„Бисери“ на политичарите за економија

382

Коста Стоименовски

Челните луѓе на македонската влада најавуваат подготвеност да држат лекции за економијата! А познато е дека лекции држат даскалите и професорите, додека политичарите треба да подготвуваат стратегии и политики за развој на државата и за добросостојба на граѓаните. Досегашното искуство покажува дека професорите не се снаоѓаат најдобро во политиката, бидејќи државата, односно општеството го идентификуваат со амфитеатар полн со студенти, кои внимателно ги слушаат предавањата, без какви било коментари, забелешки или несогласувања! Наш универзитетски професор на висока политичка позиција се осмели на папата да му држи лекција за св. Павле и за Палјурци!? На Економскиот факултет во Скопје студирав во времето на професор што држеше маестрални предавања за финансии, меѓутоа, подоцна влезе во политиката каде што не се прослави! Му дозволи на еден учител на висока позиција во политиката да креира и да спроведува апсурдна развојна политика на Македонија.

Многу успешни стопанственици не се прославија како политичари! Анте Марковиќ беше мошне успешен генерален директор на концернот „Раде Кончар“, но се покажа како неуспешен последен премиер на СФРЈ! Енормно го прецени динарот така што луѓето одеа на кафе во Солун, Софија и други градови во соседните земји. Со курс 7 динари за 1 ГМ не се исплатеше да се произведува ни пченица!? Дозволи некои југословенски републики да упаднат во монетарниот систем на СФРЈ, на штета на другите републики. Во негово време беа легализирани пирамидалните штедилници, кои ограбија голем број наивни граѓани! При крајот на последната деценија од минатиот век беше ангажиран за советник во македонската влада за баснословна сума пари! Неговите совети се сведуваа на предлогот за развој на македонската економија со инфлација од 10 до 15 отсто! На крајот поведе судска постапка против РМ и со поддршка на некои корумпирани македонски политичари и аналфабетски правобранители се офајди со половина милион евра и си замина од Македонија!

Иако беше правник, Светозар Вукмановиќ-Темпо по Втората светска војна заземаше челни места во органите на ФНРЈ, кои беа надлежни за економски прашања. Министерот за финансии на Западна Германија ја посетил Грција и на враќање со воз застанал во Белград за да се состане со југословенските политичари надлежни за економијата. На средбата со Темпо, германскиот министер детално зборувал за економските состојби во З. Германија и нагласил дека најголем проблем му е марката, поточно нејзината стабилност. На ваквата изјава на германскиот министер, Темпо реплицирал дека тој нема проблем со динарот, туку со странските девизи!?
Во времето кога Џемал Биједиќ беше југословенски премиер (1971-1977), Сојузниот секретаријат за надворешни работи (ССНР) на СФРЈ подготвил анализа за странските долгови во која предупредува дека Југославија влегува во опасна зона на презадолженост! Анализата била разгледана на состанок на Претседателството на СФРЈ, на кој учествувал и премиерот Џ. Биједиќ. Од ССНР на состанокот учествувал заменик-министерот (сојузниот секретар) за надворешни работи Лазар Мојсов.

На состанокот се развила дискусија со спротивставени мислења на учесниците. На крајот за збор се јавил премиерот Џ. Биједиќ, кој по струка бил правник, и пресекол со следниот заклучок: Југославија треба да продолжи со земањето странски кредити со образложение дека странските долгови ќе ги изеде инфлацијата!? Цената за ваквата политика подоцна ја платиja наследниците на Џ. Биједиќ, Бранко Микулиќ и Милка Планинц. Повозрасните генерации паметат дека во времето кога југословенски премиер беше М. Планинц се случија кризи со енергијата и горивото, имаше недостиг од масло за јадење, кафе и други производи! Во една пригода еминентниот мислител Александар Грличков ми рече дека му било понудено да биде министер во владата на Биједиќ, но тој одбил со образложение дека не сака да биде министер во влада на „глуп“ премиер.

Криминал, корупција, заборавена правда, афера до афера, обиди за успешни и неуспешни пучеви, наместени милионски тендери, рекетирања за вртоглави суми во евра, владеење на мафии и кланови, злосторнички здруженија, економска сиромаштија, низок стандард, испразнети градови и села, таква е тажната слика на Македонија (сега Северна). Како што се менуваат властите, владите, собраниските состави и кадровските ешалони наместо ефектите да бележат позитива, произлегува дека секое зло се заменува со ново зло, со нови актери во главна улога и во слична или во поинаква, пософистицирана изведба.