АНУСМ

4614

Утре ќе се одбележи 17-годишнината од терори­­сти­­­­чките напади извршени од пилоти-самоубијци во САД, а некако во исто време, кај нас, академиците ќе извршат колективно самоубиство, уривајќи се во темелите на МАНУ, од чиј пепел треба да израсне АНУСМ. Дилемата е само дали „М“ ќе треба да се пишува со мала буква и во заграда, бидејќи ќе стане безвучна согласка. (Лингвистите подобро ќе го објаснат обезвучувањето на гласовите на крајот од зборот, но и на другите им е јасно).
Суштинското прашање, се разбира, е што досега создаде оваа институција и дали е воопшто потребна. Ако и досега повеќе служеше како декор на државноста отколку како корифеј на научната мисла, сега станува соучесник во политички процес што Заев го нарекува „втора независност“. Утре се одржува настан со наслов „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“ (што не случајно е ехо на референдумското прашање).

Организацијата била толку таинствена (андерграунд), што дури и академиците едвај имале информации, а уште помалку можност да се пријават како говорници.
Поканите (само за избрани лица, by invitation only) беа споделувани кришум, со молба да не се шират премногу, ќе помисли човек конспирација е во прашање, а не научен собир на највисоката научна институција! Или, можеби е во прашање страв од масовно учество и голема дискусија? За каков настан станува збор ви кажува фактот што организатор е Центарот за стратегиски истражувања (ЦСИ), но во соработка со МНР и Дипломатскиот клуб – и на опашката (наводно) „повеќе високообразовни институции“.
Во поканата се вели дека „инкорпорирањето на спогодбата со нејзината ратификација во правниот систем на РМ налага и неопходност од научно толкување на нејзината содржина“. Се препорачува in bonam fidem толкување, што практично значи цензура и став дека секаква критика би била сметана за злонамерна и противдржавна. Наместо да отвора визии и гради стратегии врз научни премиси (нешто што МАНУ никогаш не го направил), сега се дава научен легитимитет на дипломатски договор креиран во центри на моќ, кои дури и не се ни Скопје ни Атина.

Според организаторот, „научната и стручна расправа… треба да придонесе и за подготовка на промените во уставниот и правниот поредок на РМ што ги имплицира спогодбата“. Зошто една академија би организирала ем научна ем стручна расправа е енигма, освен ако не располага со научен капитал, па мора да кани говорници што само минале покрај науката, па на листата на поканети се (домашни и странски) политичари, новинари, бивши дипломати и понекој професор. Уште поважно, по три месеци молк МАНУ се огласува среде референдумска кампања, за спогодбата да ја претстави како fait accompli уште пред граѓаните да се изјаснат. Камбовски згодно „заборава“ дека спогодбата не е ратификувана, ниту може да предизвикува правни последици, бидејќи е (сѐ уште) правна фикција, а ако и сакаа да ја толкуваат, тоа требаше да го направат многу порано. Ова сега е, по свадба – тапани, и тоа на нарачана музика. Но, ова не може да зачуди бидејќи тој дури и Кривичниот законик го толкува за да ја заплаши јавноста, велејќи дека организирање бојкот било кривично дело.

Дека оваа расправа е политичка фарса зборува и оваа реченица од поканата: „Од широкиот круг на прашања од спогодбата од Преспа, од посебен интерес за РМ се прашањата што се однесуваат на промената на името на државата, неговата ерга омнес употреба, измените и дополнувањата на Уставот и правниот поредок, кои ја гарантираат ТРАЈНОСТА на спогодбата…“. Центарот се повикува и на (непознати за јавноста) „првични анализи“ од кои наводно произлегува заклучокот дека „со неа не се загрозуваат националниот идентитет на македонскиот народ, македонскиот јазик и култура, односно дека значењето, кое им е дадено соодветствува на владејачките стојалишта во македонската наука и со научната позиција на МАНУ“.

Чуму да учествуваш на расправа, чии заклучоци се веќе напишани? На својот пат кон АНУСМ, на ревизионистички начин МАНУ ги брише и трагите од своите довчерашни стојалишта. На крајот на својот институционален живот, МАНУ ги покажува импотентноста и страшливоста и останува она што секогаш и била: приврзок на политичкиот естаблишмент (сега зајакнат со странски елементи). Едвај успеав да ги дознаам имињата на панелистите: покрај сегашниот и бившиот претседател на идниот АНУСМ (Фити и Камбовски), научни и стручни тези ќе изнеле (немојте да се смеете, сериозно е!): Заев, Димитров, Османи, Андов и амбасадорите на САД, Франција и Германија. Веднаш по првата сесија, а пред другите два (безначајни) панела, МАНУ ќе даде изјава за медиумите. И тие со камерите ќе заминат; кому му е грижа што ќе кажат деканот на Правниот факултет, новинарот Гајдов, наши бивши амбасадори и неколку професори?

Пред една недела, Филозофскиот факултет организираше научна трибина на која говореа и колеги од други факултети и универзитети. Колегите Силјановска, Апасиев и Барбареев, заедно со мојот колега Миновски, изнесоа еден куп критички стојалишта, поткрепени со аргументи, толкувања на Уставот и законите, добрите практики за референдуми од Венецијанската комисија итн. Салата беше претесна да ги прими сите студенти и професори, но и гости – веројатно затоа што само овој факултет се осмели да организира отворена трибина на најважната тема во моментов. Трибината предизвикала „земјотрес“, а највознемирени биле членовите на Професорскиот пленум, кои само до вчера (наводно) се бореа за автономија на универзитетот. Не слушнав дека имаат „морална дилема“ што МАНУ е во кампања ЗА.

Приврзаниците на кампот ЗА генерално или ја обесмислуваат секоја идеја за расправа или ги тривијализираат аргументите за импликациите од Преспанската спогодба со тезата дека е смешно да се ламентира над едноставна промена на кратенките (МРТ во СМРТ или МАНУ во АНУСМ), кога идентитетот бил зајакнат, плус само што не сме влегле во НАТО и во ЕУ (малку ги мешаме знамињата на партнерите, но ќе ги научиме). Не е проблемот во кратенките (стопанските кодови се друга работа). Жалната историја на МАНУ е таква што не вреди да се леат солзи. Тоа е опсолетна институција, научно е сосема бескорисна и отсекогаш привилегирана, послушна и политички зависна.

Всушност, историјатот на сите академии на науки и уметности е сличен, почнувајќи од „бесмртните“ во Франција, чија академија била основана од Ришелје, па до овие балканските, кои отсекогаш повеќе придонесувале за несреќата на своите држави одошто што ги краселе доблести и знаење (секоја чест на исклучоците). Така, во Франција меѓу „бесмртните“ академици никогаш не биле запишани Русо, Зола, Балзак, Декарт или Сартр. Доволно е да ги погледнете и биографиите на нашите академици за да сфатите зошто е таму Камбовски, но не и Марјановиќ, и зошто првиот што не е цитиран во ниту едно странско научно дело е на врвот на естаблишментот, а вториот остана легенда на кривичното право во комунистичкиот режим поради храбрата битка против вербалниот деликт (оној за кој Камбовски би казнувал денес).

Да заклучам, на МАНУ сосема добро ќе му прилега и АНУСМ или која и да било кратенка, бидејќи суштината е иста – нула! Полтронска, превртлива, плашлива и тенка на знаење, МАНУ требаше да се распушти одамна. Многу повеќе загрижуваат „моралните дилеми“ и гласниот молк на академската заедница (посебно на нејзиниот правнички дел) што е соучесник на урнисувањето на правниот предок, и тоа со години. Нивната апологија на реалполитиката и моќните, прагматизмот по цена на газење елементарни принципи, фаустијанството со кое се гордеат – тоа е нешто што треба да вознемирува, бидејќи токму тие – ако спогодбата биде принудно спроведувана – ќе легитимираат цензура (во науката и уметноста, што веќе се случува), ревизионизам и политички терор во име на светла иднина.