Верата и јазикот – душата на народот

932

Настани, симболи, алузии

Кога многу народ се беше собрал околу Исус Христос, го рече тој овој збор: Што му користи на човека ако сиот свет го добие, а душата своја ја загуби? И што може човек да даде за откуп на својата душа? Одговорот е: душата човекова има поголема цена од сиот видлив свет, целиот свет да го даде не ќе може душата изгубена да ја купи зашто душата е најголемото човечко богатство.

Утре е Задушница, црковен празник кога православните христијани ги посетуваат гробовите на своите блиски, се молат и раздаваат за душите на покојните, знаејќи или не верувајќи, дека смртта е само една врата преку која човековата душа преминува од животот на земјата во живот на другиот свет.

Има или нема човекот душа, постои или не постои? Тоа е прашање што се поставува од постанокот на човекот до денес, но за кое нема јасен одговор.
Зборот ДУША е општословенски збор што има ист корен како и зборот дух. Според етимолошките речници, потеклото на зборот душа е од зборот дух, односно дах. Не постои стандарден договор што значат термините „душа“ и „дух“, како и за други духовни концепти присутни во многу религии, секти и култови. Немањето стандардизација предизвикува забуна и често резултира со бесмислени дискусии.
До денес прашањето за душата е тема на различитости, за неа се кршат копја во антропологијата, во етиката, во религијата. Филозофи, теолози, психијатри, физичари, поети, цареви, мистици, па и алхемичари со векови расправале за вечната дилема – има или нема душа. И дали е смртна или бесмртна.

По библиските сфаќања и во најширока смисла душата ја претставува внатрешната личност на човекот. Таа му дава живот на телото, преку неа се разликува од другите живи суштества на земјата. Душата му ја вдахнал преку здив Господ на првиот човек што го создал од кал. Заедно со телото душата е она што човекот го прави човек. Ако секоја појава има свој почеток и крај, единствено за душата се смета дека има почеток, но нема крај, таа е бесмртна.

По Библијата, Господ Бог откако создал сѐ друго, шестиот ден од прав земен го создал, според својот образ, човекот како тело. Потоа му дувнал во лицето дух животен и станал жива душа, по што го сместил во Едем, кај што бил рајот. Така човекот се појавил во својата величественост, совршен по душа и тело и различен од другите животни и од билките од Бога создадени. Теолошкиот постулат во православието е дека телото и душата човекова претставуваат една целина, создадена во заеднички миг при раѓањето на човекот, е утврдено со канонски одлуки на 5. Вселенски собор во Цариград во 553 година. Тогаш светите отци, под покровителство на царот Јустинијан Први, потврдиле и го означиле како догма ставот дека душата е создадена заедно со телото, а не одвоено едно од друго, односно претставува едно цело.

Филозофите имаат три различни ставови: едни на душата гледаат како на нешто посебно, различно и независно битие од телото, другите дека душата и телото се посебна најтесно поврзана единственост, а третите го негираат нејзиното постоење. Свети Атанасиј Велики вели дека телото е како харфа на која душата свири како музичар. Душата не подлегнува на смртта, туку телото умира тогаш кога душата се одвојува од него. Душата е таа што живее по смртта на телото. И според народните сфаќања, душата излегува од телото со последниот здив на човекот, па затоа зборот здив во дијалектите се идентификувал со душата. Едни автори сметаат дека тоа е филозофска измислица, односно тврдат дека нема душа. Некои скептици ја објаснуваат како стара свештеничка измама за да се владее полесно со луѓето. Некои мистични теоретичари објаснуваат дека човекот, освен телото и душата, се состои и од други два најважни елемента: неговото име и неговата сенка. Човекот без име е сенка, а човекот без сенка не е човек, таквиот е олицетворение на ѓаволот.

Од трета страна, познати се и теориите дека душата постои, дека е еден куп енергија во форма на мал облак со светкава точка, мало привидение со дијаметар од три до 15 сантиметри, тежи од 10 до 34 грама, се состои од невидливи најквалитетни сребрени нишки. Тоа, наводно, било облачето на последниот здив што се појавува при нејзино напуштање на телото кога згаснува животот.

Сепак, и во црквата и во науката, најзастапено е мислењето дека душата ја добива секој од нас уште при зачнувањето или раѓањето, на начин таинствен, непоимлив, необјаснив. Душата е постојано во човековото тело, нема ни најмал дел што нема своја душа. Зборот душа евоцира невидлива моќ: одделно битие, дел од живо суштество или обичен животен феномен, принцип на живеење, на организација, на дејствување. Поради нејзината таинствена моќ, таа се сфаќа како натприродна сила, како дух, како енергетски центар.

Поимот душа не значи секогаш исто, тој се прифаќа како целокупност на нашите душевни активности: чувствата, мислењата, желбите, поривите, постапките, дневниот живот. Значи, секоја душа има свои лични особености, различни од другите, и затоа меѓу луѓето има големи разлики во мислењата, карактерите, постапките, животот воопшто. Оттаму, за некого може да се чуе: тој е човечиште, човек со широка душа, или обратно – тој е бездушен, што не значи дека нема душа, но е поинаква, лоша. Често, во некои дискусии, може да се чуе фразата: му ја продадовте (или не му ја продавајте) душата на ѓаволот. Во преданијата за маѓесништвото, во литературата и на други места чест е мотивот за тоа како човекот може да му ја продаде својата душа на ѓаволот, а во замена да го добие она што го посакува на овој свет. Оттаму потекнува и поругата наречена – продадена душа.

Македонската лексика е богата со изрази и поговорки за душата. На пример – „верата и јазикот – тоа се душата на еден народ“ или „луѓето се душата на Македонија“. Едно од најчестите заколнувања кога некој ја зборува вистината се прави преку изразот „жими душа“, ставајќи ја во залог својата или на некој од починатите родители. Има и „вади душа, греши душа, зема душа, зема некого на душа, кај ќе му оди душата“. Не еднаш сме слушнале: тој е душа (од човек), има памук душа, дава душа (за некого), ја отвори душата, колку ти душа сака, мек како душа, рани душа да те слуша. На крајот, секако, не се испушта една библиска порака, која вели: Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не може да ви ја убијат, туку бојте се повеќе оние што и душата и телото може да ви ги погубат.

Според некои статистики, од постанокот на човекот досега умреле околу 85 милијарди луѓе. Врвни светски хирурзи велат дека никогаш досега ничија душа не се појавила на врвот на скалпелот, не ја видел ниту еден доктор што оперирал органи од тело, не ја забележал ни најсовремениот медицински компјутер. Човекот отиде во вселената стигна и до Марс, никој не видел таму да лебди некоја душа, нечиј дух, како што е во народните верувања дека таа оди на небото. А и никој друг не кажал дали има или нема душа, зашто ниту еден не се вратил откако се преселил од овој на оној свет. Сето тоа е точно, но и за тоа да се тврди сепак треба да се има душа.