Време е за одговорност! (2)

587

Доколку Зоран Заев вели дека сѐ уште може да се постигне договор во декември и да се употреби моментот „Берлин“, одговорноста може да се одложи до крајот на 2020 година, но не повеќе

Се случи бугарското вето и пред опциите за излез мора да го согледаме ветото и како се случи тоа, за да знаеме кој е излезот. Ветото има неколку аспекти: ЕУ и проширувањето на Балканот, Бугарија и Македонија.
На ЕУ вниманието го сврте Никола Димитров, заменик-премиер за евроинтеграции со благодарноста на „сите тие што не молчеа“ на бугарското вето што имплицитно укажува дека има членки што го премолчеле ветото. Бугарија веројатно го процени моментот на балансот помеѓу скептицизмот за проширување и ЕУ-кредибилитет на Балканот, дополнет со огромниот товар на брегзит и „Следна генерација ЕУ“ буџетот. За скептицизмот за проширување и ЕУ-кредибилитет на Балканот, од една страна е скептицизмот на триото Франција, Холандија и Данска за проширувањето на ЕУ и тој скептицизам не мора да е директно против Македонија. Холандија јавно ги најави своите резерви за почеток на ЕУ-преговорите за Албанија за владеење на правото, а веќе претходно ЕУ имаше став против раздвојувањето на Албанија и Македонија, поради ризик од дестабилизација. Веројатно тука се вклопи бугарското вето.

Од друга страна, во прашање е ЕУ-кредибилитетот на Балканот, наспроти тој на Кина, Русија и Турција, како во Македонија, но и во другите земји во регионот, пред сѐ во Косово и во Србија. ЕУ не ќе може бесконечно да го одложува проширувањето без геополитички ризик. Истовремено, ЕУ е пред два клучни предизвици: брегзит и „Следна генерација ЕУ“ буџетот. Транзицискиот период на брегзит завршува на 31 декември оваа година, а не е јасно дали ќе има договор за меѓусебните односи по тој датум. А кај нас во сенка на бугарското вето помина ветото на Полска и Бугарија на буџетот на ЕУ – „Следна генерација ЕУ“, што може да отвори длабок структурен проблем во ЕУ. Очекувано, бугарско вето купува време за брегзит и „Следна генерација ЕУ“. Дали тоа ќе значи одлука за Македонија овој декември или, пак, тој во 2021 година кога ќе претседава Словенија, зависи од ЕУ, донекаде и од Албанија, но и од Бугарија и од Македонија.

Во Македонија има многу малку информации за политичката сцена во Бугарија и тоа е значен хендикеп за одлучувањето во Македонија. Многу ќе згрешиме ако ветото го сведеме на краткорочен предизборен фолклор, а не на долгорочен бугарски интерес. Да, има предизборен фолклор пред сѐ од големата конкуренција на десницата и потребата Каракачанов и ВМРО-БНД да обезбедат некаква специфичност наспроти другите десничари како најголеми бранители на „Македонија – најромантичниот дел од бугарската историја“. Тоа е можеби фолклорот што се гледа на површината, но доминира долгорочен бугарски интерес каде што би се применила формулата од Преспа, за античко-словенскиот пресек, да се направи бугарско-македонски пресек и тоа да биде 1944 година. Ваквите идеи постоеја во Бугарија и претходно, но се засилија со Преспанскиот договор. Инсистирањето на ваков бугарско-македонски пресек во 1944 година ќе стане непремостлив проблем, многу, многу потежок од античко-словенскиот пресек. Верувам дека Груевски, свесен за тежината на бугарско-македонски пресек, се обиде историскиот мит да го втемели во античкиот период. Од оваа бугарска доктрина отстапуваат само помали партии како зелените и либералите, и софиските интелектуални кругови. На добрата страна, колку и да се мали овие кругови во Софија, тие се позначајни отколку разумните кругови во Грција кога го отворија македонското прашање.

За нашите одлуки е значајно дали има разлики меѓу главните политички партии ГЕРБ на Борисов и бугарските социјалисти БСП. Неодамнешната резолуција на Европскиот парламент во која меѓу другите работи (антикорупција) побара од Бугарија да го признае македонското малцинство беше поддржана од европските социјалисти. Каков придонес имаа бугарските социјалисти не е јасно и би било добро македонската дипломатија да провери како гласале бугарските пратеници. Дополнително, социјалистите се спротивставуваат на промената на називот на 24 мај од празник на словенската во празник на бугарската писменост. Во Бугарија, Каракачанов ги обвини социјалистите за национално предавство, но тоа е дел од предизборниот фолклор.
Но Македонија треба претпазливо да процени дали е подобро да се договара со ГЕРБ пред избори или евентуално да се договара со БСП во 2021 година. Ако ја исклучиме радикалната десница околу ВМРО-БНД, Атака и Волја, кои во крајна линија се за „еден народ, една држава“ платформа, се чини дека бугарската десница е подобра опција од бугарската левица. Трите клучни чекори беа преземени во време на претседатели и/или премиери од десницата (СДС/ГЕРБ): Жељу Желев (СДС) ја призна независна Македонија, Иван Костов и Петар Стојанов (СДС) ја водеа Бугарија кога со Љубчо Георгиевски ја потпишаа Декларацијата за добрососедство (1999 г.) и Бојко Борисов (ГЕРБ) го склучи договорот со Зоран Заев. Дополнително, иако Захариева и Ковачев, двајцата во ГЕРБ му парираат на Каракачанов во изјавите, Борисов досега избегнувал стил на изјави како на Каракачанов. Од друга страна, со БСП немаме постигнато никаков напредок, а истите тие сѐ уште се поклонуваат на гробот на Тодор Живков, творецот на модерната негација на македонската нација. И сегашниот претседател Радев од БСП има највисоки барања, бугарските барања да станат 35-то поглавје во преговорите со ЕУ, што е најлошата опција за Македонија.

Секако и Борисов треба да процени дали повеќе сака договор пред изборите во март 2021 година и како ќе влијае тоа на неговиот политички опстанок.
Зоран Заев и власта имаат одговорност за исполнување на ветувањата за ЕУ, со заштита на македонскиот национален идентитет, во зададените контексти на ЕУ и Бугарија. Зоран Заев и власта имаат одговорност, директна или индиректна, поради знаење или незнаење, поради чинење или нечинење, за неисполнување на клучното верување – ЕУ. Време е за одговорност и одговорност мора да има. Доколку Зоран Заев вели дека сѐ уште може да се постигне договор во декември и да се употреби моментот „Берлин“, одговорноста може да се одложи до крајот на 2020 година, но не повеќе.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek