Византиската дипломатија како насушна потреба

763

Од денешна перспектива, можеме да ги обвиниме Византијците дека се служеле со интриги и лукавства, меѓутоа тоа бил единствениот начин за да преживеат. Честопати имале прагматичен пристап кон нештата и затоа потпишувале договори што биле на нивна штета, но го чекале вистинскиот момент за да го возвратат ударот

Многупати досега сме слушнале за византиската дипломатија, но што точно претставува таа? Постојат стотици примери, а ние би посочиле само еден.
Во 968 година во дворот на рускиот кнез Свјатослав Игоревич пристигнал византискиот дипломат Калокир. Неговата задача била „едноставна“, да го убеди рускиот владетел да им помогне на Византијците во војната против Бугарија. Привлечен од византиското злато, Свјатослав ја прифатил понуда и со 60.000 војници се појавил пред границата на Бугарското Царство. Руската армија ограбила и уништила околу осумдесет града, а кога бугарскиот цар Петар ги слушнал лошите вести, добил епилептичен напад. Следната година рускиот кнез бил принуден да се повлече бидејќи Печенезите го нападнале Киев. Откако ги поразил непријателите, Свјатослав повторно со својата армија се појавил на реката Дунав, но сега не како сојузник на Византија.
Во текот на преговорите со Византијците, рускиот кнез побарал баснословна сума за повлекувањето на неговата армија, а доколку тоа не биде исполнето, Византијците требало да го напуштат Балканскиот Полуостров како компензација. Византискиот цар не ни помислил да го исполни бараното и војната била неизбежна. Во 970 година, руската армија ја минала Балкан Планина и се упатила кон југ. Свјатослав го освоил градот Пловдив и погубил околу 20.000 негови жители. Меѓутоа во понатамошното напредување, Русите биле попречени и биле принудени да се повлечат.

Следната година, Византија ги реорганизирала воените сили и започнала контраофанзива. Руската армија била поразена пред ѕидовите на градот Преслав, но Свјатослав успеал голем дел од својата армија да спаси кога се повлекол кон Дунав. Во Доростот руската армија повторно била опсадена од Византијците, меѓутоа никој не можел да реализира одлучувачка победа. На крајот, кнезот Свјатослав и византискиот цар Јован Цимискиј потпишале мировен договор, според кој, на Русите им било дозволено да се повлечат во замена за ветување дека никогаш повеќе нема да ја нападнат Византија. Свјатослав не го надживеал договорот бидејќи бил убиен од Печенезите во заседа кога се повлекувал кон Киев.
Преговорите и војната со рускиот кнез Свјатослав Игоревич се класичен пример за византиската дипломатија. Бидејќи Византија била опкружена со многубројни непријатели и поседувала ограничена воена моќ, дипломатијата била неопходност за Византијците.
Во втората половина на десеттиот век, најголемиот непријател на Византија беше Бугарското Царство, кое беше создадено од Симеон Велики. Византија изгуби огромни територии и постоеше реална опасност дека и Константинопол ќе биде освоен од бугарската армија. Со отстапки и убедувања, Византијците успеаа да ја спасат престолнината од Симеон, надевајќи се дека по неговата смрт ќе настапат поволни ветришта. Новиот бугарски цар Петар се покажал како неспособен владетел и Византија решила да го возврати ударот, но бугарската армија и понатаму била крупен залак за Византијците. Бидејќи не можеле сами да ја уништат бугарската држава, Византијците успеаа да го убедат рускиот кнез Свјатослав да војува против Бугарија.
Бугарите се нашле во неповолна положба, на југ војувале против Византијците, а на север против кнезот Свјатослав. Византија ја искористила оваа ситуација, која сама ја оркестрирала. Ги убедила бугарските првенци да прифатат вазален однос на Бугарија кон Византиското Царство, како помало зло отколку руската окупација.

Откако успеале да ја потчинат Бугарија, Свјатослав повеќе не им бил потребен на Византијците. Бидејќи не сакале отворена војна со рускиот владетел, византиската дипломатија ги убедила Печенезите да го нападнат Киев поради што руската армија била принудена да се повлече од Балканот. Неговото повлекување било искористено од Византијците за консолидирање, а кога Свјатослав се вратил морал да војува против здружената армија на Византијците, Бугарите и Печенезите.
Византија секогаш се трудела да избегнува непотребни војни што ги црпеле нејзините ресурси и решила да го потпише мировниот договор со рускиот кнез. Но реалната опасност останала. И покрај ветувањата на Свјатослав дека повеќе никогаш нема да го нападне Балканот, Византијците не му верувале. Затоа додека воделе преговори со рускиот кнез, византиските дипломати преговарале и со Печенезите. Последните ги убедиле да го нападнат Свјатослав додека се повлекувал кон Киев и на овој начин Византијците ја зачувале својата армија од понатамошни загуби, а истовремено ја уништиле и руската опасност од север.
Од денешна перспектива, можеме да ги обвиниме Византијците дека се служеле со интриги и лукавства, меѓутоа тоа бил единствениот начин за да преживеат. Честопати Византијците имале прагматичен пристап кон нештата и затоа потпишувале договори што биле на нивна штета. Понекогаш минувале децении, а некогаш век и половина, но тоа било византиска игра на чекање. Непријателите на Византија биле порозни на изминатото време и Византијците го чекале погодниот момент. Со други зборови, Византијците оставале времето да мине, да се намали напнатоста и да се избере вистинскиот момент за да се возврати ударот. Не случајно Византија е најдолготрајната држава во историјатa и во текот на илјада години византиската дипломатија умешно се справуваше со опасностите.