Војна против војните

471

Латинската изрека дека човек на човека му е волк, од времето на римскиот комедиограф Плаут, преку Хобс, па до Фројд, можеби сè уште наоѓа оправдување во овој свет, но човекот едновремено е и суштество на сочувството. Човек на човека му е и човек. Во име на тоа, на човекот му преостанува можеби мало охрабрување, но голем императив – да „војува“ против војните

Викендов, поточно во неделата, отчука еден од најпознатите цагери во историјата на човештвото (часот 11.11), означувајќи сто години од крајот на Првата светска војна.
Со оглед на настаните по неа, можеби посоодветна би била формулацијата „од паузата на светската војна“, која се чини никогаш не завршува, барем што се однесува до жртвата и бесмисленоста. Другото е историја на човечката трагедија. Еден таков историски чин, грандиозен (единствено) во наследството на ужасот и срамот (со околу 20 милиони жртви, од кои половина цивили) и на сметка на гордоста на синтагмата „хомо сапиенс“, беше одбележан церемонијално и со победнички труби во мигот на цагерот, со симболичен марш на поворка од шефови на држави и влади до Триумфалната капија во Париз.

Предупредувањата на Макрон до светските лидери да не го земаат мирот здраво за готово и за опасноста од повторување на историјата звучат (само) како уште една осуда во низата на сметка на можноста за војна, која лебди во воздухот „притисната на пауза“.
Но какво е значењето на споменот на оваа војна за потомците на четвртата или петтата генерација од војната, кога е условно „заборавена“ веќе со втората генерација?

Како потврда на последново, една „мала“ стогодишна дигресија: на десетгодишнината од мобилизацијата во Германија за Првата светска војна, пацифистот Ернст Фридрих ја објавува книгата „Војна против војната“, со портфолио на потресни фотографии (повеќето дотогаш цензурирани во германските воени и медицински архиви) за вистинското лице на војната огледано во човековите страдања, со детални објаснувања под секоја слика на четири европски јазици (за да не остане нешто нејасно во преводот на ужасот), а со цел да шокира и одврати од употреба на војната во иднина како маша за државните интереси. Иако набргу осуден од власта и со голем број рации по книжарниците, книгата наидува на позитивен одглас, претежно кај уметниците и левицата, како и многу други проекти од овој вид (меѓу нив и филмот на францускиот режисер Абел Ганс „Обвинувам“, издаден само една година пред почетокот на Втората светска војна).

Сепак, само по десетина години од фотографиите на Ернст Фридрих, војната „негибнато“ ја повторува светската „турнеја“ на ужасот, но овој пат бројот на жртвите достигнува речиси осумдесет милиони.

Едноставно, историјата не остава охрабрување за стиховите на Ашер Рајх (учесник на СВП во 1999): „Ниту еден човек не згазува во иста кал освен калџиите и свињите.“ Не само човекот, ами безмалку целото човештво е фрлено во истата кал само по дваесет години. Какво охрабрување има човештвото денес, по сто години, да не ја повтори истата грешка? Грешка!? Зар може бесмисленоста на војната да ѝ се припише макар и делумно на дефиницијата на човекот како хомо белигеранс (буквално – човек што војува, воинствен, агресивен човек), како што одредени историчари ќе се потрудат да го класифицираат во повоениот период? Или, пак, ова се должи на економската (преду)мисла на (загрозената) моќ на капиталот да се оплодува без оглед на цената, односно токму поради високата цена, т.е. профитот на војната?

Дури и познатиот економски мислител Кејнз предупредил на борбата за нови пазари како водечки економски причини за војните во 20 век, слично како во претходниот век, а еден од најзначајните современи истражувачи на глобалната нееднаквост, Бранко Миланович, ги сместува двигателите на Првата светска војна во империјалистичкиот натпревар вграден во економските услови на тоа време, а пред сè во високите нееднаквости на приходите и богатството, кои како нестабилни елементи ги иницираат деструктивните механизми (каква што е војната) за нивно системско нивелирање.

Но да погледнеме од аспект на обичниот човек, гледачот, некогаш пред малиот екран, денес пред ајфонот со голем екран.
Ако историски гледано војната е повеќе норма, а мирот исклучок, можеме ли денес да го тврдиме спротивното или ќе се „задоволиме“ со заклучокот на Сузан Сонтаг за модерните очекувања и модерната етика дека војната е отстапка од нормалата што не може да се запре, а мирот е норма што не може да се постигне? Како реагира денешниот гледач на фотографијата на војната со која е преплавена интернет-мрежата?

Пред десетина дена светот го обиколи фотографија на седумгодишно девојче од Јемен што почина од глад (како и многу други пред него). Сензационалноста на нејзината смрт во медиумите се должи на нејзиното име, кое во превод значи надеж. Надежта продава, дури и мртва. Особено тогаш. Наспроти ова, колку се надежни зборовите на францускиот претседател на собирот на полните со надеж државници во Париз, за зората на цивилизацијата што настапува, кога судбината на Амал (надежта) само во претходната година во Јемен ја „споделија“ педесет илјади деца, а на уште пет милиони им се заканува истото тоа од прегладнетост во војната што трае? Најпосле, колку таа војна, но и онаа во Сирија се разликуваат суштински од сите други војни на профитот, од војната по себе, сеедно врз колку несреќни народи е расцепкана?
Очекувано, гледачот оддалеку ја менува програмата или страната, заситен од повторувачките сцени на насилство и ужасот овековечен со висока резолуција. Или можеби беспомошноста да се стори нешто во врска со насилството „таму некаде“ е она што пасивизира? Зашто пасивноста го затапува (со)чувството. Од друга страна, нашето сочувство нè прогласува невини како што нè прогласува импотентни (Сонтаг). Секогаш е полесно да се сврти нова (интернет) страница и да му се препушти протестот на друг.

Во Македонија стогодишнината од срамната војна беше одбележана со посета на воените гробишта од страна на дипломатски претставници на некогаш завојуваните страни. Меѓу нив и Британските гробишта во населбата Автокоманда, веднаш зад студентскиот дом „Стив Наумов“. Се сетив дека оваа година се навршуваат две декади од времето кога го напуштив „Стив Наумов“ како студент. И тогаш, како и сега, Британските гробишта беа беспрекорно уредени. И тогаш, како и сега, студентите се справуваа со проблеми во условите за сместување. Неодамна тивко помина и онака тивкиот протест на студентите во оваа установа поради двонеделниот прекин на топла вода и парно греење, што само се надоврзува на сличните проблеми и порано. Кога пред дваесет години бев сместен во тој дом, имавме тоалети без кваки на вратите и туш-батерии, па неретко се капевме во т.н. женска зграда. Не знам каква е состојбата во нив денес, но на фејсбук-страницата на групата со име на херојот стои добро позната фотографија на демолиран тоалет за која не треба објаснување, а студентите сè уште се жалат на старите главоболки. Додека од едната страна на оградата се споменуваат големи зборови, како идентитет, чест и камен-темелник на нова Европа, од другата страна на оградата малку има простор за тие темели. Стив Наумов, учесник во НОВ и народен херој, уште го носи бремето на човечки (и студентски) неправдини. Иронично, и неговата судбина е запечатена со заминувањето на партиска задача во Преспа, каде што во борба со бугарската полиција се самоубива. Неговиот гроб во Битола и денес е празен (не е познато каде се останките од херојот), како што е празен и говорот (на амбасадорот) за почитување и помирување со соседите, на темели испразнети од симетрично почитување (во меѓувреме, комисијата за историски и образовни прашања формирана со договорот за добрососедство со Бугарија констатирала „проблеми“ во историските читанки од шесто и седмо одделение во Македонија).

Латинската изрека дека човек на човека му е волк од времето на римскиот комедиограф Плаут, преку Хобс, па до Фројд можеби сè уште наоѓа оправдување во овој свет, но човек едновремено е и суштество на сочувството. Човек на човека му е и човек. Во име на тоа, на човекот му преостанува можеби мало охрабрување, но голем императив – да „војува“ против војните.

Денес е Денот на ослободување на Скопје, а градот уште е заробен во десетте најзагадени градови во светот. Оваа вест што некој далеку одовде ја гледа на својот паметен телефон, скопјани длабоко ја дишат. Подлабоко и од длабоката држава.
Можеби треба да се протестира малку погласно. Демоните на војната, секако, се будат и во тишина.

(Авторот е магистер по
мир и развој и поет)