Бројки, појави, предлози

171

Бидејќи честопати ги мешаме термините или ги поистоветуваме регионите со изборните единици или општина со град, треба да се знае кои се тие и како се користат, бидејќи во анализите не одговараат на состојбите

Познато е дека скоро сите состојби, независно за што се однесуваат, во целиот систем на информирање, градење политики и функционирање во сите земји во светот се творат врз основа на бројки. Затоа честопати се милува да се каже дека им веруваме на бројките, поготово ако се задоволителни или покажуваат позитивни трендови. Затоа, во овој момент сѐ уште ни се свежи бројките и состојбите од претседателските избори. Истите се одвиваа во два изборни круга. За истите се користеше за гласање избирачкиот список во кој имаше запишано 1.808.131 избирач, распоредени во 3.480 избирачки места во 80 општини во 8 -те региони во државава. Бидејќи честопати ги мешаме термините или ги поистоветуваме регионите со изборните единици или општина со град, треба да се знае кои се тие и како се користат, бидејќи во анализите не одговараат на состојбите. Се мисли на изборна единица и регион и општина со град. Зошто? Затоа што општините кои влегуваат во состав на една изборна единица не се истите кои се во состав на еден регион или, пак, треба да се знае дека постојат 8 региони, а 6 изборни единици. Исто така е неспоредлива анализата на општина и град, затоа што градот се води како едно населено место, а општината има од 1 до Н населени места кои се распоредени во согласност со Законот за територијална поделба на единиците на локалната самоуправа.

Во однос на бројките е добро да се каже и дека во 32 дипломатско-конзуларни претставништва во нашата земја гласаа 1.781 избирач, во затворите и казнено-поправните домови – 1.640, во домашен притвор – 12, во старечки домови – 71 и седум раселени избирачи. Познато е дека претседателските изборите ги следеа 3.381 домашен и 520 странски набљудувачи, беа вклучени 289 преведувачи, како и 60 странски новинари.
Од досега наведените бројки и појави може да се констатира дека на избори, а и сега на овие претседателските, учествуваат голем број учесници кои имаат свои обврски и задачи во согласност со нивната ангажираност. Но сето тоа дава белег и на важноста на самите избори.

За претседателските избори оваа година, кои завршија со вториот круг на 05.05.2019 година, а на кои имаше цензус од 46,7 отсто или гласале 843.508 гласачи, со што истите се сметаат за валидни. Поголем број гласови од избирачите кои излегле и гласале доби претседателскиот кандидат поддржан од политичката партијата СДСМ и 30 други политички партии, и тоа 435.656 гласа или 51,65 отсто, а вториот кандидат кој беше поддржан од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ доби 377.447 гласа или 44,75 отсто. Од излезените гласачи треба да се каже дека на 30.407, или 3,60 отсто им се поништени гласовите, односно дека имало неважечки ливчиња.

Секако дека бројките се интересни не само на државно ниво туку и на општинско, но е добро тоа да се прикаже и на регионално ниво. Тоа значи какви се бројките, и тоа на регионално ниво, такви се и во 8-те региони, а во 2 (Вардарскиот и Источниот) повеќе гласови доби кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а во преостанатите 6 региони (Пелагониски, Југоисточен, Полошки, Североисточен, Југозападен и Скопски) кандидатот на СДСМ и преостанатите партии. За одбележување е тоа што од 80 општини, во 41 повеќе гласови доби кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а во 39 кандидатот на СДСМ.

Она што паѓа во очи и она што е забележително во бројките е тоа што има и доста неважечки ливчиња и тие се движат од 3,1 до 4,0 проценти од излезените гласачи. Исто така, интересна е појавата на излезеност на гласање од аспект на процентот на излезеност и таа се движи од 16,2 проценти во општината Желино во Полошкиот регион до 72 отсто во Демир Капија во Вардарскиот регион. За одбележување е дека голема излезеност имаше во малите или претежно рурални општини – Лозово, Ранковце, Росоман, Демир Хисар, Гевгелија, Крива Паланка, Македонски Брод), а со мала излезеност се и Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуша, Тетово, Теарце, Гостивар, Пласница, Центар Жупа, Дебар, Струга, Шуто Оризари, Сарај, Студеничани, Арачиново.
Покрај овие наведени состојби со бројките треба да се каже и тоа дека во истите имаше и некои појави на мали проблеми кои беа претежно од технички карактер, но секако и стручни или законски. За истите е надлежна Изборната комисија која треба да направи длабински анализи за севкупните познати и непознати состојби и веднаш да започне со изработка на нов изборен законик или со измени и дополнувања на постојниот.

Во анализите е добро да се обрне внимание и на финансиските трошоци кои се прават во самиот процес на избори, а посебно загрижува состојбата со гласањето во дијаспората. Таму има повеќе од изборната комисија што одат во тие 32 дипломатско-конзуларни претставништва отколку што има гласачи. Лесно може да се пресмета колку се финансиските средства. Според тоа, нема време. Брзо ќе дојдат и нови избори и од тие причини е потребно веднаш да се работи на појавите и присутните промени кои се доволно познати, без сите да ги анализираме и да ги изнесуваме, бидејќи се уочливи, видливи, познати и со доста предлози.

(Авторот е аналитичар)