Во очекување на катастрофата спас (3)

769

Тоа ти го зборувам, драг читателу, а ти за да не се загубиме во меандрите на дигресиите in medias res, малку и нестрпливо се уфрлаш, потсетувајќи ме дека, имено, сега се наоѓаме со коронавирусот во еден вид на не баш наивна светска катастрофа. Иако мислам, рака на срце, таа сепак ја нема разорната сила на Втората светска војна.
Добро, вистина, како по секоја, и по оваа катастрофа нема да биде ист светот. Можеби не тектонски, но сепак ќе се поместат битно некои нешта на геополитички план во распоредот на моќта. Тука им ја препуштам микроанализата на специјалистите аналитичари за тоа. Јас можам да кажам само (оти тоа веќе со голо око се забележува) дека Америка и Европа го губат приматот, а на нивно место на сцена стапуваат Кина и Русија, и тоа многу спонтано, речиси природно, без некој планетарен потрес откако ќе си замине вирусот што излезе во белиот свет, нема сомнение, од темните американски лаборатории на Сатаната. Од сивата еминенција и научниците што се негови верни слуги, без разлика дали се именуваат самите масони или илуминати.

Впрочем, од тие лаборатории пред коронавирусот излегоа и сидата и еболата, сега наменети не за Кина, туку за прекрасната Африка, за црната раса што ја обожавам, најмирољубива и најекстатична, без разлика што го видовме како изрод од неа (нема спас од изродите, не се само кај нас) Барак Обама, парадоксалниот нобеловец за мир, иако направи пепел по Блискиот Исток.
Така. Мојата (хипо)теза се потпира главно на фактот, драг читателу, дека, како што се случи тоа во Втората светска војна, ќе се случи и сега, ќе се поврати изгубената душа во човекот, катастрофата ќе го облагороди него и како некое откровение правдата ќе дојде кај онеправданите, како што се случи впрочем тоа со АСНОМ. Друга работа, пак, е што човекот бргу ги заборава катастрофите и повторно од ангелското паѓа во демонското, обновувајќи ги својот агресивен егоизам и демонстрација на моќта.

Тоа се виде и по Втората светска војна, кога Америка одвај дочека да се симне од сцена фашизмот на Хитлер за да го искачи со атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки во 1945-та својот фашизам на неа. А Европа го стори тоа само неколку години потоа, 1948-та, со Черчиловиот геноцид на Македонците во Егејска Македонија. Што кажува тоа? Кажува дека додека е жешко, усвитено, се кове железото. Додека трае катастрофата, како што се случи тоа со АСНОМ и втемелувањето на Македонците во своето автентично идентитетско Јас, пред тоа, од Самоил наваму, речиси цел милениум порекнувано и ништено.

А прашуваш, драг читателу, дали е по аналогија и сега со светската катастрофа на коронавирусот возможно тоа, да се вратиме преродени пак во исконското/идентитетско Јас по страшниот идентитетски колеж во Преспа. Искрено, овој пат сум песимист дека ќе се случи тоа, и покрај некои благи поместувања, кои ќе бидат недоволни за ова преображенско чудо. Прашуваш зошто? Затоа што оваа катастрофа ми изгледа дека е добро фингирана од некои темни сили и со корпоративен сурат. И сѐ ми се чини дека тоа е, не дај боже, иако ја очекуваме неа за спас на македонскиот идентитет, предигра за една многу поголема планетарна катастрофа. Уште поголема од Втората светска војна, која можеби ќе има капацитет да го избрише идентитетот на сите народи, а со нив и на целата планета сосе преостанатите созданија и творби што ги создал Бог на неа. Ќе ги уништи и оние, ако е тоа утеха за нас, што нѐ ликвидираа во европската „цивилизациска“ касапница во Преспа. Евроамериканската, да се исправам. Балканските, пак, и домашните џелати што им ја завршија практичната работа сами по себе се подразбираат.

Коронавирусот е, значи, сериозниот тест за големата катастрофа со јасни есхатолошки знаци за крајот на светот, за што уште од пред два милениуми говори Откровението на апостол Јован во Новиот завет, во кое се отвора битката меѓу силите на мракот и силите на светлината на Армагедон. Армагедон, кој, ќе си дозволам претпоставка, не случајно се римува до совпаѓање со Армакедон, битка за сите на Земјата што се столчени и онеправдани како Македонија. Армагедон, Армакедон, можеби најубавата потврда на прашката лингвистичка школа и нејзината (хипо)теза дека зборовите што се допираат по звук се допираат и семантички, по значење. Но кога веќе сме кај Откровението на Јован, еве еден цитат што е есенцијален по однос на тоа што ќе се случи: „И видов отворено небо, и ете, на бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно. Очите му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи испишано име (гледаш ли колку е значајно Името, драг читателу, м.з.), кое никој не го знае освен Него. И беше обичен во облека потопена во крв и името му е Божјо слово. (Откровение по Јован: 1:11.13). И само уште еден цитат во овој контекст: „И чув силен глас од храмот, како им зборува на седумте ангели: Одете и излејте ги седумте чаши на Божјиот гнев на Земјата! И првиот ангел ја излеа својата чаша на Земјата: и се појави лоша и лута рана на луѓето, кои ја имаа ознаката на Ѕверот и кои му се поклонуваа на неговиот лик“ (Откровение: 16:1-3). Итн. Доволно.

Да не ти ги цитирам другите шест ангели за да видиш каква е нивната апокалиптична улога во Армагедон, драг читателу, последната решителна битка во која силите на Светлината влегуваат во битка со силите на Темнината. Веќе реков, коронавирусот е само палава предигра за неа. А Јас тоа, ако ми веруваш драг читателу, го сфаќам и толкувам не како некој излитен аналитичар или експерт, какви што ги има на купишта кај нас, туку како читач на знаци, азбуката што први ја совладаа пастирите во Халдеја и од нив ја наследија поетите и пророците. Тоа е најочигледно кај старозаветните библиски пророци, кои се легура, сјајна синтеза на пророци и поети, она што го насетија и на кое се потпреа многу подоцна романтичарите. А тука се и некои пророци што не влегле во Библијата, но чии пророштва исто така не може да се игнорираат. Мислам пред сѐ на најпознатиот меѓу нив, чиј зајазлен криптограмски, шифриран ракопис е тежок за разјаснување, распојасен и низ една барокна поетска имагинација, но кој, сепак, ако добро длабински го читаме, нуди поглед на некои клучни енигми и настани поврзани со историјата и судбината на светот. Така, во таа смисла, кај него ја наоѓаме и хипотезата дека на крајот со светот ќе завладее жолтата раса. Кина.

Кој друг? Ќе ѝ помине царството на белата жестоко агресивна колонијалистичка раса што страда од синдромот тоталитарна моќ и болен нарцизам. И, еве, сега, во време на коронавирусот, се случува јасно како на дланка ова Нострадамусово пророштво, драг читателу. Па, зарем не гледаш дека во некои земји (прва беше Италија) во Европа се симнуваат знамињата на бриселската политборделска Дама и се ставаат знамињата на Кина. Мудрата и ненасилничка како западната агресивна цивилизација Кина, чија колективна душа ја формираа Конфуциј, Лао Це и Буда, а не Мики Маус, Том и Џери, па и мускулестиот Супермен на Америка, поставен на кршлив пиедестал без каква било цврста митска, односно идентитетска основа.
Тоа е тоа. Епоха на коронавирусот. Повторен е средниот век со чумата, која доаѓаше од глувците излезени од бродовите на Европа што талкале пак по морињата за грабеж на туѓи народи. А сега, нешто слично, новата корона-чума доаѓа дирекно од капиталот, од енормната лакомост на незаситната западна либералкапиталистичка цивилизација. И се ниша светот на работ од бездната.

Онаа што ѝ ја посочи во пророчки стил и Макрон на Европа, а потоа и на терористичкиот НАТО, за кој, исправно, рече дека е „клинички мртов“. Оти, како и може да опстане благородниот проект на Обединета Европа, кој го замислија и проектираа први Иго и Бакунин, драг читателу, а сега го водат очајните неспособни за ништо политбирократи на Брисел. Оти, ЕУ веднаш падна на најважниот испит во оваа светска катастрофа: испитот на солидарноста и хуманизмот. Тука е примерот со Италија, а потоа и со Балканот (оној Западниот), кого таа сѐ уште го држи како некое туѓо тело, како варварско гето во своите граници.

Се ниша светот над бездна. Се нишаат над неа и чудовиштата од типот на Ротшилдови (па потоа Евреите се чудат за порастот на антисемитизмот), Соросови, Бил Гејтсови, Фордови, Клинтонови итн., сѐ до нашите македонски тајкуни, кои политичките фотелји ги искористија за докрај да му ја одерат голата кожа на народот. И основното прашање поврзано со катастрофата на коронавирусот, драг читателу, пак е дали ќе исплови на површина Општиот Човек-Човештво на Шлаермахер, прероден, кој ќе ја фрли од себе облеката на егоизмот, лакомоста и експлоатацијата и, конечно, ќе се облече во облеката на Доброто и Хуманизмот. Во облеката на Убавината – спасителка на светот како што велеше Достоевски. Лично, не сум тука голем оптимист, драг читателу. Постојат некои видливи знаци дека е дури возможно да се зајакнат егоизмот, лакомоста и антихуманизмот.

Се разбира, за жал, до следната многу поголема катастрофа што ќе биде вистинскиот електрошок, кој ќе го протресе и тектонски потресе мозокот на човекот. Мозокот кој е според Готфрид Бен истовремено и неговата најголема несреќа. А изгледа, како што функционира на цивилизациско ниво тој, особено на Запад, и не се излажал германскиот поет. Да. Таа нова катастрофа, Армагедон, која, за жал, според сите знаци што се вестат, го очекува човештвото, сепак е на прагот по оваа перверзно фингирана предигра со коронавирусот. И таа планетарна катастрофа што иде по неа, драг читателу, е страшна. Најстрашна од сите катастрофи во историјата досега. Но, како што ни го навестува тоа и Откровението на апостол Јован, постојат знаци и на надеж по неа, како крај на светот, да се појави госпоѓата правда и Вистина на сцена. Дури, како што е тоа претскажано, да станат од гробовите и Праведниците облечени во бело за да ја прослават победата на Светлината над Темнината. Армагедон! Токму и затоа, колку и да е страшна таа катастрофа, драг читателу, особено по колежот во Преспа, ние Македонците со нетрпение ја очекуваме неа како спас за да се вратиме повторно во своето генеричко исконско Јас на автентично постоење меѓу народите. Онака како што неа ја очекуваа уште пред два милениуми раните христијани со богомилска нарав, која ја поседуваше и Рацин.

Христијаните што ја пееја песната „Господе, дојди што поскоро!“ Песната што ја пееме сега, особено по колежот во Преспа, и ние Македонците на сет глас: „Дојди со праведната катастрофа, Боже, што ќе ги очисти злото и злосторниците од овој свет и ќе го воспостави царството на Праведниците. Дојди и обнови го Твојот урнат храм Македонија што го кренаа Павле и Лидија, Невестата Христова што ја обезличи и понижи Блудницата Вавилонска Европа. Дојди што поскоро, оти ние сѐ уште се лекуваме само со раните на Исус, од каде што изгреваат нашите Бели мугри за кои пееше поетот на Лопушник. Дојди што поскоро, Боже, со очистувачката катастрофа што ја влечеш по себе, оти не се трпи ова веќе. Оддели го и заштити го кроткото стадо од волците со стапот молња и гром. Подигни го урнатиот храм Македонија, првата Христова Црква – Невеста во Европа. Европа која ја одби нејзината света причест и остана во варварство. Дојди. Дојди што поскоро со исцелителната катастрофа, Боже. Амин!“

(крај)