Во кој правец се движи земјата?

1147

Што ги прави граѓаните оптимисти за правецот на движење на земјата, по повеќе години песимизам? Според повеќе истражувања, клучното подобрување се надворешните работи и меѓународните односи, и донекаде владеењето на правото и борбата против корупцијата

На оваа прашање, неодамна одговорија ТВ Телма и МЦМС, со анкета на јавното мислење спроведена од „М-Проспект“, и одговорот беше дека повеќето граѓани сметаат дека е правилен (44,8 проценти), наспроти погрешен (38,6 проценти) или ист (14,4 проценти). На прв поглед одговорот дека земјата се движи во правилен правец зачудува, но тоа е потврдено и во анкета на ИРИ од јули 2018 година, кога за 37 проценти правецот е правилен, а за 30 проценти е погрешен. Одговорот дека земјата се движи во правилен правец зачудува, затоа што изминатите десетина години општо преовладува мислењето дека земјата се движи во погрешен правец, со исклучок на периоди во 2008 и во 2009 година кога доминирало мислењето дека земјата се движи во правилна насока.

Што ги прави граѓаните оптимисти за правецот на движење на земјата, по повеќе години песимизам? Според повеќе истражувања, клучното подобрување се надворешните работи и меѓународните односи, и донекаде владеењето на правото и борбата против корупцијата. Секако дополнително разбирање нуди погледот на јазот во мислењата по етничка линија. Еден од двајца етнички Македонци (49,9 проценти) смета дека земјата се движи во погрешна насока наспроти 33,9 проценти, кои сметаат дека насоката е правилна. Од друга страна, двајца од тројца етнички Албанци (68,9 проценти) сметаат дека земјата се движи во исправна насока. Може да се заклучи дека договорот за името и очекуваното одблокирањето на евроатлантските интеграции, се клучната промена што довела до оптимизам меѓу етничките Албанци што влијае на општото мислење. Тоа се потврдува и со тоа што скоро сите етнички Албанци (92,6 проценти) се за спроведување на измените на Уставот, наспроти 54,4 проценти етнички Македонци, кои се против. Оттука владата на Зоран Заев и на СДСМ сѐ уште може да очекуваат поддршка од граѓаните. Тоа се потврдува и со тоа што повеќето граѓани (47 проценти) се за избори во редовниот термин (2020 година), наспроти 25 проценти, кои се за вонредни избори и 16,1 проценти, кои се за парламентарни избори заедно со претседателските избори во 2019 година.

Додека надворешните работи и меѓународните односи се подрачје што ја обезбедува поддршката, кои се можните подрачја што се ризични за Владата? Одговорите треба да се бараат во ставовите на граѓаните, за тоа кој е најголем проблем со кој се соочуваат. Според анкетата на „М-Проспект“, тоа се сиромаштијата (36,2 проценти), невработеноста (27,6 проценти), криминалот (10,2 проценти) и загадувањето/животната средина (7,3 проценти), и донекаде здравството (3,6 проценти). Оттука предизвиците ќе бидат во владеењето на правото (криминал/борба против корупција), економијата (сиромаштија, невработеност) и загадувањето/животната средина.
Владеењето на правото е првото подрачје каде што предизвиците ќе растат.

Оваа Влада дојде на власт со поддршка на Шарената револуција и „Нема правда, нема мир“. Предизвиците ќе бидат и во зголемување на перцепцијата за корупција во земјата и со „амнестијата за име“. Двајца од тројца граѓани се противат на амнестијата и се за спроведување на правдата, што е уште посилно меѓу симпатизерите на СДСМ меѓу кои четири од пет симпатизери се против амнестијата. СДСМ ќе се најде во јазот меѓу измените на Уставот за спроведување на договорот со Грција и значајниот отпор кон амнестијата. Во оваа подрачје се и повисоки очекувањата на граѓаните, каде што во планот 18 на Владата, многу повеќе се очекува од реформи во правосудството (21,7 проценти) и борба против корупцијата (18,4 проценти), отколку во реформи во јавната администрација (8,5 проценти) и реформи во безбедносните служби (5,9 проценти).

Економијата е второто подрачје, кое ќе дојде во прв план наскоро. Ова е подрачје од највисок приоритет за граѓаните и подрачје каде што опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивната влада сѐ уште се смета дека биле добри во однос на СДСМ. СДСМ влече чекори што од јавноста се толкуваат како антибизнис што може да ја влоши перцепцијата на граѓаните. На пример, мерката за прогресивен персонален данок од 18 проценти, наспроти рамниот данок од 10 проценти воведен од владата на ВМРО-ДПМНЕ, ја нема поддршката на граѓаните, односно 44,6 проценти се против, наспроти 33,5 проценти, кои се за.

И третото подрачје е загадувањето/животната средина. Ова прашање беше едно од поважните прашања во мобилизација против владата на ВМРО-ДПМНЕ, и е трет приоритет на граѓаните, но за симпатизерите на СДСМ е втор приоритет (14,3 проценти). Од друга страна, големо мнозинство граѓани (75,2 проценти), смета дека Владата не прави доволно за решавање на загадувањето, што е став и на мнозинството симпатизери на СДСМ (60,2 проценти).

Од наведените три подрачја само првото може да ја дестабилизира Владата на кратки патеки, додека второто и третото може да влијаат на исходот на следните избори.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek