Во име на слободата, правдата и македонскиот суверенитет

1811

Кај нас, среде окупираниов протекторат, правдата, законот и Уставот се суспендирани, воведена е диктатура од јужноамерикански тип и како што се ближи денот на неуставниот референдум, така ќе се засилуваат насилството и теророт врз македонскиот народ. Ама, пак, во името на слободата, правдата и македонскиот суверенитет, за кои се бореа и умреа Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев, Никола Карев, Кузман Јосифовски-Питу, Методија Андонов-Ченто, Мирче Ацев, Кочо Рацин и десетици илјади други Македонци, вреди човек да ја издржи сета тортура што ќе следува

Помина Илинден, таа неподнослива мачнина за власта. Да мора да ги чествуваш празниците на кои македонскиот народ се кренал на оружено востание, а подоцна на истиот ден создал своја република, во време кога ти ги распродаваш националните интереси и одработуваш ликвидација на Македонија и Македонците, навистина е тешко за поднесување, а камоли за празнување. Па уште тој проклет народ што ти сакаш да го снема фатил да те исвиркува, колне и пцуе, и тоа пред твоите американски господари, на кои си им ја продал душата за триесет сребреници, веќе се граничи со ужас и сосема е нормално да ти дојде сите тие луѓе да ги уапсиш, затвориш, море и ликвидираш како во старите добри времиња на Црвените Кмери. Што е најстрашно, истиот тој народ треба да го натераш да ти ја оствари целта, ликвидација на македонското постоење, и тоа преку бесмислен референдум, чија крајна цел е самоукинување. А гневниот народ, мртов ладен, в лице ти фрла ракавица и ти вели дека ќе бојкотира. Оттука, како спасоносно решение, природно ти иде да се фатиш за теророт што би го спровел врз тој народ што одбива да ја пее песната на твоите моќни господари.

Претпоставувам дека вака некако размислуваат октроираните на власт СДСМ. Затоа и ни ги саснаа своите хистерични поддржувачи, подрумските новинари хранети со грантови, интелектуалната бижутерија и професорската фела полтрони. Што не се изнаслушавме и изначитавме деновиве. Море да сме ти биле „мала група криминалци“, па затоа еден ќе укинел закон и ќе нè носел „за уши“ на гласање, друг политички ќе нè колел, трет ќе затворал телевизии што не му одат по удбашкото газе. И што да им каже нормален човек на вакво нешто? Ти мене „за уши“, јас тебе „на клоци“, па бујрум, биди маж и обиди се да ги спроведеш заканите. Една кокошка (нека ми простат кокошките) на Фејсбук мртва ладна прашува до кога ќе сме им досаѓале со закон, Устав и правен поредок. И кокошкава со ваков став ќе оди во Европската Унија. Кулминација на владејачкото безумие беше нападот врз МРТ, затоа што овие на 2 август, ден Илинден, емитувале програма спротивна на стратегиските определби на нашата држава.

Стратегиски определби им се ЕУ и НАТО, а спротивно на нивните стремежи да ти била појавата на претседателот Ѓорге Иванов на МРТ, кој на Мечкин Камен зборуваше за закон, Устав и правна држава, а богами и против нацистичкиот грчки договор со кој засекогаш се укинуваат Македонија и Македонците. По нивната изопачена логика, и моиве колумни се против нивните стратегиски определби и нацистичкиот договор со Грција, па сега очекувам Ѓунер Исмаил да тргне да ја затвора „Нова Македонија“. Бидејќи се големи демократишта, нели? Се надевам само дека на оној забеган Зоран Иванов нема да му текне да ме фаќа „за уши“, бидејќи сум гадно непредвидлив на хистерично насилство.

Инаку, изопачената моќ ја започна својата антимакедонска кампања за успешност на нивниот безумен антиуставен референдум со три идиотски прашања во него. Ај што Бејли се изглупира со оние смешни плакати, ќе го заборавиме, ама почна и кампањата на интелектуалната фејсбук-бижутерија. Првите две пропагандни пораки им се катастрофично глупи. „Ќе гласам ЗА заради иднината на моите деца“ им е првиот слоган. Демек, штом станеме Северна Македонија, веднаш влегуваме во ЕУ и во НАТО, па врз главите на нивните деца ќе се истурат милиони евра, оти, нели, официјален Брисел едвај чека да ја вдоми новата северноцрпната држава, па европските даночни обврзници да се фатат да ни оправаат образование, здравство, инфраструктура, правен систем, борба со корупција и, нормално, да одвојат дел од своите плати за северноцрпнатите готовани.

„Како ви е откако влеговте во ЕУ?“, ги прашував моите хрватски пријатели изминатава недела додека бев таму. „Фантастично“, ми одговараа цинично, „За нијанса сме посиромашни, ама па цела Славонија ни замина по Европа“. А ха, си реков, па ова и не е толку лоша варијанта, влегуваш во ЕУ и се ослободуваш за навек од интелектуалната бижутерија, прогресивното „граџанство“ и неолибералните хистерици, само уште онаа наци ЕУ „дип стејт“ слуга да не бараше да се самоукинеме. Ама брзо го променив мислењето. Се сетив дека самопрогласенава елита, себичнава лажна авангарда и зинативе за пари потомци на црвената буржоазија нема шанси да просперираат низ западните европски држави, каде што многу повеќе се работи, отколку што се ломоти по Фејсбук, односно нашиве „прогресивци“ реално можат да виреат само тука, среде нивната затворена и потпросечна жабокречина.

„Подобро Северна Македонија отколку бивша југословенска република“ им е вториот пропаганден слоган. Безумни! Ај што „бивша југословенска Република Македонија“ не е нашето официјално име, туку привремена референца, ама па и вистинското име на северноцрпнативе, во грчкиот наци-договор им е „Втората страна“. Но северноцрпнатите од Република Втората страна, во периодов што следува ќе бидат уште погласни и похистерични, во зависност од тоа со каква брзина странските грантови ќе ги полнат нивните џебови.

Пред извесно време објаснив што е политички оксиморон. Ние што сме против ЕУ и НАТО заради нивната лицемерна и геноцидна политика на двојни аршини спрема Македонија и Македонците, според министерот за внатрешни работи да сме ти биле „мала група криминалци“. Во Европската Унија не само што има евроскептици и антинатовски политичари и интелектуалци туку такви се претседатели и премиери на држави, цели политички партии, некои на власт, некои во опозиција, па има движења, тинктенкови и поединци и кога некој забеган лик како нашиов министер би ги прогласил за криминалци заради нивните ставови, во истиот миг би му завршила политичката кариера, а богами би јадел кривична пријава за лажно обвинување и нарушување на угледот на поединци и групи. Но кај нас, среде окупираниов протекторат, правдата, законот и Уставот се суспендирани, воведена е диктатура од јужноамерикански тип и како што се ближи денот на неуставниот референдум, така ќе се засилуваат насилството и теророт врз македонскиот народ. Ама, пак, во името на слободата, правдата и македонскиот суверенитет за кои се бореа и умреа Гоце Делчев, Јане Сандански, Даме Груев, Никола Карев, Кузман Јосифовски-Питу, Методија Андонов-Ченто, Мирче Ацев, Кочо Рацин и десетици илјади други Македонци вреди човек да ја издржи сета тортура која ќе следи.