„Владини невладини“

Оваа теза тврди дека тој што ве плаќа тој ве поседува, бидејќи парите купуваат, а ние сме индивидуи, организации, без интегритет и професионалност

Малку треба за предизвикување нова низа обвинувања за граѓанското општество, како што деновиве предизвика штуро соопштение од Владата за одобрување на финансирањето на триесетина организации од државниот буџет. Обвинувањата од популистичката десница веќе убедена во опасноста од Сорос, Бил Гејтс или од некој друг глобален заговор спроведуван од невладините организации, или како што јас преферирам граѓанските организации, се очекувани. Сосема е неочекувано што многу ценет креатор на јавното мислење од левицата ќе настапи со тезата „Владата не смее да им дава пари на невладините организации. Или смее, ама тие тогаш веќе не се невладини. Толку е просто“. Ниту е просто ниту е точно и Владата треба да финансира граѓански организации, врз основа на начела, интерес и правила и тие со тоа не стануваат владини.
Горната теза ја парафразирам во „владини невладини“ односно дека чинителите што добиваат средства од Владата стануваат владини агенти. Оваа теза е многу опасна бидејќи ќе води во стигматизација на идеолошки спротивставените или, пак, на сите граѓански организации. Нешто како етикетата „state sponsored agent“ што западните социјални медиуми му ја ставаат речиси на секој руски или кинески актер, но не е на западните актери финансирани од нивните држави. Тоа во Македонија ќе доведе до нови пречки во развојот на граѓанското општество, кое сѐ уште не е доволно силно целосно да ја игра својата улога во општеството.

Отпорот на државно финансирање на граѓански организации се јавува кога се финансираат триесетина организации со неколку стотина илјади евра. Триесетина организации од над 10.700 организации (2009 година) со над 2.000 вработени и неколку стотини илјади евра, а во 2009 година тие десетина илјади организации имале буџет од 93 милиони евра. И број на поддржани и финансирање што е далеку од доволно за силно граѓанско општество. Да, да, државата треба да обезбеди ресурси, вклучувајќи и буџетски средства. Во развиени држави како Германија, каде што е развиено донирањето и од граѓаните и од приватниот сектор, сепак финансирањето од државата е значајно. Кај нас во Македонија, каде што донирањето од граѓани и приватен сектор е симболично, државното финансирање на средни патеки е неопходно за развој на силно граѓанско општество. Секако, ако сакаме силно граѓанско општество.
Додека остро се реагира за финансирање од државен буџет на триесетина организации, на секој чекор има критики дека нема доволно државна поддршка за граѓански организации. Да, зашто малкумина препознаваат дека огромното мнозинство на чинители во културата и спортот се граѓански организации. Од „Галичка свадба“ преку многубројни ликовни колонии, фолклорни друштва и фестивали, до сите можни спортски клубови и нивните федерации, да, сите тие се граѓански организации. Сега тие треба или не треба да се финансираат? Треба ли да се финансира реконструкцијата на црквата во Курбиново, бидејќи таа е сопственост на Македонската православна црква, која е заснована на истата слобода на здружување како и граѓанското општество. Што е со финансирањето на политичките партии, кои исто така се засновани на слобода на здружување и се државно финансирани?
Може да се набројуваат уште многу примери на потреба од финансирање од државен буџет на проекти и активности на граѓански организации, и таа потреба не може да се спори, туку треба да се дефинираат начелата, интересите и правилата.

Една колатерална штета на тврдењето за „владини невладини“ ќе бидат македонските спортски федерации. Тезата за „владини невладини“ оди во рака на Грција и нивното барање за преименување на сите спортски федерации почнувајќи од Фудбалската федерација на Македонија. А потоа ќе дојдат на ред сите други граѓански организации што го содржат називот Македонија и македонски во своето име. Бидејќи ние самите си тврдиме дека тие невладини се владини, и во согласност со Договорот од Преспа треба да се преименуваат.
Надвор од стигматизацијата на граѓанското општество, оваа теза ја негира доблеста на интегритет и професионалност. Оваа теза тврди дека тој што ве плаќа тој ве поседува, бидејќи парите купуваат, а ние сме индивидуи, организации, без интегритет и професионалност. Македонија како мал пазар, во многу сегменти зависи од државно финансирање и субвенции. Многу книги, речиси сите театарски претстави, филмови, многу бизниси, добиваат пари од државата. Рејтинг-агенции добиваат проекти од општини и од Владата. Дали тоа ги прави владини? Дали „Трето полувреме“ е владин или независен филмски проект? Дали фирмите што добиваат државни субвенции се владини или независни? Но и доколку имате приватен донатор, дали со тоа станувате „приватен невладин“. Или, пак, луѓето имаат интегритет и професионалност и покрај државното или приватното финансирање, може да останат независни и непристрасни? Воопшто не е толку просто.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek