Анте и елементот македониум

1397

Овој пат нема да се занимавам со дијагностика на болните и обдукција на мртвите општествени ткива на државата. Со тоа продолжувам следната колумна. Оваа колумна ѝ ја посветувам на убава работа: на македонскиот поет од светски калибар Анте Поповски. Роден на 3 јули 1931 година, почина на 1 октомври 2003. По петнаесет години од неговото упокојување, лани, семејството, чекајќи на поетот да се сетат државата или институциите за книжевност и култура, реши со скромна помош од државата и многу свои лични напори и контакти да организира дводневна манифестација, која се вика „Антево перо“. Првиот добитник на наградата „Антево перо“ беше Славе Ѓорѓо Димоски, а годинешна добитничка е поетесата Александра Димитрова. Рака на срце, низ сите овие години имаше поединци, како д-р Кристина Николовска, кои за поетот оставија и пишани траги: Николовска во 2017 година ни подари и сјајна книга посветена на Анте. Николовска го стори тоа во стилот на нашиот Пејчиновиќ, оној наш тврдоглав и упорен просветител тетовец, кој и во камен врежуваше „сигнали до потомството“ (како што би рекол Гане Тодоровски). Така, Пејчиновиќ во камен остави и податоци за поминувањето на кометата за која тој не знаел дека е веќе откриена еден век пред неговиот и дека веќе е наречена Халеева. Тоа го правеше Пејчиновиќ, со онаа негова основна животна филозофија – „да се запомни, да не се заборави“. Во тој стил, оваа седмица за мене е седмица на Анте Поповски. На 4 октомври ќе биде врачена наградата „Антево перо“ во Скопје, а на 5 октомври манифестацијата продолжува во родното Лазарополе на поетот, со други содржини. Значи, Антева поетска седмица. Време е за убавина, за поезијата на поетот, за кого и космичката музика беше македонска, зашто, според него, и ѕвездите шепотат на македонски.

Толку околу информативниот дел. А сега за Анте. Како ќе го помнам? Како врвен, светски поет, кому му се поклонуваа врвни поетски ѕвезди од целиот свет, кога ќе дојдеа да го запознаат на „Струшките вечери на поезијата“. Така што, не е точно дека Македонија немала досега европски вредности и дека допрва треба да ги стекнува, со евентуалното членство во ЕУ. Попрво би се рекло дека тие наши тогашни врвни светски величини беа доволно воспитани и скромни да не зборуваат за себе и да не се рекламираат како први македонски пера во светот. Врвни нобеловци беа лични пријатели со Анте, а некои од тие светски величини се заложуваа неговата поезија да се преведе на големите, „привилегирани“ јазици.

Второ, ќе го помнам Анте како огромен македонољуб, без разлика што ќе се подразбере под Македонија: социјалистичка ли, капиталистичка ли, во рамките на СФРЈ или независна… И самиот Анте, кога сме седеле и кога од него учев пресудни нешта за книжевноста и историјата, и посебно за ЕТИЧКИОТ однос кон поезијата (кој кај него одеше до перфекционизам), велеше дека трагедијата на Македонецот е во тоа што има онолку Македонии колку што има мислители што ја замислуваат. Но тој веруваше дека постои еден праелемент, македониум, праматерија на сето македонство, невидлив духовен елемент од Менделеевата табличка, кој опстанува без разлика дали Македонија во моментот е „српска“, „бугарска“, „грчка“, „турска“, а сега веќе и „евроатлантска“. Таа праматерија што го гарантира македонскиот идентитет, според него, беше – поезијата на македонски јазик, јазикот на кој шепотат и ѕвездите. За него, на истиот начин на кој европските симболисти (особено Бодлер) веруваа дека поезијата ги исправа грешките во разговорниот јазик (кој не го отсликува верно светот), македонскиот јазик, подигнат на степен на поезија ги исправа сите историски неправди кон Македонија. Ретко кој ја разбираше таа негова поетска филозофија на македонољубието, но сите чувствуваа дека во неа има жица на генијалност.

Кога Македонија стануваше самостојна, разделувајќи се од Титова Југославија, Анте, Гане и Љубиша Георгиевски „политички“ се ангажираа, повторно околу зачувувањето на тој праелемент наречен македониум. Пејчиновиќевски сакаа да пренесат сигнали до потомството – да се запомни, да не се заборави. Го оформија МААК, кој не беше вистинска партија страдна за власт (подоцна ВМРО-ДПМНЕ стана вистинска десна партија, опремена со комплетна инфраструктура за освојување на власта). МААК повеќе беше КУЛТУРНО-ИСТОРИСКИ ПОТСЕТНИК кои сме и што сè сме издржале и претрпеле како Македонци. Во рамките на МААК Анте пласира една идеја што (дури сега се гледа тоа!) беше далеку пред своето време. Тоа беше идејата за комплетна ДЕМИЛИТАРИЗАЦИЈА на Македонија! Тоа звучеше како политичка утопија, која многумина тогаш и ја сметаа само за поетска фиксација: новата држава да нема своја војска, туку само полиција на ниво на улични обезбедувачи на мирот, како англиските боби. Логиката на Анте беше: по две крвави балкански војни, по две светски војни, во кои Македонците обуваа војнички чизми од различни војски, најдобар гарант дека Македонија нема да биде предмет на агресија е – воопшто да нема оружје! Светот нека се грижи за таа поетско-библиска земја. Нека ја препознае како најмирољубиво парче на планетата. Така говореше Анте. А ние денес да размислиме: кој сега ни ја гарантира безбедноста, под чиј чадор сме? Зарем сега не сме, на еден специфичен начин, исто така демилитаризирани, но не по своја волја, како што се залагаше Анте, туку според геополитичките планови на светските сили?

Таков беше Анте како поет и како „политичар“. Но тој беше и човек-мудрец. Од него научив дека да се биде мудар значи да се биде – трпелив. И дека трпеливоста не е само индивидуална филозофија на животот туку и дел од македониумот, праматеријата што нè одржува да опстанеме во секакви услови (тоа е и пирејот на Петре М. Андреевски). Сум го раскажувал ова пред ТВ-камера, но сакам да остане и на „писмо ставено“. Бев младич, и Анте и Петре Наковски ме зедоа со нив, во една писателска делегација во Варшава. Последниот ден имавме лет за Скопје околу пладне, но Петре имаше неодложна работа во нашата амбасада, па замина таму. Јас и Анте, со куферите, останавме во хотелската кафана да го чекаме. Седевме до излогот на кафеаната и гледавме на тротоарот по кој минуваа луѓе: целосно непознати за нас. Мене ме фати некоја вознемиреност, зашто времето на летот наближуваше, а Петре не се појавуваше. Анте, забележувајќи го тоа, нарача по една вотка. И ми предложи да играме една игра: да се обложиме колку минувачи уште ќе поминат додека дојде Петар. Да го кажеме секој својот претпоставен број и да броиме. Кој загуби, чести пијалак. Јас кажав некој мал број (бидејќи бев нетрпелив), а Анте многу голем. И кога почнавме да броиме, вознемиреноста исчезна. Но се случи нешто чудесно: почнав конечно да ги гледам лицата на тие незнајни минувачи, да претпоставувам зошто некои се намуртени, некои нервозни, некои весели… Зад секој лик стоеше по еден роман. И јас сфатив дека Анте ми дава метафорична лекција за животот: и тој е само пусто чекање, но ќе се разминеш со животот ако додека чекаш не најдеш смисла во чекањето и ако не направиш макар и фиктивна приказна за секој од незнајните минувачи во твојот живот.

Таков беше Анте, а вие, кои го знаевте, потсетете се оваа седмица на него. Кој не го знае, нека проба да го замисли. Поминува тој и сега зад излогот на животот, од онаа страна од која поминуваат незнајните минувачи на Небесниот стан. Толку.