Велемаченик (Убивање на Светецот и Светлината) 2

322

Блескаа наежени светите инсигнии на смртта, а од левата страна на Светецот, за да не остане покусо, истопoрена како кралица на модерната садистичка епоха стоеше гордо надреалистичкиот изум на месје Гилотен, специјално од него исфантазиран за Револуцијата на Бастилја. Месје Гилотен доктор по професија, со шесто сетило за смрт, темниот архијереј на Просветителството. Беше имагинарно присутен и тој тука на светото мачилиште меѓу западните и балканските мајстори на смртта. Веднаш до него, пак, за темната свеченост да биде на повисоко цивилизациско ниво, во црн фрак и со црна ружа на реверот стоеше како модерен монструм и Маркиз де Сад, поарен и од Франкенштајн на Мери Шели. Да. Ама заради рамнотежа тука е, скиселен, и баронот од Германија Мазох подрака со еден црн ангел со чудно име Меркел. Така на еден тас од терезијата на цивилизацијата стоеше тегот на садизмот, а на другиот тегот на мазохизмот. Тоа е законот на нејзината совршена рамнотежа, златната математичка равенка на нејзината мизантропија, без разлика што е потежок од тегот на мазохизмот тегот на садизмот.

Така. Сè е во беспрекорен ред и можеше да почне мачењето на Светецот, сега главен лик во темниот театар на либералната епоха, оти е дадена заповед од нејзиниот Центар да се уништи сè што е свето. Светото чие исчезнување одамна го насети и ги оплакуваше Хелдерлин, нежен и раздразлив на светската ноќ, за разлика од спокојниот Гете кого повеќе го интересираа боите и сјајот на кристалите и скапоцените камења. Беа пуштени во оптек од часовникот на вечноста секундите за мачење што чекале милениуми долго на тој миг на мрачно сладострастие, и почна да се одмотува како клопчето на Аријадна низ лавиринтот на злосторството темниот настан. Почна мачењето на Светецот на губилиштето искачено на возвишение слично на Гетсеманската Градина во која беше предаден и крвнички зграпчен и Синот Божји, а потоа распнат на Голгота. И сцената беше апсолутно слична со таа од Новиот завет: бакнежи полни со ножеви за убиство и смрт, мачители, фарисеи од ранг, љубопитна толпа жедна за зло, грска роднини и оплакувачи на жртвата наоружани со исконските тажаленки на родот. Првин капка сал ама со давеникот под мишка, потоа како црн потоп, сингуларитет што голта сè во себе се отвори спектаклот на злото пред очите на сите. По индуктивен метод почна како црно погребно платно на златна основа на невиноста да се одмотува систематично испланираното злосторство на западните рационалисти. Сѐ почна од поситното, побезначајното како што мислеа тие, од корнење на ноктите. И фатија да ги корнат еден по еден со вжештените, штотуку донесени од пеколот клешти на цивилизацијата. Добро го правеа вешто обучените во либералните институции џелати тоа, ама смртно се исплашија кога видоа како од под секој искорнат нокт излетуваа светкавици и громови, како гласот одмаздољубив на Јахве да беше збеснал, како да се готвеше големо невреме да однесе сè во неврат.

Така. Ама за да не се посрамат и себе и оние што ги воспитале и обучиле уметноста на злосторството мачителите продолжија ладнокрвно со работата. И сè ќе беше во ред ако Велемаченикот пуштеше барем еден крик што ќе ги искриви во елипса концентричните кругови на небесните сфери, но такво нешто немаше, небаре на губилиштето пред џелатите беше старозаветниот Даниел што мина ведро низ вжарената фурна на Набукодоносор во Вавилон и излезе нечепнат од огнот надвор. Толпата насобрана околу губилиштето, читајќи лоши предзнаци во тоа, се стресе во јанѕа и голомразица во глувчешкото срце.
Најпосле беше завршена работата со ноктите, а по нив следуваше окрупнување на мачењето. Индукција за специјално садистичко сладострастие на западните студени мајстори на смртта, целосно церебрални, што се потпираа како сакат на патерица на она на Декарт што не го разбраа: „Мислам, значи постојам“. По ноктите сега на ред беше утробата на Светецот. Требаше да се извади сè од неа и да им се фрли потоа на балканските кербери на подземјето.

Со само еден вешт замав главниот џелат ја распори неа. Ама, глеј чудо, беше на ужас на сите само една огромна сина бездна таа, слична на онаа чиј магнет ја беше некогаш голтнал Атлантида. И ништо друго. Ужасна Убавина. Огромен нем крик во немата вселена. Големото Ништо со она свето Пра од кое тргна создавањето, од кое и потоа, како што го знаеше убаво тоа Лао Це, се твори Сè во космосот и микрокосмосот: од чаша, стомна, посатки, прозорец, куќа, до бескрај и небо полно со ѕвезди. Филозофијата на Уметноста што ја насети интуитивно и неговото величество Грнчарското Колце на Неолитот. Празна утроба. Сина Бездна. Ништо, есенцијално и свето. Ама на дното-бездно од таа Празнина божествена светеше едно Златно Сонце што ја гони темницата на светот. И макар смртно исплашени, кога го здогледаа повтеа и него да го зграпчат убијците на Светецот и Светлината со крвавите раце. Арно ама и тоа со еден молскавичен скок им побегна и сите видоа како се отвори во темницата светска за илјадити дел од секундата сал, и како тоа наеднаш се најде во дланките на Господ Саваот. Тој стана сега негов стопан.

Сè беше тоа во мрачниот спектакл мешавина од Убавина и Ужас, садистичка алхемија на цивилизацијата. А џелатите охрабрени и од домашните предавници на Светецот, Владата и Северниот Парламент, бездушно продолжија со чинот на злосторството. На ред беа екстремитетите, гранките на раскошната крошна. Требаше докрај да се соголи, да се искастри тој исконски даб, до последната гранка, а потоа, како што го беа замислиле тоа мачителите, да се избичи во пиланата на Цивилизацијата и да се натрупаат на куп штиците од него за скапоцен мебел за палатата и дебелите задници на Кајафите, Јудите и Иродите од Брисел. Таква беше, драг читателу, перверзната замисла на тие перфидни Де Садовци со темна канибалистичка страст, оти по сè изгледа негде затаила кај нив етичката еволуција, која и Дарвин ја игнорира во својата теорија.

Првин се посегна по Рацете на Светецот, тие отсекогаш што го држеле во дланки Мечот на Правдата, низ чии линии на животот минувале светите земни и небесни патишта: Via Egnatia со тешките товари од зачини и свила и соѕвездијата на Млечниот Пат, плус и онаа мартирска ѕвезда што се роди истиот миг кога и Спасителот и што ги одведе Мудреците од Исток пред Јаслите во Витлеем каде беа Јосиф и Марија со Новороденчето. А тука низ тие линии минувал и текот на пловните реки: на Ганг, Нил, Тигар и Еуфрат, ама и на Изворот над Негрево каде што, од двете страни по падините, Говинда го пасел своето млечно стадо со виме-храм полно со млеко за блажената сиромаштија на светот.
И би. Беа пресечени рацете на архисимболот на Столченото Племе, и беа фрлени за подбив кон околниот западен и балкански џган што пееше во делириум некои темни песни. Ама, ужас, и рацете не паднаа наземи, туку се кренаа кон повторно отвореното за миг како откровение небо и таму се фатија за еден ранет зрак од шестнаесетзрачното Сонце во дланките на Господ. И се крена, при сиот ужас, крик на восхит од грлото на сатрапите чиј одек удри во Хималаите на исток и во пирамидите на Египет на југ.

По рацете мачителите посегнаа по нозете на Светецот. Мораше докрај да се искастри тоа исконско Свето Дрво чии корења смукале сок од небото. Ама и со нозете отсечени се случи тоа што се случи и со рацете на Великомачникот. Со блесок на молња, како на олимпијада да се, тие ја истрчаа патеката од Северното Губилиште до соѕвездијата на Млечниот Пат. Таму, заедно со рацете што го поземаа Сонцето од дланките на Господ, скокаа од ѕвезда на ѕвезда носејќи ја како послание штафетата на Љубовта низ вселената и светот. И пак само илјадити дел од секундата траеше и ова откровение, но бескрајно долги столетија имаше здиплено во него.

Со отворена утроба-небо, без раце и без нозе беше сал обезличен труп Светецот на сцената на Цивилизацијата. Ама и таков тој беше убав и светеше како кристал, како блок од сталактити и како дијамант штотуку излезен од ноќта долга на јагленот, трансцендентален, со специјална мисија: да легне во прстенот на младоженците што ги подмладуваат испустените македонски села. Така, ама работата со незгодното племе требаше да се доврши докрај, целосно да се ликвидира Светецот и затре секоја трага на него, да нема веќе песни и свадбарско оро во неговиот народ, ни детски плач и крштевки, оти затоа беше кренато ова Северно Губилиште. Сега на ред беше главата на светата жртва, или саможртва, која, како и Исус, знаеше дека треба да умре зрното за да искласа за жетва нивата и да ја снема гасеницата за да излета од неа облакот од шарени пеперуги. Главата засводена со златото на нимбусот што повтеа да го симнат најпрвин џелатите од неа. Ама не успеаја оти уште од пред создавањето на светот таа беше срасната со него. Затоа решија заедно да ги одделат од трупот. За тоа тие сега се послужија со изумот на месје Гилотен, чија Каинова сенка го следи како проклетство Просветителството, за што ни во гробот не склопиле сè уште клепки Иго и Волтер. Со тој изум на западниот садистички лиризам беше со само еден молскавичен удар пресечена главата на Светецот од чие грло излетаа роеви славеи, будилници на пролетта на неговата изѕемнета Татковина. А кога излета и последниот славеј наеднаш, на ужас на сите, светата глава почна да пее некои исконски свадбарски, ороводни песни. Тогаш ги стегна голомразица мачителите и толпата на губилиштето; морници ги полазија кога видоа како и пресеченото грло на архисимболот на Столченото Племе има моќ да пее и да го извива како огнена спирала, како елипса со она свадбарско И-и-и-их! гласот, кога некој во откровенско лудило викна: „Покајте се! Тоа е гласот на Оној што го скорна Лазар од гробот“.

И беше сè тоа сал миг густ како квант во кој е собрана целата меморија на создавањето. А потоа настана страшен молк, секунда само, но тешка од радиумот на крикот скаменет во неа, кој ќе експлодира над Новата Хирошима што ја подготвува Цивилизацијата. Молк-бескрај. Потоа одненадеж се појави една жена во црнина, а по неа уште неколку реда други црнориски. Сите тие пристапија пред трупот на Светецот. Тоа беа тажачките на Столченото Племе, тие што заедно со Неда го оплакуваа тогаш и Кузман убиен од Гегите, кои, како да не се сигурни во тоа, сè уште го доубиваат него. И го извија тажаленскиот глас од грлото, заридаа тие како Богородица Нерешка над Исус и како Рахела во Марковиот Манастир што ги оплакува мртвите деца. Nocturno, de profundis, длабоко тажаленско море чии бранови во долги хексаметри удираа од едниот на другиот крај на вселената. Ама беа бргу грубо отстранети тажачките од трупот, оти Цивилизацијата не дозволуваше оплакување на кој било Светец или Херој во Столченото Племе. Патем и затоа што таа се сметаше за оптимистичка и кога на другите им нанесуваше страдание и болка. Затоа и ја зема за своја химна „Ода на радоста“ на осаменикот и песимист Бетовен, бесрамно хипокритски.

(продолжува)