Балканско домино, Бугарија е следна

2023

Не знам зошто јас би одел на ,,гласање“ со работен наслов ,,референдум“. Договорот за промена на името на ДРЖАВА, каква-таква, веќе е потпишан и без моето мислење. Или Никос Коѕијас има лесна нога или Никола Димитров има лесна рака за потпис. Ако државата ја интересираше моето мислење за ,,разликите“ за името и дали за тоа треба да се разговара и преговара и потпишува, требаше да направите референдум – ПРЕД да потпишете. Нема да фрлам вода врз неговиот потпис за ,,да му тргне со лесно“ и да учествувам во политичката евтаназија на мојата држава, чие последно копче за исклучување од краткотрајниот и несреден (несреќен) 27-годишен живот на ,,младата држава“ ќе биде исклучено до крајот на оваа година. Жалам што ви дадов шанса на 8 септември 1991 година, да ви направам ДРЖАВА. Каква-таква. Повеќе грешката ,,референдум“ никогаш нема да ја повторам. Нека гласаат моите покојни родители, и така тоа го прават од ноември 1994 година. На врата дојде доставувач на покани за гласање, ми вели потпиши (!). Што да потпишам? Покана за гласање на избори ,,ноември ’94“ за Александар и за Вера Иванови (!) повторува настојчиво разнесувачот.

Потпишав, за да ги земам ,,поканите“ да видам, вистина ли е, сон ли е, јаве ли е? Ги чувам до денес, не е упатно колумни да се пишуваат со факсимили, фотокопии на ,,покани“ во прилог, инаку ќе беа тука. Мојот покоен татко Александар почина октомври 1983 година. За закоп, зедов потврда со потпис на лекар од брза помош, дека е починат од природна смрт и од СВР, бидејќи без таа потврда во Бутел не можам да го погребам. По 11 години, го поканија на избори ’94. Како што сме организирана држава, добро е што не го поканија и на воена вежба. Мојата покојна мајка, му се придружи и му ја подаде својата благородна душа на бога, во март 1989 година. Процедурата беше иста, со потврда од Кардиологија и од МВР, ја положив во вечното брачно легло со татко ми. По пет години, и таа доби покана за ,,избори ’94“. Дали отидоа, не знам. Но, кога ќе се видиме, некогаш ,,на тој век“ ќе им ги врачам поканите, кои сѐ уште ги чувам. Потоа заедно ќе одиме на семејно гласање, ако бидеме повикани како ,лојални граѓани до смрт, а некои и по смртта. Никој ништо нема да ни може ако се појавиме на ,,семејно гласање“. Затоа, не се сомневам од успехот на референдумот.

Стравувам дека Грција нема тука да застане со промена на имиња на територии и автопатишта ,,украдени“ од нејзината богата историја и митологија. Можеби следна, за митолошка ревизија цел ќе биде Република Бугарија. Територијата со античко име Пиринска Македонија во Република Бугарија е како џебна пара, во однос со митолошката територија Родопи, која ете како и Македонија се прелева во двете држави, Северна Грција и Јужна Бугарија, слично на прелевањето на територија и митологија во случајот Грција и Р. Македонија. Родопи е најопширната планина во Р. Бугарија и зазема една седмина од нејзината целокупна територија. Должината на Родопи е 220-240 км, а широчината 100 км. Во Бугарија ја нарекуваат ,,зелениот океан“. Целата површина на Родопите е 18.000 квадратни километри, од кои 14.738 квадратни километри се во Бугарија, што претставува 81,88 отсто од целата површина на масивност. Во својата утроба, во времето на социјализмот, убавицата криеше три преносни (на камион) ракети „СС-20“ со дострел 5.500 км, до трите НАТО-цели и престолнини Анкара, Атина и Рим, со јачина од 150 кт (рамно на 7 бомби од Хирошима).

Особен белег на „СС-20“ беше нејзината прецизност, отстапување не повеќе од 500 метри. Како услов за прием во НАТО, трите бомби беа уништени, а убавицата Родопи не го смени своето митолошко име. Името Родопи е од тракиско потекло, првпат се слушнало во времето на Херодот, пет века пред Христа и два века пред Александар Велики. Според митологијата, Родопи и Хемус биле брат и сестра, кои меѓусебно биле восхитени и вљубени еден во друг. Тој од милост ја нарекувал Хера, кралица на планината Олимп, таа од љубов го нарекувала Зевс, врвниот бог на Олимп. Таа врска ги вознемирила боговите од Олимп, но и бидејќи тие претендирале дека се чувствуваат небаре врвните богови Хера и Зевс, за одмазда тие ги пуштиле еднооките џинови Киклопи да ја грабнат убавата Родопи од вљубениот Хемус. Хемус разгневен фрлал врз нив грамадни карпи и камења, кои и ден-денес може да се видат расфрлени низ планинскиот масив. За казна, боговите ги претвориле во ледени планини Родопи и Хемус (денес тоа е Стара Планина). Родопи е прекрасен планински амбиент со прекрасен ски-центар на европско рамниште Пампорово. Десетици пати, ако не и стотина сме патувале и уживале на источните Родопи, во Велинград на 550 м.н.в. Карлови Вари на Бугарија. Гратчето на партизанката Вела Пеева, родена во едно од трите маала: Чепино, Л’жене и Каменица, по која гратчето во 1948 година го доби името. Ако некогаш одите таму, задолжително патувајте со неверојатно живописната теснолинејка: Септември – Велинград – Банско.

Не знам дали Грција ќе ја има истата дрскост и лесна нога и лесен соговорник за да го смени и името на автомагистралата Е70-,,Хемус“ со должина од 430 км, која минува низ средината на Бугарија и ги сврзува две престолнини Софија и ,,летната престолнина“ Варна. Малку по на север е Калиакра, престолнината на Лизимах(ос) еден од престолонаследниците на Александар Велики. А замислете со која леснотија Коѕијас може да бара преименување и на престолнината со грчко име Софија (гр. мудрост), која во четвртиот век пр. н.е. влегува во рамките на древна Македонија на Филип Втори, кој дури си изградил и престолнина Филипуполис, денешен Пловдив. Ние со леснотија му го сменивме името на автопатот Александар Велики, кој беше една Виа Игнација до онаа Македонија, од оваа Македонија. Новото име Пријателство неверојатно ми прилега на старата верзија Братство-единство. Не верувам дека Грција смееше да ѝ забележи на Р. Бугарија, дека мојата црноморска љубов Несебар, ќе мора да го смени името, бидејќи според податоци од древноста Езоп е роден во Месамбрија во 620 г. пр. н.е. Кон крајот на 6 век пр. н.е. пристигнуваат првите елински доселеници, по потекло доријци. Созопол(ис) е најстариот град на бугарското црноморје, никнал кон крајот на 5 век пр. н.е. Во антиката наречен Аполонија, бидејќи во градот се наоѓал храм посветен на богот Аполон, во чија чест имало скулптура висока 12 м. Изработена од атинскиот скулптор Каламид, чија специјалност била изработка на скулптури на богови од мермер, злато, бронза, слонова коска.

Во 71 г. пр. н.е. римскиот војсководец и проконзул Марк Лукул, го презема градот и ја носи со себе статуата на Аполон во Римската Капитолија (еден од седумте рида на Рим) центар на градот, западно од форумот. Статуата е претопена со примањето на христијанството за официјална религија во Римското Царство. Аполонија (Созополис) успеала да ја зачува независноста од воената кампања на Филип Втори и подоцна и од Александар Македонски. Созопол и Несебар беа дел од десертот од моите инфотури, кампањи за претстојните летни програми, чија цел беше ривиерата на Сончев Брег, кој денес има околу 250.000 хотелски и апартмански комплекси во кои најчести се гостите од Скандинавија и од Русија. Првиот хотел ,,Калина“ на 8 јуни 1959 ги прими првите гости, неколку минути по напуштање на градежните работници за неговата изградба. Чудно совпаѓање: 30 години подоцна, јас ја отворив првата приватна ТА во СРМ, на 8 јуни 1989 г. Треба да се почитува античката, хеленистичката историја и да се симне шапка до земја пред неа, но не да се ведне глава до земја.