Бабел

1053

Единаесеттото поглавје на првата книга од Постанокот во Стариот завет говори за митот на Вавилонската кула. За напорот на луѓето да го достигнат божјото и да си го овековечат името. И за казната на таа незапирлива амбиција, испорачана во збрка на јазиците и востоличување на големото недоразбирање меѓу нејзините градители. Тоа е накратко библиското толкување на шаренилото јазици низ светот и отежнатото поврзување меѓу луѓето, „фрлени“ на различни страни. Митот за казнетата гордост, како симбол на предупреда за идните времиња. Во Библијата, Вавилонската кула останува недоизградена како и впрочем, сите други човекови амбиции да се доближат (и изедначат) до она што е возвишено и блиску до „бога и божественото“. Напоредно, историјата на световното е тажно домино на човековите амбиции, поначесто залудни во напорите да го достигне вечното и светото, а единствено блиску до кратката земна врховност, меѓу два световни потопа. И веројатно така до крајот на светот.

Со изгледот и формата на Вавилонската кула се поврзува и градбата на Европскиот парламент, поточно со истоимената средновековна слика на фламанскиот ренесансен сликар Питер Бројгел. Сличноста е пресликана и во недоизграденоста на градбата, отворена на едната страна, симболизирајќи ја на тој начин незавршената природа на Европа и европскиот проект, како световен проект на многуте јазици и народи. Но наедно (и независно од намерата на своите дизајнери), европскиот проект сѐ повеќе ја симболизира збрката на повеќе „катови“ на градбата, во сферата на идеолошкото, економското и безбедносното, што повлекува и отежнатост за поврзување. Нешто што го следи проектот од неговите почетоци. Ќе заврши ли некогаш тоа поврзување или збрката (бабелот) меѓу нејзините градители ќе го отежнува извишувањето од калта, досега можен и успешен само во уметноста?

Пред воопшто да размислуваме за предизвикот на библискиот бабел и возможноста (и успешноста) на „помалиот“ европски бабел, ќе мораме да се соочиме со „најмалиот“ (за нас најголем) и најзбрканиот македонски бабел. Невозможно е на пример, да се отворат страниците на два медиума, а да не се посведочи зачудувачка врева и збрка. Бабел на многузначности. Еден „историски договор“ станува толкуван на фантастично различни начини на еден ист јазик. Цела една општествена и политичка стварност со сите изведени поимања се преточува во најмалку два спротивставени наративи. Од толкување на нешто конкретно, како што е еден член на закон и правилник, па сѐ до едно (кривично) дело и (помалку конкретно) недело. Стилските изразни средства, кои се богатство на јазичното изразување, стануваат дополнително (зло)употребени да го „зготват“ бабелот. Неизбежно зачинети со итрина, толку присутна во нашите приказни. Хиперболите се заменуваат со литоти, алегориите се котат, симболите се укинуваат, персонификацијата е превртена наопаку, а парадоксот е метонимија на стварноста… Но бабелот не завршува тука. Се шири и во перцепциите, од онаа страна на опипливото и стварното, како во филмот „Бабел“ во режија на Алехандро Ињариту. Драма за три приказни, кои се одвиваат на три различни континенти (САД/Мексико, Мароко и Јапонија), причинско-последично испреплетени меѓу носители на судбини, туѓи не само во јазикот, туку и во културните кодови на претставите, стереотипите и перцепциите за другоста. Токму таквата кодираност (освен онаа на јазикот) го извишува бабелот на меѓусебното недоразбирање во извор на нивно страдање и го остава незавршено нивното поврзување со она што им е заедничко и човечки возвишено. Со подоброто од себеси.

Но ако во „Бабел“ на ликовите постојано им „измолкнува“ зборот што ќе ги поврзе и стави крај на проклетството и несреќните перипетии низ кои минуваат, кажан на „есперантото“ на човечката несовршеност и недовршеност, тогаш кој е зборот што нам ни недостига да нѐ избави од оваа збрка? Која е нишката што ќе ја „закрпи дупката“ на нашата подвоеност во „малата несреќна приказна“ во која сме разделени со ист јазик (како онаа изјава на Бернард Шо за Америка и за Англија – двете земји разделени со ист јазик)?
Го изгубивме ли тој збор во некаков превод? Од теоретското во стварното, од посакуваното во изјаловеното, од можното во невозможното? Можеби сме Ние зборот што станал бабел од бескрајното реторичко повторување на политичките говорници, дури животот (ни) се сведува на еден нечуен (и неслушнат) бабел, во една збрка на неизвесности и недоследности, на изневерени очекувања и залудни соништа? Бабел на човечки тишини како единствен јазик за меѓусебно разбирање? Ако е така, тажен е сиот наш историски и современ бабел. И иден. Тука, недвосмислено бележиме континуитет што ништо не може да го наруши. А за тоа, барем во поглавјето на нашиот „Постанок“ како држава, заслугата за неодржливоста на „кулата“ ја има пред сѐ власта, во континуитет. По неа (и нив) и сите ние, сесрдно учествувајќи, дозволувајќи или набљудувајќи, секој според своите желби и потреби. Можни и неможни.

Наместо многугласие на аргументирани ставови и мислења, преовладува полифонијата на недоразбирања. Расправата (кога ја има) најчесто е во утврдени (контролирани) граници, која има цел да ги сообрази мислењата и да „произведе согласност“ под маската на слобода на мислата. За овој феномен на либералните општества опсежно пишува Ноам Чомски во „Нужни илузии“. Успешноста на ова „производство“ се должи не само на медиумската покриеност и техниките на манипулација со јавноста, но и на самата склоност на јавноста за манипулација. Тоа е сесрдното учество во „градење на кулата“. И повторно „доаѓаме“ до Орвел и неговиот (а наш) новоговор, а посебно до трите впечатливи новоговорни поими: злостоп, црнбел и двомисла. Мала дигресија и парафразно потсетување: злостопот означува свесен прекин на секоја (своја) мисла, која е во спротивност на убедувањето на идејниот систем или одредена политичка партија и претставува филтрирана перцепција и беспоговорно прифаќање на идеолошките (и партиски) аргументи како свои. Тоа е првата тула на колективниот „грев“ (примери има безброј – безмалку секоја партиска реторика станувала широко прегрната (барем јавно) од своето членство). Црнбел се однесува на еластичната перцепција на фактите и подготвеноста да се верува во спротивното. И чекор понатаму, истото тоа да се познава/знае само како такво, да се заборави дека дотогаш се верувало поинаку. Феномен на селективен далтонизам. Тоа е втората тула (пример, категоричните промени на изјавите на видни интелектуалци во краток интервал на време го потврдуваат наведеното, со бумеранг-ефектот на своите слушатели и поддржувачи). И третата тула, двомислата, е истовремено (и чудесно) поседување на две спротивставени уверувања за одредено нешто (пример, да се зајакне идентитет преку негово бришење или самоопределување со прифаќање на диктатот од друг).
Протагонистите во „Бабел“ страдаат нееднакво и неправедно, плаќаат за своите грешки и избори во согласност со каприците на расчовечениот капитализам. Доградбата на Вавилонската кула останува незавршена, како и човечкиот сон за возвишеното.

Пролетва заврши деветтиот едноподруго европски поетски фејсбук-фестивал (деветтиот кат на една поинаква кула од гласови) на кои учествуваа 450 поети од 19 земји. Избор од песните се објавува во заедничка книга насловена „Многугласие“ (Вишегласије). Обид на многујазичноста во обид за поврзување, меѓу себе и со возвишеноста на песната.
Што се однесува до нашиот историски „договор“, збрката во толкувањата упатува на потеклото на договорот. На „Made in Babylon“.
Но човековата природа е таква што напоредно со проклетството на неограничената гордост, се издигнува (иако несовршено) и стремежот на човекот за достоинство и сопствено име, овој пат во сферата на земното. Кулата во која се живее и за која вреди да се додаде една тула. Еден глас. Секој според своите гласовни можности. За љубов на вистината. Глас на кој ни ларингитисот не може да му го направи она што може молчењето.

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)