Велигденска: лајф коучи

995

(Писмо до Неговиот незнаен апостол)

Ти, што си останал анонимен апостол, а си бил сведок на Голгота, слушни ме добро! Многу време помина од оној миг кога го симнаа од крстот, уште неостинат, кога оние што тврдеа дека најмногу веруваат во него, ги украдоа клиновите со кои беше распнат, зашто беа златни поради циникот Пилат. Многу време помина, а верувај, ништо не е сменето. Не сме станати подобри луѓе, ни за трошка од неговото тело и ниту за капка од неговата крв, со кои инаку се причестуваме. Дури, некои нешта се влошени: секојдневно некој некого распнува на крст. Дури и цели народи се распнуваат на крст од поголеми, ама тоа сега глобално и генерално се вика демократија: секој има право да му суди на другиот, а доблест да си суди самиот себеси – не. Умре она: „биди попустлив кон туѓиот, а немилосрден кон сопствениот грев“. И многу други добри нешта умреа, а многу лоши нешта се раѓаат и повторуваат: златните телиња се и натаму обожувани. Значи, премногу неоснована верба имаше Он во нас луѓето, како што рече и Големиот Инквизитор во прочуениот роман на Достоевски. Он мислеше дека можеме многу повеќе, ама Го изневеривме и Го злоупотребивме. Светата книга, рака на срце, предвиде дека ќе се јават многу лажни пророци пред крајот на времето, но не и дека РЕЧИСИ СИТЕ ќе им веруваат.

На пример, ти не знаеш дека на Запад, каде што живее сигурно добра половина Христови верници од целата планета, се јавија лажни пророци што се викаат „лајф коучи“. Се шират и на исток, и во православниот свет, сè повеќе. Да ти појаснам: тоа се тренери што те тренираат како да живееш. Односно, те учат како да живееш исполнето и среќно; човек прво би помислил дека најмалку стопати живееле, штом можат животот да им го предаваат на други, низ лекции. Велиш апсурд е тоа? Како може некој што не го изживеал животот со исполнетост на верата и љубовта, да предава што е тоа исполнет живот? Се согласувам; без завршено учителско школо, учител не бидува! Порано само светите старци, на самиот премин од конечното во бесконечното беа лајф коучи, и тоа бесплатни. Денес не е така.

Што учат и што проповедаат, прашуваш? Па нè учат, како и ти и твоите собраќа апостоли, како да бидеме среќни. Ама на поинаков начин од вашиот. Вие проповедавте: само оној што е во Бога и Бог во него, ќе биде среќен и не ќе мора да јаде од минливиот леб и да пие од минливата вода, туку ќе се храни и пои од вечни јастија и питија поставени на Неговата духовна трпеза. И никогаш нема да биде гладен и жеден. Е па, овие нови лајф коучи, да ти објаснам најкратко и сликовито – малку ја имаат модифицирано вашата „програма“ за среќа. Ако вие нè учевте да не лажеме, овие нè учат, доста ефикасно, како да лажеме, а да изгледа како да говориме вистина, и со тоа да бидеме не само среќни, туку – пресреќни. Да наведам примери? Не знам дали си слушнал, ама денес политикологијата, маркетингот и корпоративното комуницирање, како и брендирањето производи ти се главни науки на кои младите се запишуваат.

Тоа се совршени науки, кои сами по себе, како и секоја наука, не се лоши, но кај лошите луѓе стануваат совршени алати за создавање илузии. На пример, стануваш политичар (и тие се лајф коучи, ама од општа практика, така да речам), ветуваш дека ќе вработиш најмалку по еден човек од секое семејство, потоа мирно си профитираш од функцијата додека трае мандатот, и потоа – како претоварен брод на Оназис си заминуваш на мирно место да си го одживееш животот без да го исполниш ветеното. Или: ако си стручњак за маркетинг или за брендирање, а работиш за „Рено“, со вешти и примамливи видеореклами тврдиш дека „рено“ е најдобар автомобил на светот. Твојот колега од Германија тврди дека тоа е „ауди“. А трет колега, кој прави исто така убедлива рекламна кампања, со совршени видеоспотови, тврди дека најдобар во светот е „фиат“. И така, имаш три најдобри на светот во исто време, и никој не се буни. Што велиш? Да, да, и тоа спаѓа под демократија – да нема еден најдобар, сите ученици да бидат одлични уште од основно школо. Тоа „најдобар“ постои само уште во спортот.

Сега е време на повеќе вистини. Знам дека се муртиш и си мислиш: ако има повеќе од една вистина, секоја од другите е лага, макар била вистинолика. Ама, веќе не е така. Не можам сега да ти објаснувам темелно: постмодернизам и деконструкција се вика тоа, односно производство на вистини. Вистината веќе не се открива, зашто се верува дека не постои готова, туку се произведува. Ама остави го тоа, тоа се човечки уки и науки!
Следствено на лагата, исто така, овие нови пророци, за разлика од вас што нè учевте да не крадеме, нè учат како да украдеме, а да не нè фатат. И како да убиеме, а да не нè фатат. А среќата да дојде токму од она „не ме фатија!“ Првото се вика совршен тендер, а второто совршено злосторство, и второво многу го има на некои ТВ-програми како ИД (Investigation Discovery), на пример, каде што низ конкретни криминолошки примери на младиве им се даваат идеи како да се ослободат од досаден другар, досаден татко или досаден сопруг. На пример, јас од нив научив дека ако му давате на досадниот секојдневно да пие по многу мала доза антифриз, тој ќе умре, а вас нема да ве фатат, зашто антифризот ги гризел органите многу слично на некоја системска болест. Има такви емисии на темата „Како да убиеш а да не бидеш фатен?“ колку сакаш; кога ќе имаш време заврти на некоја „крајм програма“. Знам, знам дека се гневиш. И знам дека она вашето, односно од Отецот – „не посакувај ништо туѓо“, исто многу те гневи, зашто денес да присвојуваш туѓи пари или да љубиш туѓа жена е како да пушиш туѓи цигари, како што рече Чехов на времето. Ама така е.

Дали учат на внатрешна рамнотежа? Па, да. Ама само оние што во потесна смисла се нарекуваат лајф коучи. Тие учат дека среќата е во самопознанието, во усогласувањето на желбите со реалните способности, учат дека љубовта е лек за сè, дека за среќа треба да се земе предвид комплетната слика, а не делот. Холизам, гешталт и тие работи. Дрн, дрн јарина? Знам дека без Бога сè е дрн, дрн јарина, ама тие вадат плата од таа работа. Ме прашуваш што прават вашите наследници, свештенослужителите? Од каде да знам? Знам дека се лутиш што лајф коучите им го земаат местото на духовните отци, ама така е. Преземи нешто таму, што да кажам. Сами не излегуваме од ова. Толку. Амин.