Болеста на брат ми и сонот на мајка ми

5214

Настани, симболи, алузии

Славниот руски писател Лав Толстој својот прочуен роман „Ана Каренина“ го почнува со реченицата: „Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Ние во Ресен бевме на средината. Баба, дедо, татко, мајка, четири деца (јас близнак), бевме среќно семејство, како деца живеевме сити и безгрижни, на главна улица, во маало со колку сакаш деца, главно врсници или година-две разлика. Но истовремено имавме и болка. Брат ми Диоген (сите го викаа Генчо) боледуваше од хемофилија од најлош вид, не ја знам медицинската ознака. Да кажам просто, народски, хемофилијата е болест што предизвикува крвавења каj заболениот, по повреда или спонтано, и предизвикува тешки, тешки болки на зглобовите, колената и глуждовите и на рацете и на нозете. Крвавењата се долги и обилни, болките речиси неподносливи. Така беше кај Диоген.

Болеста му се откри случајно, на четиригодишна возраст. Играјќи на креветот заедно со нас, падна и си го свитка лактот. Не можеше да ја исправи раката. Тогаш почнаа и болките, а болеста како да му ја следеше трагата. Каде што одеше брат ми, по него трчаше и хемофилијата, се лепеше на него понекогаш од нигде никаде. Нешто подоцна, на една зимска лизганица во маалото, се преврте од санката и си го оштети коленото со непоправливи последици. Кога му паѓаа првите заби, со недели лежеше на трансфузија во болницата во Битола, истото тоа се случуваше кога ќе вадеше заб. Во една брканица со други деца по улица, удри со главата во ќошот на поштенско сандаче, штотуку поставено. Таков случај ниту имало ниту се повторил. Со месеци лежеше со трансфузиска игла во раката. Од првите петнаесет години, безмалку пет ги одлежа во болнички кревети, примајќи нечија непозната доброволно дарувана крв.

Колку што боледуваше брат ми, имам чувство дека сите болки ги одболуваше и мајка ми, помалку татко ми. Се бараше лек, чаре, спас од болките што испишуваа многубројни непроспиени ноќи. Го носеа Генчо во разни одделенија на битолската, тогаш многу почитувана болница. Бараа родителите пријатели и врски со доктори, немаше тогаш мито и корупција, докторите гореа во желба да успеат во лекувањето на пациентите, а не да им земат пари, да ги соголат додека лежат. Освен по болници, лек се бараше и во народната медицина, низ бабини деветини, го носеа брат ми по познати оџи во целиот регион, кај местачи, кај бајачки. Неколкупати носевме света вода од неколку места од битолски села, ништо не помагаше.

Значи така беше до неговата пет-шеснаесетгодишна возраст. Потоа крвавењата намалија, болките колку-толку потстивнуваа, за што сигурно голема заслуга има и медицината, која, иако доцна стигнуваше во Македонија, сепак напредуваше со методи на лекување и со нови лекарства за коагулација на крвта. Диоген веќе почна да живее понормално, да оди редовно на училиште, учествуваше во слободните активности, се занимаваше со она што го сакаше. А имаше фат уште од дете, беше мајстор аматер за прецизна механика на помали електрични апарати. Сигурно дека на подобрувањето влијаеја лекарствата што ги примаше, но мајка ми веруваше и во нешто друго. Тоа друго таа ни го кажа многу подоцна, по минати дваесетина години, не долго пред да замине на оној свет. Беше верничка, не богомолка, имаше страв од бога, но и од луѓето.

Ни го раскажа сонот и што направила потоа. Една ноќ, во сонот ѝ се појавила некоја постара жена, целата облечена во едноставна црна облека, жена во која мајка ми не препознала светица. Ѝ се обратила по името Милка и ѝ кажала дека лекот за детето ќе го најде во манастирот „Света Петка“ во Велес, тогаш Титов Велес. Таму да го однесе, трипати да го измие по телото со светата манастирска вода, со лицето свртено кон Вардар, да изговара неколку реченици и водата да ја истура накај текот на реката. Жената ѝ го изложила изгледот на манастирот, ѝ го покажала патот, по кој мост да помине и како да стигне до него. Мајка ми никогаш не била во Велес, освен што гледала кога патувала со автобус на релацијата Ресен – Скопје и обратно, две зими кога таа и јас како студент заедно продававме јаболка на тезга на Бит-пазар. Но тоа не било пречка патот покажан во сонот да ѝ излегува пред очи како обележен. Сѐ било јасно, исто како во сонот. Без да прашаат некого, стигнале со брат ми до манастирот и го направиле обредот што непознатата жена го препорачала таа просветлена ноќ.

Оттогаш маките намалија, болките проретчија, крвавењата подзапираа, или пократко траеја или беа понеобилни, ги поднесуваше речиси на нога. Но на негови 23 години доживеа сообраќајна несреќа како сопатник, го скрши коленото. Не сум сигурен, но колку што се сеќавам, се лекуваше пет месеци на ортопедската клиника во Скопје. Го спасија докторите, сестрите, имаше пофалби за целиот персонал за вниманието и негата што ги добивал. Кога го отпуштија, целосно заздравен, се тресеше што го виде пролетното сонце по толку време поминато во кревет. Се вклучи во општествено-културниот живот во Ресен преку културно-уметничкото друштво „Таше Милошевски“, патуваше во неколку земји.

Беше на лице убав, исклучително агилен и подвижен, разговорлив, често вицкаст, инвалидитетот воопшто не му пречеше (барем ние така мислевме и чувствуваме), никогаш болеста не ја отвораше како тема на разговор. Се ожени со жена што имаше големо разбирање, посветена и способна медицинска сестра, живееја во складен брак. Сами купија автомобил, Диоген возеше, купија стан, одгледаа роднинско дете, чие негово сегашно дете го носи името Диоген, како благодарност за брат ми, кој почина на 54-годишна возраст, пред 17 години. И што е најважно – Генчо имаше многу пријатели, не само од Ресен туку и од други места во Македонија, со кои разменуваше фамилијарни посети.

Манастирот „Света Петка“ кај Велес го посетив кога веќе не беше Титов Велес. Се наоѓа на излезот од Велес, во правец на југ, покрај Вардар, на стариот пат за Градско, Прилеп… веднаш до самиот пат, од десната страна. Место што по изглед не оставаше доверба, градба – мал параклис со црвени стари ќерамиди. Внатре, тесна просторија во која е изворот со света вода. Од кога бил параклисот и кој бил ктитор нема прецизни податоци и сознанија, но не е верско здание од стара доба. Но, секако, бил познат во Велес и околината зашто се верувало дека има исцелителна вода. Според убедувањето на мајка ми, има голема вистина во таквите тврдења. Во 2011 година, Повардарската епархија на Македонската православна црква, под светителство на митрополитот Агатангел, на местото на параклисот изгради архитектонски модерна црква со прекрасен живопис и со светиот извор во неа. Новиот храм и натаму е светилиште што го посетува многу народ.

Зошто ја раскажав оваа вистина, дел од мојата интима што долго време ми беше страв да ја допрам? Во Македонија, според народните верувања, има голем број чудотворни манастирски води, кои (ако се напиете или се измиете) лекуваат разни болести, подмладуваат, кршат клетви, забременуваат жени. Медицинарите, во најголем дел, не веруваат во ваквите „бабини деветини“, но луѓето што имаат мака, знаат зошто го прават тоа. Втората причина е низ животот на брат ми да ги охрабрам, колку што може, болните од хемофилија и нивните блиски дека има надеж како во медицината така и во соништата. Особено што хематологијата и трансфузиологијата се далеку-далеку понапредни од она време кон крајот на шеесеттите години од минатиот век и кога животот е многу позабавен и полесен одошто во тоа време.

[email protected]