Анксиозноста не се лекува само со анксиолитици!

2652

Современите тераписки насоки за третман на анксиозните растројства подразбираат комбинација од психотерапија заснована на техники на когнитивно-бихејвиорална терапија и фармаколошка терапија

Проблемот со зачестена појава на анксиозни нарушувања (над 15 отсто од целата популација) достигнува фрапантни размери, а потрошувачката на анксиолитиците е сѐ поголема и, со самото тоа, претставува сериозен здравствен и економски предизвик. Да биде штетата поголема, појавата на анксиозни растројства е најчеста во раната адултна возраст (луѓе на возраст 20-35 г.), повеќе кај женската популација, и значајно негативно влијае на работоспособноста. Причините за развој на анксиозност ги бараме во генетските предиспозиции, силни трауми (смрт на близок, животозагрижувачки настани) и во разни ситуации на долготраен стрес (проблеми во семејството и работното опкружување, загрозена финансиска стабилност).

Во голем број случаи анксиозноста влече корени уште од раната детска возраст и адолесцентниот период (симптоми на претерана срамежливост или нагласена агресивност) и затоа е важно навремено да се препознае, да се превенира и соодветно да се третира. Анксиозните растројства вклучуваат чести, претерани или несоодветни реакции, карактеризирани со чувство на сомнеж, интензивен страв, несигурност и беспомошност, кои не се предизвикани од надворешна опасност. Анксиозните пациенти покажуваат психолошки и соматски симптоми со различен интензитет.
Од физичките знаци, најафектирани се: кардиоваскуларниот систем (палпитации, притисок и болки во градите, забрзана срцева работа), респираторниот систем (хипервентилација, чувство на задишување), невромускулниот систем (вртоглавица, главоболка, трпнење, болки и напнатост во мускулите) и гастроинтестиналниот систем (сува уста, мачнина, повраќање, пролив). Психолошките симптоми варираат од раздразливост, несоница, намалена концентрација и замор, па до чувство на полудување и смртен страв.

Поради шареноликоста на знаците и органските системи што се опфатени со споменатата симптоматологија, честопати е потребно повеќе време за да се потврди дијагнозата за анксиозност (од страна на психијатар), откако претходно ќе се исклучат органските заболувања, преку соодветни интернистички и невролошки прегледи. Освен тоа, пациентите со поблаги психолошки симптоми, за жал честопати на своја рака „ги намалуваат стресот и анксиозноста“ преку (зло)употреба на бензодијазепини, алкохол и психотропни супстанции (на пр. марихуана). На тој начин на краток рок ја контролираат анксиозноста и ги одложуваат поставувањето исправна дијагноза и започнувањето со соодветна терапија.

Современите тераписки насоки за третман на анксиозните растројства подразбираат комбинација од психотерапија заснована на техники на когнитивно-бихејвиорална терапија и фармаколошка терапија. Притоа, вообичаено се користи комбинација од антидепресиви (ССРИ – селективните инхибитори на повторно преземање на серотонинот), вообичаено околу шест месеци, и анксиолитици (бензодиазепини) само во првите 2-6 недели од терапијата. Бензодијазепините треба да се употребуваат во мали дози и третманот треба да е со најкраток можен рок. Пред да се прекине со лекот, дневните дози треба полека да се намалат за да се избегнат можните проблеми при откажување.

Основна причина за ова се несаканите ефекти на бензодијазепините, кои вклучуваат седација, влошување на психомоторните функции, преодни нарушувања на меморијата, навикнување и толеранција што бара примена на сѐ поголеми дози. Во натамошниот третман се ослободуваме од анксиолитикот и продолжуваме само со антидепресивот. Третманот на анксиозни растројства со антидепресиви ни дава подобри резултати во однос на третманот само со анксиолитици, пред сѐ поради нивната побезбедна апликација на подолги патеки, без опасност од појава на зависност од лекот и без потреба од постојано покачување на дозите. Пациентите во текот на терапијата редовно се следат и се евалуираат со скали за процена (14-от, 30-от, 90-от ден од третманот). Позитивните ефекти од терапијата се видливи веќе по третата недела, а во случај на потреба, почетните дози на антидепресивот може постепено да се зголемуваат. Пациентите треба да го земаат лекот доволно долго, односно онолку долго колку што е потребно за пациентот да биде без симптоми.

Најзначајните несакани ефекти на ССРИ-антидепресивите се: гадење и повраќање, несоница и главоболка, а поретко манични реакции, вртоглавица, внатрешна агитација и одложени ејакулации. Треба да се користат со претпазливост доколку пациентот користи НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови) поради зголемен ризик од крвавење.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор