А со короната дали МОЖЕМЕ подобро?

Одлуката на ЕУ да не дозволи патувања на граѓани на Македонија е голем удар врз кампањата на СДСМ, бидејќи како ќе демонстрира „Можеме уште повеќе и уште подобро“, доколку за короната не успеавме подобро!

„Неколку седмици сме во веројатно една од најдолгите предизборни кампањи“, беше вовед во еден од коментарите во ноември минатата година и тогаш не можеше да се претпостави дека поради корона-пандемијата ќе ја имаме убедливо најдолгата предизборна кампања. Тогаш предвидував дека ќе доминира негативна кампања за „националистичката“ ВМРО-ДПМНЕ и „неспособната“ СДСМ, со кокетирање од двете страни со тезите за „популистички“ и „корумпирани“ и, секако, други валкани трикови, наместо дебата за ЕУ-интеграциите, за ЕУ (стандарди) без ЕУ-членство, или за општествените приоритети на граѓаните како невработеност и сиромаштија (економија), криминал и корупција и животна средина. На листата на приоритети на граѓаните ги нема меѓуетничките односи, но тоа не значи дека некоја политичка партија нема да игра на тоа подрачје, во негативна смисла секако.

Тогаш во ноември предвидував, сега по почетокот на официјалната кампања може да се коментираат кампањите на клучните чинители во изборите. На прв впечаток постојат големи јазови меѓу тоа што се партиски програми, до медиумската кампања и секако кампањата на социјалните медиуми. Доколку ги погледнете службените веб-страници, на пример на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, впечатливи се позитивните пораки, но веќе на телевизија има еднакво време и за позитивна и за негативна кампања, на крајот во социјалните медиуми да се сведе на не негативна кампања (тролање и хејтање). Се чини и во првиот телевизиски дуел на Зоран Заев и Христијан Мицковски доминираа обвинувања и контраобвинувања. Ваквиот тек не е за изненадување и беше предвидлив. За промена нема да почнам од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку од партија што (непријатно) изненади со кампањата – ДУИ.
ДУИ минатата есен говореше за напуштање на меѓуетничките односи како арена на партиски натпревар, за фокус на економијата и инфраструктурните проекти, дури се спомнуваа познати експерти што работат на програмата. И од тоа, едно големо ништо.

Кампањата се позиционира на полето на меѓуетничките односи и споделувањето на моќта со платформата за етнички Албанец за премиер, за нови правила во одлучувањето, за нови потреби за албанскиот јазик (задолжително учење за сите) итн. Пред само неколку месеци од укинувањето на Секретаријатот за Охридскиот рамковен договор, поради исполнување на целите на истиот договор со донесувањето на Законот за јазици, до отворање на повеќе поглавја на Охридскиот рамковен договор со барања што се надвор од самиот договор. Да, етнички Албанец за премиер е маркетиншки полн погодок, бидејќи стана битен дел од овие избори, но на штета на сите други процеси. Ова може да говори само на стравување во ДУИ од политичките ривали како Алијансата на Албанците.

СДСМ минатата година тргна со слоганот „На прав пат“, но некаде по пат се откажаа од правиот пат и го заменија со „Можеме уште повеќе, уште подобро“. Се чини СДСМ процени дека меѓу граѓаните постои незадоволство од патот на кој сме, и дека негативната кампања за „неспособниот“ СДСМ треба ја пресретне со „Можеме уште повеќе, уште подобро“. Односно откако ја донесе Македонија на првиот пат, да побара уште еден мандат за покаже дека можат повеќе и подобро. Програмата на СДСМ предвидува шест цели: нова македонска економија; стоп ковид-19; грижа за сите; ред, дисциплина и правда; сите за екодржава; и можеме и во ЕУ. Програмата е очигледно скроена да одговори и да води грижа за перцепциите на граѓаните за општествените предизвици, но барем за некои подрачја СДСМ ќе има проблем да ги брани своите позиции. Земајќи ги перформансите во борба против криминал и корупција, не е изненадување што СДСМ оваа цел ја спушта на четврто место, а на високото второ место е целта стоп ковид-19.

ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за „Обнова доаѓа“ дополнет со слоганот „Повеќе за сите“ и презентациски доминира економијата со повеќе инвестиции, субвенции за земјоделство, намалување на невработеноста (под 10 проценти) и зголемување на платите (за 25 проценти). Тука некаде се инфраструктурата, образованието и здравството.
Одличната вест е што првпат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се соочуваат во економијата – прв општествен предизвик, со многу конкретни бројки. ВМРО-ДПМНЕ ветува стапка на невработеност под 10 проценти, а СДСМ од 3 проценти/годишно, од постојната 16,2 проценти или за четири години невработеноста би се свела на 4,2 проценти. СДСМ ветува најмалку 40 проценти зголемување на минималната плата, а ВМРО-ДПМНЕ од 25 проценти на платите. Треба да ги запаметиме овие бројки, бидејќи тие ќе бидат основа за анализа на успехот или на неуспехот за четири години.
СДСМ одлучи стоп ковид-19 да биде високорангирана втора цел, пред правдата и животна средина, понесена од одличните оцени на јавноста за справување со пандемијата и особено одличните позиции на Венко Филипче, министерот за здравство. Но деновиве се чини дека СДСМ стави многу на подрачје со ризик.

Одлуката на ЕУ да не дозволи патувања на граѓани на Македонија е голем удар врз кампањата на СДСМ, бидејќи како ќе демонстрира „Можеме уште повеќе и уште подобро“, доколку за короната не успеаваме подобро! Адутот на СДСМ може да биде фатален. Да, може да се дискутира дека одлуката на ЕУ од регионот да им дозволи патувања само на Србија и на Црна Гора, не одговара на јавно-здравствените индикатори (има земји во регионот со подобри показатели од Србија), туку на политички индикатори, но и тогаш ваквата одлука не е само јавно-здравствен пораз, туку и надворешнополитички пораз. Ако сега не можеме да ги отвориме границите со ЕУ, како ќе можеме и во ЕУ.

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus #Избори2020