Балванизам

1089

Балванизам, мој термин за невидливо, но најшироко, глобално општествено движење, како некогаш социјализам, комунизам и слично, поттикнат од либералкапитализмот. Доаѓа од „балван“ или „дирек“, што значи – дебела греда. Фигуративно значење на „балван“: човек без чувства, неделкано дрво, дибек. Балванизам во потесна, неглобална смисла е состојба на духот на балканските политики и на оние професии што се од значење за државата, иако не и на сите поединци во тие професии. Но, јасно е: оној што денес не е балван, нема да биде успешна јавна личност. Балван фонетски потсетува на Балкан: етимолошки немаат врска, но сепак најмногу балвани успеваат на Балканот.

Сум напишал и во моите романи, и во колумните: знаењето секогаш ќе му простува на незнаењето, но незнаењето на знаењето – никогаш. Дури, незнаењето ќе стане убиец на знаењето, само ако се добере до политичка моќ. Тоа впрочем и ни се случува на Балканот: во сите балкански држави (дури и во оние што веќе се членки на ЕУ), па дури и под маската на демократијата, незнаењето го прогонува, интернира и пали на клада знаењето. Не станува тука збор за политичка пресметка меѓу левицата и десницата: станува збор за космолошки судир меѓу доброто и злото (знаењето уште од антиката има етички корен и е добро, а незнаењето – зло). Тоа е пресметка меѓу редот и хаосот, не само меѓу „левите“ и „десните“, туку и во самата левица и во самата десница. Хаос владее во балканските држави, а во Македонија се изразува со целосно уривање на сите хиерархии, особено на професионалната: новинари откриваат „криминалци“ работејќи ја работата на полицијата, политичари судат наместо судиите, студенти ги оценуваат (во анкети според Болоњската декларација) професорите. Внимавајте, не изразуваат свое мислење за нив, туку одговараат на прашања како: „Дали професорот добро владее со материјата?“, нешто што студентите можат да го знаат само ако ја знаат материјата, а кога би го знаеле тоа, не би биле студенти, туку професори. Повторувам: тој хаос не е резултат на „погрешна политичка опција“. За време на мојот живот повеќепати се сменија левицата и десницата, но космолошкиот судир меѓу знаењето и незнаењето не само што не сопре, туку се распламти уште повеќе. Се лажат оние што мислат дека со проста промена на власта ќе престане понижувањето на знаењето од страна на балваните и балванизмот.

Подетално: што е „балванизам“? Вака: во нормален општествен поредок незнаењето се срами и молчи. Кај нас, напротив, незнаењето зборува, и тоа прегласно. Се пени како бесна кучешка пена преку социјални мрежи, колумни, ТВ-дебати на кои веќе на едно столче ќе мора да седат по два експертски политиколошки органи за седење. Незнаењето зборува најчесто од партиските прес-конференции и од политичките говорници. Како дојде до тоа незнаењето, кое порано се срамеше од себе, сега да се гордее? Која е таа состојка што треба да му се додаде на незнаењето, за тоа да се претстави како инвазивно знаење?
Таа состојка е БАЛВАНИЗМОТ. Целосна морална и емотивна тапост. Се изразува како дрскост и самопреценување. Онаа иста дрскост со која некој некому, кој чека на ред за паркинг-место, му го одзема од спротивната насока. Кој ја има таа дрскост, кој има балванизам во себе, ќе успее. Кој нема, ќе пропадне. Значи: незнаење + балванизам = успех. На таа проста формула се темелат најголемиот број успешни општествени кариери во Македонија и на Балканот, во најразлични професии. Балванизмот е капиларна и затоа – невидлива империја што владее со целото општество. И со светот.

Се сеќавам на повеќето пратенички состави на македонското собрание: вистинска реткост беше да слушнеш умен човек. Неострастен и мирен. Знаењето не оди рака под рака со страстите; незнаењето, пак, не може без страсти. Оној што знае дека 2+2 се 4 нема потреба да го пцуе оној што тврди дека 2+2 се 5; незнаењето, пак, кое не знае колку се 2+2, ама од врвот на партијата му рекле дека мора да биде 5 – вика, рика и фрла „тешка артилерија“ по „противникот“, кој тврди дека 2+2 се 4. А ако се добере до власт, ќе посегне и по јаже да го обеси. И кога ќе се сетам на ретките паметни говори во тоа наше собрание, знам дека ретко кој ги слушаше. И знам дека тие умни луѓе се чувствувале како артисти од врвен калибар (Ентони Хопкинс, на пример), кои наместо да играат во „Кога јагнињата ќе стивнат“, играат во порнофилмови од балканска продукција. Таму артистите покажуваат само една фацијална експресија (оргазмична доминација над партнерот), а театарските семиолози тврдат дека човековото лице има способност да изрази десетици илјади различни емотивни нијанси. За да се уверите дека балванизмот не е само балканизам, сетете се колку емотивни нијанси има лицето на Могерини. Или на Трамп, на пример. Мислам дека не ви се потребни ни два прста да изброите.

Сите оние што не се балвани, се чувствуваат денес така: како светски артист осуден да работи во порножанр. Или како славеј принуден да пее во хор со врани. Или како харфа што се нашла во трио со гусла и чифтелија. Притоа, не само што на таков славеј не му се признава дека е подобар пејач од враните, туку уште му се лепи етикета дека е ЛОША ВРАНА; по аналогија, харфата е само лоша чифтелија (зашто е повеќе од неа, според бројот на жици). Тоа е нашиот духовен и етички проблем, а не – кој е на власт. Кој и да е на власт, незнаењето главно владее, знаењето главно молчи или емигрира во ескапизам.

Ќе претставам неколку практични совети како да препознаете балван. Вака: ако ви се случило да се фасцинирате од „бескомпромисен“ политичар што ги плука сите „без страв“, прашајте се дали можеби не станува збор за обична невоспитаност, која се претставува како авангардно рушење на закостенетите социјални стереотипи. Денес е тешко видливо на која граница невоспитаноста поминува во авангарда или револуција. Впрочем, да не се лажеме: уривачкиот и одмазднички карактер на сите револуции се темели на еден слој невоспитани и прости луѓе, речиси криминалци, зашто само такви можат, по партизанското ослободување на некој град, да влезат во куќата на „гнилата буржоазија“, па од клавирот да нацепат дрва за потпала. Или да ги украдат златните виљушки и ретките уметнички слики, за потоа да ги продадат за кило качак. Или: ако некој новинар ве одушевува со „храброста“ да има стил во кој најчести стилеми се оние од гастрогениталната семиотика (гомно, пичка, кур), прашајте се да не можеби зад таа „стилистика“ се крие клиничка психопатологија: фрустрациска опседнатост од екскременти и гениталии. А вие веднаш сте помислиле дека станува збор за книжевен продолжувач на традициите на Лотреамон, Де Сад, Хенри Милер или Буковски…

Стилот, макар и најнискиот, подразбира намера, СВЕСНО користење стилеми, а тоа кај несвесни (бесловесни) луѓе не е можно. Денес дури и луѓето без стил, токму отсуството на стил (или лошиот стил) го продаваат за стил, и тоа авангарден и неклиширан. Понатаму: балванот краде, а лови крадци; балванот, целосно анонимен, добива партиски стан, и за да го отплати, пишува статуси за политичкото полтронство на видни јавни личности; балванот е неписмен, а носи закони за јазикот; балванот, ако е писател, не чита ништо за да може оригинално да пишува. Во политиката балванот спроведува наредби „одозгора“ и ликвидира луѓе (на пример, отпушта од работа), без да ја сфати целината во која учествува, како што еден СС-офицер водел Евреи во гасна комора, тешејќи си ја совеста со речениците: „Јас само ги водам дотаму. Друг им пушта гас, не јас“.

Но основно за балванот е дека тој се смета себеси за центар на светот. Тој знае само за личната заменка „јас“. Зборува многу, и само за себе. Она што тој го работи или мисли, според него, е најважното за опстанокот на светот, особено во политиката. Освен тоа, и најмалото зрно што балванот сам го смислил, си го цени како планина, за разлика од гениите, кои своите планини ги сметаат за зрна. И последно: балванот не знае за оставка. Кога последен пат некој ОД СОВЕСТ дал оставка од некоја функција?

Убеден сум дека иднината на Македонија не е во политички опции, туку само во еден антибалванизам: широко народно движење на знаењето и просветителството. И убеден сум дека таа револуција нема да има помало значење од антифашизмот. Ќе има поголемо, кога ќе дојде, а ќе дојде. Толку.