Влада во егзил

2677

Оттука, јавно го повикувам македонското иселеништво да се организира. Веднаш ни е потребна влада на Република Македонија во егзил. Сериозен сум. Тоа е единствен начин да го продолжиме континуитетот на републиката. Меѓу вас има исклучително квалитетни луѓе, успешни во својата кариера, способни, а родољуби

Еве нè, цел месец под севернонацистичка окупација на светската изопачена глобалистичка моќ на елитата диктатори од „длабоката држава“, ЕУ и НАТО. За нив одработува октроираната хунта на власт. Жива е закопана Република Македонија, а безумниците радосно уринираат врз нејзиниот гроб. Го запалија знамето на Крушевската Република, за да го дигнат окупаторскиот симбол на НАТО. Кој ние, мнозинството граѓани, го отфрливме на референдум. Промената на име, идентитет, историја се турка на сила. Спротивно на волјата на мнозинството. Политичарите се хулигани, кои тепаат и силуваат затоа што имаат дозвола од своите манијакални спонзори. Само уништете ја и засекогаш закопајте ја Македонија, тоа е пораката што ја добиле, истовремено правете што сакате. А политичарите, се крајно неизживеани и полни фрустрации. Опозиција речиси да нема. Медиумите се во скут на моќта. Интелектуалците се бижутерија. Уметниците креваат глас само кога ги удираат по џебот.

Оттука, јавно го повикувам македонското иселеништво да се организира. Веднаш ни е потребна влада на Република Македонија во егзил. Сериозен сум. Тоа е единствен начин да го продолжиме континуитетот на републиката. Меѓу вас има исклучително квалитетни луѓе, успешни во својата кариера, способни, а родољуби. Затоа јавно ги повикувам моите пријатели од „Обединети Македонци“, како и сите други македонски регистрирани друштва. Ги повикувам Македонците од Канада, САД, Австралија, Русија и од Европа. Лично им се обраќам на Бил Николов, Боби Темелков, Ана Дукоска, Горазд Росоклија, Златко Ковач, Саша Узунов, Игор Аврамовски, Ицо Најдовски, Вера Лалчева и сите оние Македонци што се свесни за окупацијата и културниот геноцид што се спроведува врз нас. Се надевам дека нема да ми замерите што вака јавно ви се обраќам, јас ова го правам затоа што ја следам вашата активна борба за спас на нашето вековно име од кое ни произлегува идентитетот. Потребни сте ѝ на Македонија.

Јас не сум сигурен уште колку време ќе можам слободно да пишувам. Секој миг очекувам хунтата да почне, со поддршка на светската изопачена моќ, да расчистува со сите нас што зборуваме гласно за окупацијава, геноцидот, укинувањето на демократијата, Уставот и законите. Но, вие таму можете. Историјата познава влади во егзил. Оттаму ќе можете полесно и послободно да дејствувате. Оти јас не гледам друг начин. Политичарите тука се бескорисни марионети со материјална, а без национална свест. Народот, не сакам да судам, веројатно со право е исплашен. Другиот дел е со поданички менталитет. Тие се малодушни и маловерни. Насилството и криминалот станаа легално оружје на власта. Како во секоја окупација. Затоа, веднаш ни е потребна таа влада во егзил.

Инаку, хоророт во Македонија продолжува во сите нивоа на политичкото, општественото и секојдневното живеење. Отидовме дотаму што една трагична сообраќајна несреќа во која се изгубени човечки животи стана поле за политичка пресметка. Хистеричните политички марионети, шарената интелектуална бижутерија и зомбифицираното „граЏанство луѓенца“ од скопската лажна авангарда ја распнаа професорката Билјана Ванковска, поради фејсбук-статус во кој не само што нема говор на омраза, туку е сосем обичен израз на вчудовиденост од трагедијата. Но ГМО-естаблишментот на интелектуалната бижутерија, која секогаш папагалски вреска, успеа во зборот „иронија“ да најде говор на омраза, па ја кренаа кладата за палење вештерки. Заднината на нивната хистерија добро му е позната на секој нормален човек. Тие како луѓе се толку себични и самобендисани што немаат сочувство за никого, она што јавно го презентираат се само фарса и шминка. Тие ја мразат Ванковска затоа што беше една од најактивните во нашата победа на референдумот. Им ја победивме машинеријата, па затоа мразат, оти поинаку не знаат. Истиве овие хистерици ги соголе една обична годишна програма на Министерството за култура по која на површина излегоа сета нивна албанофобија и фрустрации.

Погледни нè какви станавме господи, се измисли говор на омраза за да се оттргне вниманието, некојси таму пратеник ни кажува за странска вмешаност во трагедијата, уште името на Путин да осамне како главен виновник, а ваму никој не ги поставува главните прашања, со какви автобуси се возат граѓаните на Македонија, колку време помина од несреќата дури се појавија оние што треба да помагаат, каде беа специјалните спасувачки екипи за извлекување, ама не, ние сме најдобри во дефокусирање и меѓусебно мразење. Се надевам дека душите на упокоените од несреќата, ќе се молат кај бога за нас живите, ама избезумените.

Во меѓувреме се тера со насилното и незаконско менување на идентитетот на државата. Колку мизерно, бедно и навредливо изгледаше она прелепување на таблите на кои пишува Република Македонија. Сечена, лепена и монтирана ГМО-држава. Но тие не се ни свесни колку безумно изгледаат оние нивни лепенки преку кои постоењето ја соголува апсурдноста на нивното политички октроирано дејствување. Каква само беда!

За вработувањето вујни, баџанаци, стрини, швалерки и домашни миленици на владејачки функционери во државни институции не сакам, ама воопшто, да пишувам. Навреда е за интелигенцијата. Сеедно што сите врескаат против ваквото однесување на власта. Извинете, ама што очекувавте? Не можете да ми кажете дека Заев не ви го кажа ова јасно и гласно. Рече ли дека ќе вработуваат од чистачка до директор? Рече. Е па, не правете се наудрени и затнете муцињата. Човекот создаде нова ГМО-држава, на власт е без да победи зашто има силни спонзори и крајно е ненормално (што кај нас е нормално), во новата држава да си вработи луѓе од доверба. А вие не сте од доверба, вие бевте за една употреба кога ви ги исполнуваше деноноќијата со туѓи разговори, кога ве влечкаше по улици за да фрлате презерватив, кога ги погазија сите закони и процедури, а вие молчевте. На најкриминален начин сменија име и идентитет, избришаа блиска и далечна историја, збор не рековте, со прст не мрднавте, напротив, гласно им се ситевте на оние што се бунеа, врескавте со хистерична злорадост кога власта го помножи со нула мнозинството граѓани на референдум, па сега крајно лицемерно е да се буните кој како вработува или дава пари на конкурси, само затоа што ве удриле по џебот.