Балканот виновен за тешкотиите во ЕУ-договарањето!?

350

Следејќи ги изјавите на Макрон, како и на Борисов, дека одбива да го води проширувањето за да не се скара со Балканците, се чини дека проширувањето ќе биде уште повеќе маргинализирано

По неколку дена преговори, драма, тензии, јавни атаки, критики, давање и заемање заслуги, самитот на ЕУ заврши со номинации за клучните позиции за следниот период. За претседателка на Европската комисија е предложена Урсула фон дер Лајен, германска министерка за одбрана; за претседател на Европскиот совет е предложен Шарлс Мишел, белгиски премиер; за претседателка на Европската централна банка е предложена Кристин Лагард, директорка на ММФ, и за висок претставник за надворешна политика Жозеп Борел, шпански министер за надворешни работи. Во политичката ЕУ-сложувалка, на самитот се утврдуваат кандидати, кои треба да ги одобри Европскиот парламент, така што сѐ уште постои простор за нови компликации.

За компликациите, за тешкотиите во ЕУ-договарањето, францускиот претседател Макрон го обвини Балканот и проширувањето. Односно повторно го афирмира својот став дека не е можно понатамошно проширување, бидејќи со 28 членки тешко се постигнуваат договори, и дека претходно мора да се направат внатрешни ЕУ-реформи. Макрон, всушност, со една точна теза, дека се потребни ЕУ-реформи, поврзува една погрешна теза дека за тешкотиите во ЕУ-договарањето се виновни проширувањето и големиот број членки. На пример, ЕУ имаше тешкотии во изборот на Жак Сантер за претседател на ЕУ во 1994/95 година кога Унијата имаше само 12 членки. Тогашниот избор бил отежнат со противењето на В. Британија дека првиот избор бил премногу федералист.

И тука е еден од основните конфликти во ЕУ меѓу федералистите (повеќе ЕУ) и условно кажано суверенистите, кои порано ги предводеше В. Британија, а сега Италија и В4 или Вишеградската групата на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка. Вториот конфликт е меѓу Европскиот совет и Европскиот парламент. Иако Европскиот парламент е избран, тој има второстепена улога во предлагањето каде што моќта е во Европскиот совет и националните лидери. Европскиот парламент во напорот да ја зајакне својата улога, го формулира концептот за шпицкандидати, што значи дека секоја пратеничка група, пример ЕПП и социјалдемократите имаат шпицкандидати или водечки кандидати, како Вебер и Тимерманс, кои доколку нивните групи победат ќе го добијат мандатот за претседател на ЕУ. Тој концепт пропадна бидејќи ниту Вебер, ниту Тимерманс не се предложени, и претставува голем неуспех за Европскиот парламент, што може да донесе до бунт на пратеници и отфрлање на номинациите. Така, тешкотиите на ЕУ-договарањето се предизвикани од комплексноста на идеолошките и националните интереси.

А во тие тешкотии во ЕУ-договарањето свој посебен придонес има Макрон. Иако ослабени, победници на ЕУ-изборите се народните партии (ЕПП), и според концептот на шпицкандидат Вебер би требало ја добие шансата за составување на Европската комисија. За неговиот неизбор се клучни критиките дека Вебер нема искуство во владеење, секогаш на таа позиција е избиран премиер или министер од земјите-членки. Исто така е важно противењето на Макрон, кој сака да ја прекине долгогодишната доминација на ЕПП. Во неможност да го истурка либералниот кандидат, се согласува за социјалдемократот Тимерманс. Планот го коваат Германија, Франција, Холандија и Португалија. Задоволни би биле социјалдемократите (Португалија), и Европскиот парламент бидејќи Тимерманс е штицкандидат, задоволен е Макрон (Франција), задоволни се Холанѓаните бидејќи е нивен земјак, а задоволна е и Меркел, бидејќи би ја зајакнала својата коалиција. Како спас за Вебер би му се гарантирала позицијата на претседател на Европскиот парламент. Но таквото решение предизвикува бунт во ЕПП, бидејќи се партија победничка, а би се откажале од главната функција. Бунтот го почнуваат Хрватска и балтичките земји (?), а жесток отпор даваат В4-земјите. Овие последните се китат со перјата дека го собориле Тимерманс и го спречиле планот на Меркел. Но дали е така, дали Меркел е поразена?

Кандидатката Урсула фон дер Лајен е од ЕПП, од ЦДУ, додека Вебер е од ЦСУ, е Германка, за првпат по многу, многу време, и е министерка лојална на Меркел. Можеби Меркел го употреби Макрон да го елиминира Вебер, го поддржа Тимерманс за да ги задоволи социјалдемократите, за на крајот да го добие тоа што го сака. Секако, сево ова треба да го потврди Европскиот парламент.

Што значи ова за нас? Следејќи ги изјавите на Макрон, како и на Борисов, дека одбива да го води проширувањето за да нѐ скара со Балканците, се чини дека проширувањето ќе биде уште повеќе маргинализирано. Ќе треба да се види и како личностите ќе влијаат на процесите. На пример Борел, новиот топ-дипломат на ЕУ, ќе треба да го поддржува дијалогот меѓу Србија и Косово, а доаѓа од Шпанија, една од неколкуте земји-членки на ЕУ што не ја признаваат независноста на Косово.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ