописи („Службен весник“) до нивното стапување во сила. Но сложните браќа и во петок мрсат: министерот за правда, министерот за внатрешни работи, впрочем Владата како целина (претседателот на ДИК е посебен случај во приказнава, но е маргиналец), нашла креативно решение за личните карти – ќе ги издава по обрасци што не се предвидени во важечкиот закон. И како ова да не е доволно страшно, премиерот изјавува дека на пописот ќе можеле да се попишуваат и луѓе што само УСНО ќе го кажеле матичниот број на член на семејството или својот. (Патем, според важечките норми, и бегалците што стигнуваат од Авганистан ќе треба да се попишат тука.)

Нејсе, секоја од овие теми ќе беше налик на нуклеарна бомба по своето уставно и политичко значење да беше Македонија држава. Но бидејќи таа не е тоа, сево ова е само дел од општиот мозаик и локалниот политички фолклор. Мислите Калето ќе се потресе од овој башибозук? Или ЕУ? Или граѓаните, кои како овци на шишање, само блеат? Пардон, дел од граѓаните се зафатени со обезбедување една доза вакцина за да одат по кафеани, а дел протестира против ковид-мерките барајќи слобода (!?). Со доза сарказам, еден пријател вели: Владата не работела по закон и ај сега ќе паничиме… Она што мнозина не го видоа или не сакаа да го видат беше константната ерозија на уставноста и законитоста – од 2001 година кога Уставот беше сменет под закана со сила, па следуваше онаа легендарна изјава на Стевче Јакимовски (министер за труд и социјала во 2004 година) дека да умрел тој ден (на прославата на американското „признавање на уставното име“) немало да знае дека сме правна држава, па сè до денес кога Владата и нејзините прислужници го укинуваат Собранието како институција затоа што двајца пратеници им го блокирале донесувањето на законите. Ах, да! Денешното „Миле, ми текна“ гласи „Оливер, ми текна“. Толку! Гаси светло, спушти ја завесата, нема што да се дебатира тука.

Влегуваме сега во вистинската приказна: Македонија, Косово и Албанија се дефинитивно најпроамериканските држави во светот! Оваа квалификација ја даваат медиуми во ЕУ, откако трите сателити на империјата (во пад) волонтираа да примат бегалци од Авганистан. И тоа во време кога тврдината Европа (ЕУ) ги држи портите затворени, а државите-членки примаат по едноцифрени или евентуално двоцифрени броеви луѓе што во Авганистан работеле за нив, овие три државички мислат дека светот е ист како пред 20 и повеќе години. Министрите на одбрана на НАТО не можат да се договорат ни за координирана евакуација на колабораторите, а камоли за нешто друго. Всушност, Брисел и Вашингтон се сега зафатени со една колосална операција: не е само Мајка Бежанија, туку и абракадабра, хокуспокус-трансформација на поразот во наводна победа.

Го слушам Столтенберг како пелтечи и објаснува дека НАТО е единствената сила што можела толку многу авиони да испрати во една а ла Сајгон (1975) операција на собирање на парталите. Оружјето му остана на талибанскиот режим, а централна Азија на Русија и на Кина. Ние можеме да се пофалиме со две вести: едната е дека, според Еуростат, по степенот на сиромаштија сме трета држава во Европа, а втората е дека го имаме и првиот воен пораз откако сме членка во НАТО. Проамериканскиот претседател Пендаровски тврди дека во Авганистан сè било во ред додека нашите војници биле таму. Читаш и не ти се верува. Но не е за чудење. Тука е и оној дежурен проамерикански професор по меѓународни односи (кој докторира на американскиот империјализам и ниту учебник не успеа да напише пред пензија, ама за колумни го бива): како можеме да им кажеме НЕ на САД? Таман, работа!

Ајде да не ве заморувам со сите трагикомични детали на дваесетгодишната операција Одрекување на вистината (denial), која заврши со изреката: дојдов, видов, изгубив (од талибанците што сам ги создадов). За сумата што е потрошена за двете децении на божемна борба против тероризмот и градењето демократија се споменува цифра од 2.500 МИЛИЈАРДИ долари!!! Можете ли само бројот на нулите да го замислите? За сето тоа време, милиони сиромашни Американци (и Американки) живеат како бездомници. Велат, износот е многу поголем, но и вака е вртоглав. Додајте го износот на трошоците на другите земји-членки на НАТО и на таквите како нас, прислужници. Велат, сите пари се испрани на неверојатен начин: воено-индустрискиот комплекс живееше како бубрег во лој, за невладиниот и да не зборувам.

Ниту една асолна структура не беше изградена за да трае, сè почиваше на висока и ниска корупција, сè беше Потемкиново село. Не е чудо што авганистанскиот колега на Пендаровски, кутриот, не успеал ни во четири хеликоптери да се пренесе бегајќи кон Оман. Слушав вчера интервју на Пепе Ескобар (кој исчезна од ФБ, па сега се појавува во „сивата зона“, The Grezyone): не ми се веруваше дека како да ги повторува моите први коментари, за затворениот круг од првиот до вториот 9/11, за уроборосот што си ја јаде опашката, за сличната симболика на кулите-близначки и падот на Кабул, за оние ужасни сцени на луѓе во слободен пад. Заклучокот ни е ист: проблемот со Авганистан не е во тоа како заврши, туку како и зошто почна (со кршење на меѓународното право, со воени злосторства, корупција и дилови со локалните господари на војната, со куферчиња, со бомби и леб фрлан од авиони). Посебен феномен се оние што сето тоа го нормализираа, легитимираа и претставуваа како успех: медиумите, интелектуалците и активистите на цивилниот сектор. Дека американската империја почива на т.н. „индустрија на знаење“ пишуваа Хауард Зин, Едвард Саид, Ноам Чомски: преку разни стипендии, курсеви, докторати и сл. се креира елита од „локалците“, кои потоа работат на „демократизација“ или евентуално стануваат политички лидери. Така беше креиран и поставен сега пребеганиот претседател на Авганистан, Ашраф Гани (со докторат по антропологија од универзитетот „Колумбија“, предавач на „Беркли“, „Стенфорд“, работел за Светска банка, Фулбрајтовец, итн.), а кој не можеше ни сите пари да си ги пренесе во ОАЕ, кутриот. Слични се и новите ВИП-бегалци, (ако сакаме да бидеме брутално искрени, ќе кажеме колаборатори на окупацискиот режим), кои сега ги превезуваат со авиони и ги носат во хотели – полн пансион! Само немојте со крокодилски солзи и со напади за ксенофобија: само пред шест години од нашите граници ги враќавме бедните авганистанските мигранти со изговор дека доаѓаат од безбедна земја и дека се мотивирани од економски причини! Најсиромашните одамна бегаат од тој „саксес стори“ на САД и на НАТО, а и сега се портретираат како безбедносна закана, па Макрон очекувано веќе паника го фаќа од миграциските бранови што треба да се спречат зашто ќе ги загрозат фините Европејци.

Во 2001 година велеа: светот е драматично променет, отсега нема ништо да биде исто. Денес е многу полошо. Митот за надмоќта на САД е дефинитивно уништен, па земји како Тајван, Израел, па и Балтикот и другите вазали веќе размислуваат што ќе прават ако ним им се случи повлекување на „најмоќниот сојузник на светот“. (Не грижете се, на нашиве главите не им служат за мислење, тие уште слават членство во НАТО – иако се чини дека тоа е како во народната „се фатил сиромавиот за орото, се дупнал тапанот“.) Тектонски потреси се случуваат во сите големи НАТО-држави, кои дваесет години ги лажеа своите граѓани дека Авганистан е успешна приказна и дека жените биле конечно ослободени и еманципирани. Бајден и натаму лаже дека САД постигнале успех (се разбира, лоши се локалците што не биле подготвени да си ја бранат донесената демократија). Колосалниот неуспех на најмоќната воена сила ќе има огромни реперкусии и врз домашните и врз меѓународните состојби. Вториот 9/11 ќе го доврши она што го започна првиот. Се случува неверојатен геополитички земјотрес.

Ја чекаме дваесеттата годишнина. Можеме и Артан Груби да им го пратиме за да им помогне во организацијата, има искуство човекот. Ние немаме талибанци, нели?
На денот кога Буш го нападна Авганистан во одмаздничка акција, сега покојниот Роберт Фиск пророчки напиша во „Индипендент“: „Господине Буш, тукушто го усреќивте Осама бин Ладен“. Но уште попророчки беа неговите зборови напишани на 14 септември, три дена пред 9/11: „На височините на Кабулската Клисура, сè уште може да се пронајдат древни токи за појас и кородирани навлаки на мечови. Ознаките на британските полкови на старата источноиндиска компанија повеќе не се читливи, но нивните коски – на сите тие 16.000 луѓе – сè уште лежат некаде среде темната земја и камените предели на најнепристапните планини во Авганистан. Како и Британците што дојдоа подоцна, но и Русите што стигнаа еден век подоцна, така потфатот на генералот Вилијам Елфинстон беше опкружен со реторика и високи принципи – и заврши со катастрофа. Џорџ Буш Помладиот и НАТО, ве молам забележете го ова. Навистина, ако постои земја (да се нарече нација би било погрешено) – која Западот треба да ја избегнува воено тоа е Авганистан“.