Анатомија на молкот: Време е „тивкото мнозинство“ да зборува

720

Во систем на дегенерирано владеење на нејасно политичко мнозинство со диспропорционална моќ, „тивкото мнозинство“ нуди нова процена на политичкото дејствување во Македонија, вознемирувајќи ги оние политички институции и институционални извршители, кои бараат вербална интеракција со народот, како механизам за процена на нивното владеење.

Во јули 1789 година, во францускиот политички дискурс беше воведена фраза, која брзо ќе стане постојан израз: „le bêdeng du peuple est la leçon des rois“ (тишината на народот е поука на кралевите). Тишината не e само недостиг од „глас“, потиснување на мислењето или политичка импотенција. Тишината е начин на политичко дејствување со своја реторика.

Во систем на дегенерирано владеење на нејасно политичко мнозинство со диспропорционална моќ, „тивкото мнозинство“ нуди нова процена на политичкото дејствување во Македонија, вознемирувајќи ги оние политички институции и институционални извршители, кои бараат вербална интеракција со народот, како механизам за процена на нивното владеење.

Нашите политичари никогаш не ја слушале, ниту ја перципирале тишината на електоратот. Ниту гледаат, ниту сакаат, ниту може да видат дека молкот на граѓаните е индиција за погрешна комуникација на власта и знак на протест за нејзините лоши политики. Па ако сакате и на опозицијата, кога нема соодветни одговори на тие лоши политики. Кога гневот и фрустрациите ќе нараснат кај оние што биле излажани од политиката, тие се повлекуваат во тишината.

Се прашувам, дали политичарите во Македонија можат да си дозволат да го игнорираат „тивкото мнозинство“ и, едноставно, да го исклучат од можноста да биде активен дел од демократскиот процес во државава? Дали некој од актуелните политички лидери ќе ја побара нивната поддршка, како што го побара тоа американскиот претседател Ричард Никсон во телевизиско обраќање на 3 ноември 1969 г., извлекувајќи го „тивкото мнозинство“ во Америка од сенката на медиумите и гласното малцинство?

Или, уште полошо, кога ќе поверуваат дека нивните грижи, нивните ставови и нивните вредности едноставно не му значат никому веќе, а најмалку на политичарите, се исклучуваат од демократскиот дискурс на државата. Стануваат „тивко мнозинство“. На тој начин „тивкото мнозинство“ ја оспорува моќта на политичките елити, кои повеќе зборуваат отколку што слушаат. Кога разочарувањето е големо, тишината зборува.

Најдобар пример како се креира „тивко мнозинство“ е изјавата на премиерот Заев по референдумот за името во 2018 г., во кој гласот на малцинството народ на референдумот го прогласи за сериозен влог во иднината на Македонија. „Да имаше еден, ЕДЕН глас ПРОТИВ повеќе, ќе се поклоневме и ќе креневме раце. Но, со вака убедливо мнозинство ЗА, наша должност кон народот е да најдеме начин да зачекориме напред, без или со нови избори“, ќе изјави фејсбук-министерот за надворешни работи по неуспешниот референдум и ќе ја закопа демократијата во тишината на мнозинството народ што не гласаше на него. Оној народ што министерот одби да го перципира како глас на референдумот.

Затоа верувам ги виде анкетите на јавното мислење за претстојните избори, каде што тој народ креира „тивко мнозинство“ претворајќи се во вознемирувачки процент што може сериозно да го загрози легитимитетот на идниот изборен процес. Ниту НАТО, ниту свети НАТО ќе го промени тоа.

Граѓаните во Македонија станаа тивки кога сфатија дека се игнорирани од политиката и не го контролираат она што е направено во нивно име од политичарите. Одеднаш исчезнаа од јавниот дискурс. Беа засенети во медиумите од политичкото профилирано и гласно политичко малцинство. Престанаа јавно да зборуваат кога власта наместо пријателски аргументи, креира реторика на омраза и сатанизирање на сите оние што не се согласуваат со неа. Се скрија на Фејсбук и на другите социјални мрежи, навлекувајќи ја завесата на приватност и анонимност.

Се прашувам, дали политичарите во Македонија можат да си дозволат да го игнорираат „тивкото мнозинство“ и, едноставно, да го исклучат од можноста да биде активен дел од демократскиот процес во државава? Дали некој од актуелните политички лидери ќе ја побара нивната поддршка, како што тоа го побара американскиот претседател Ричард Никсон во телевизиско обраќање на 3 ноември 1969 г., извлекувајќи го „тивкото мнозинство“ во Америка од сенката на медиумите и гласното малцинство? Дали, и кој од партиските лидери ќе сфати дека е време за политички сојуз со „тивкото мнозинство“ во Македонија? Сојуз што може да го реши политичкото мнозинство потребно да се формира нова идна влада.

Стивен Хокингс ќе забележи дека: „Тивките луѓе имаат најгласни умови“. Камо да можеше ова да го сфати премиерот Заев и неговиот фејсбук-министер кога одбија да го слушнат гласот на мнозинството народ при промена на името на државата, и нејзиното обезличување. Тивко, секако, овие политичари ќе ја добијат својата порака гласно и јасно. Ќе им пресудат оние што не сакаа да ги видат.
Велат празните бродови прават најмногу врева, но тивките продолжуваат да маршираат. Време е тивките да зборуваат.

Авторот е универзитетски професор