Во паника се умира,од паника не се умира

1070

Вирусот стана страв и трепет низ целата држава, за државата како целина, за секој преплашен поединец поради загрозувањето на неговиот живот. Секој веќе знае дека битката со вирусот не е „мечка страв, мене не страв. А познато е дека преголеми се очите на стравот, дека еден страв носи друг страв. Стравот со страв се храни – велат психијатрите. Не се случајни повиците и мерките на властите за внимателност и дисциплина, нужни колку и да изгледаат строги.
Блиска, поголема и погрда сестра на стравот е паниката. Што, всушност, претставува паниката?

Коронавирусот дојде во Македонија од Кина, иако Американците и Европејците неколку години нѐ советуваа нас Македонците да не прифаќаме ништо што доаѓа од таа земја и да се чуваме од кинеско влијание. Сакале – не сакале, вирусот дојде без да го повикаме, не помогнаа советите и мерките што беа наменети за заштита од таа кинеска, светска неволја, која незабележливо ги помина границите и се распосла низ нашата држава. Не дојде тој по автопатиштата што ги прават Кинезите или некогаш ќе ги направат, се провре низ врата што никој не сакал да ја отвори. Ако евтините кинески играчки, домашни апарати, автоделови, машини, автобуси и разни предмети од игла до локомотива носеа некоја радост, кинескиот вирус посеа страв и паника меѓу луѓето, од најмало до најголемо.

Големи редици пред продавниците, полнење на количките и кошниците, нервозни реакции како на купувачите, така и на продавачите, празни улици, локали, објекти, уплашени и загрижени лица, е дневната скопска пролетна слика што сведочи за загриженоста и за стравот што владеат. Надвор сонце, во душата црна темнина.
Вирусот стана страв и трепет низ целата држава, за државата како целина, за секој преплашен поединец поради загрозувањето на неговиот живот. Секој веќе знае дека битката со вирусот не е „мечка страв, мене не страв. А познато е дека преголеми се очите на стравот, дека еден страв носи друг страв. Стравот со страв се храни – велат психијатрите. Не се случајни повиците и мерките на властите за внимателност и дисциплина, нужни колку и да изгледаат строги.
Блиска, поголема и погрда сестра на стравот е паниката. Што, всушност, претставува паниката?
Според медицинските објаснувања, паниката (панична состојба) е облик на интензивен страв од ненадејна и неочекувана опасност. Може да биде поединечна или масовна. Ја предизвикува навалицата на хормонот адреналин, кога човекот ќе почувствува страв дека тој или неговите блиски се загрозени од нешто. Во таквата ситуација пукнува чувството „нападни или бегај“, односно организмот е во дилема дали да побегне или да му се спротивстави на она што го загрозува. Секој постапува како што мисли, иако се мисли дека при паника не се донесуваат вистинските решенија. Паничните решенија, не се најдобрите решенија.

Ако е за мала утеха, медицинските стручњаци тврдат дека во паника се умира, но од паника не се умира. Имено, велат тие, физичките симптоми при паника колку и да се силни, не се опасни по животот, не предизвикуваат срцев удар, лудило или нешто слично. Тој факт треба да се запамети. Во западните земји се проценува дека секое десетто лице доживува паника. Како причини се наведуваат брзото темпо на животот и сѐ поголемата изложеност на стресни ситуации. Кај некои луѓе паничните напади се чести, кај други се јавуваат само еднаш или двапати во животот. Светската статистика покажува дека жените (ах, тие жени) се двапати посклони кон панични реакции од мажите. Зошто е така, медицински не е докрај разјаснето и научно уточнето.
Од каде потекнува зборот паника, чувство што речиси нема човек што го нема почувствувано, дури и кога кон него ненадејно ќе искрснат куче или глушец?
Во грчката митологија (ах, тие клети Грци) Пан е бог на стадата и на овчарите. Имал лика на половина човек, половина животно, грд јарец обраснат со брада, со рогови, опашка и со козји копита, голем љубител на убави девојки и млади момчиња.

Во легендите влегол поради неговиот пресилен грлест глас, громогласен врескот. Кога некаде ненадејно се појавувал ширел страв и метеж, се треселе планините од неговите врескања. Бил исклучително опасен и насилен, особено кога го буделе од пладневна дремка, спиел попладне, што му било навика. Крикнувал со толкава врескотница што на тие околу него им се кревала косата на главата и бегале подалеку колку што можеле да стигнат.
Претерувањата одат дотаму што се кажува дека во една од војните со Персијците, кога го разбудиле од сонот, тој со своите врескања толку силно ги исплашил персиските војници што во паничен бег го напуштиле боиштето и Грците ја добиле битката. Нешто слично се случило и во некоја пресметка со титаните кога Пановото ненадејно врескање било толку силно, грдо и страшно што дури и неустрашивите титани побегнале како муви без глави.

Од тие митолошки описи произлегле, настанале зборот „паника“ и изразот што денес се именува како „паничен страв“. Значи, по врескачот Пан го добила името паниката, страв што се шири низ целата природа и во секое живо суштество кога ќе му се доближи нешто ненадејно, несекојдневно, непознато, кога му се вознемирува духот, му се разбранувани сетилата и мисли дека му се загрозува животот.
Постојат неколку верзии за неговото потекло и раѓање, кои се разликуваат една од друга. Една од нив вели дека бил заеднички син на Хермес, бог на уметноста, трговијата и литературата и на клукајдрвец. Другата вели дека бил дете на Пенелопа зачнато од сите нејзини (136 на број) додворувачи за времето додека дваесет години го чекала мажот Одисеј да се врати од Тројанската војна. Едно во легендите за Пан е сосема сигурно: неговата мајка, која и да била, толку многу се исплашила од изгледот на детето што го родила што веднаш побегнала и го оставила на милост и немилост. И неа ја фатило паника кога си го видела сопствениот пород.

За името на Пан се врзани поимите „козји уши“, „Панов кавал“ и „Пан е мртов“. Изразот „Пан е мртов“ филозофите го употребуваат како фраза за да означат дека општествениот поредок се распаѓа, дека е време кога нечесниот и подол слуга подготвува заговор против господарот, кога човекот од законот, сомневајќи се во правдата, веќе ги напушта повеќето принципи, кога попот станува љубовџија и кога народот на сето тоа гледа со разочарана душа и помрачен ум, се чуди, но молчи. Според некои филозофи, изреката „Пан е мртов“ означува и дека општеството стигнало до дното. Но тоа не е наша денешна тема, засега нема место за општа паника од таков вид.

[email protected]