Владетелот треба да биде како и лекарот – да се грижи за народот

428

Во изминативе три децении со нашата држава управуваа правници, економисти, инженери, дури и книжевници. Но никогаш во историјата на нашата држава сме немале владетел во вистинска смисла на зборот, владетел што би бил како лекар што би се грижел за болните или капетан за безбедноста на патниците и бродот. Токму Сократ говори за тоа…

Уште пред 2.000 години, великиот мислител и филозоф Сократ велеше дека владетелот треба да ги користи сопствените вештини во полза на послабите и оние што зависат од него, слично како што лекарот се грижи за болните или капетанот за безбедноста на бродот. Сократ не би бил Сократ доколку постојано не би повторувал дека непорочното владеење, владеењето што еднакво се грижи за луѓето без разлика на нивното потекло и ја заштитува правдата, води кон полза на државата.
Според Сократ, доколку владеењето се манифестира на овој начин, тогаш во државата има голем род на пченица и жито, овоштарниците се полни, добитокот насекаде се размножува и морето изобилува со риби. Ех, Сократе, Сократе, мудри мисли.
Што би помислил великиот филозоф доколку го согледа нашето владеење. Ништо добро, но би рекол дека нашето владеење е всушност суштината поради која немаме род на житото, а овоштарниците ни се пусти. Доволно мудруваме, да се насочиме кон други нешта.
Иако изминаа стотици и стотици години од смртта на Сократ, човештвото мисловно не е многу напреднато и затоа технолошкиот напредок не определува дека новите генерации се помудри од постарите генерации. Моралот на луѓето е идентичен како и во времето на Сократ, без разлика дали денес користиме паметен телефон или лаптоп.
Владеењето со државата е старо колку и најстариот занает во историјата, затоа честопати се вели дека политиката е блудница и развратница. Доколку го земеме предвид ова, нашите лидери не треба да обмислуваат нови нешта, туку да применат стари рецепти за добро владеење, секако доколку го сакаат тоа.
Мора да потсетиме дека добриот владетел секогаш има класична наобразба, познавање на историјата, филозофијата и етиката. Затоа е легитимно прашањето дали економистите или правниците можат да управуваат со државата.

Ефективниот владетел е како волшебник, тој може силно да воодушеви, да восхити и да привлече со своите дејства. Тој секогаш внимателно ги избира своите соработници, секогаш во зависност од нивните способности, но владетелот никогаш не треба да биде технократ. Да, другите може да бидат технократи, но не и тој.
Во изминативе три децении, со нашата држава управуваа правници, економисти, инженери, дури и книжевници. И каде нѐ донесе тоа? Никаде. Никогаш во историјата на нашата држава сме немале владетел во вистинска смисла на зборот, владетел што би бил како лекар што би се грижел за болните или капетан за безбедноста на бродот, за кои говори Сократ. Затоа нашите владетели секогаш кога ќе ги запрашаме колку се богати, ни одговараат: „Како и секој бизнисмен во нашата држава“. Каков апсурд!
И малите деца веќе знаат дека вистинскиот владетел никогаш не се стреми кон лична полза, туку во полза на државата и нацијата. За да се случи тоа, владетелот треба да има основни познавања од етиката. Но науката за моралот и моралните принципи се мисловна именка во нашето општество. Затоа нашата држава повеќе не ја именуваме како Македонија и затоа во неа три децении царуваат корупцијата, клиентелизмот, неправдата и сѐ така до бесконечност.
Да се вратиме на суштината. Владетелот е владетел за да ги користи сопствените вештини во полза на послабите и оние што зависат од него. Но тој мора да внимава при изборот на своите советници и соработници. Тие никогаш не смеат да бидат партиски војници, туку експерти за одредена проблематика. Во спротивно, никогаш нема да имаме држава во вистинска смисла на зборот и секој ќе си подигрува со нас, како што ќе му биде ќеф. Затоа треба да го прочитаме Сократ и да се подзамислиме за нештата за кои говори.