Академска чесност!? Молам?

2813

По пет години упорен јавен и академски притисок, во Србија конечно е одземен докторат (на актуелен министер) поради плагијаторство. Синиша Мали докторирал, а останал мал: не научил каде се ставаат наводници при цитирање и како се ставаат фусноти. Дека станува збор за глобален феномен зборува и примерот на сегашната претседателка на Европската комисија, во чиј докторат беа утврдени елементи на плагијаторство. Во што сме ние различни? Во тоа што откривање плагијат е невозможна мисија. Не е ни тема за дискусија. Само понекогаш, во жарот на некоја (повеќе лична пресметка отколку) расправа на факултетска седница, ќе се слушне мрморење во стилот „ќе видиш ти, знам од каде си препишал/а, ќе го обелоденам тоа!“ – и толку. А и тие што се закануваат, и самите „итро“ препишуваат: ќе преземат две-три страници, и на крајот ќе се „покријат“ со една фуснота. Врие од плагијати и други облици на академска нечесност, ама никој не сака да бранува. (Впрочем, овде е туѓо и вистинско рецензирање научни трудови, но и објавување критички осврти или научни полемики.) Дури нема ни уредена постапка за такви случаи.

Академската чесност е фундаментална норма за секој универзитет што држи до себе и до својот престиж, а на кој постојат вредности и критериуми. Како што од најрана возраст се учи препознавањето на доброто и злото, така и академската чесност се учи од првото скалило на образованието. Но проблемот е хималајски, бидејќи во практиката се тестира кога личноста е зрела (или барем, полнолетна), а притоа е и амбициозна и подготвена да стори сѐ за да си обезбеди диплома и/или престиж. Со децении, првиот час во новата академска година го држам со студенти од прва година. И меѓу првите работи што им ги кажувам е она за академската чесност; се разбира, во контекст на она малку што се очекува од нив кога пишуваат семинарски и дипломски трудови. Се обидувам да ги уверам дека сме тука за да научиме да мислиме критички и да аргументираме, а не да бубаме и да се бориме за парче хартија.

Развојот на науката, па оттука и на човештвото, се должи на надградувањето на знаењето. Секоја наредна генерација стои на рамената на џиновите од претходните. Затоа учиме и од античките мислители, или се навраќаме на нив како на чиста изворска вода, понекогаш немоќни да ги надминеме нивните блескави дострели или поради опстојноста на фундаменталните општествени проблеми што тие луцидно ги воочиле толку одамна. Но едно е да учиш и да се инспирираш, а друго да препишуваш и да се китиш со туѓи пердуви. Елементарната чесност бара цитирање на автор/дело за кое сметаш дека ја потврдува (или негира) твојата хипотеза. Тоа е клучниот момент на кој мнозина се „лизнуваат“. Апелите до студентите се со ограничен ефект – мнозина сакаат да протрчаат наместо да научат, па се служат со „купечки“ семинарски (изговарајќи се дека немаат време). Спрема нив сум доста толерантна, дури и кога им ги отфрлам трудовите, од една единствена причина: од плагијаторство се немаат одучено ни нивните професори! Првпат грубо се соочив со тоа дека и (наводно) големите професори се мали на ден пред одбраната на мојот докторат, кога во тукушто објавениот учебник на мојот ментор си ги прочитав сопствените реченици – подголтнав кнедла и не реков ништо. Подоцна гледав колеги што се потпишуваат на трудовите на нивните асистенти, без да вложат минимум труд – „на готово“ си добиваа авторска референција за биографија. Младите молчеа, како и јас пред 27 години. Уште не бев ни докторирала а сведочев на создавање „јунаци на нашето време/универзитет“ со самоплагирање, односно рециклирање на сопствените книги: од две-три правиш микс, со нов наслов, и издаваш ново „оригинално“ дело, кое го промовираш пред преполна сала, во која сите значајни личности седнале со сериозни лица и кимаат со главите пред ласкавите и куртоазни зборови на промоторите. Ми доаѓаше да викнам: царот е гол – ама никогаш не го направив тоа на таков начин. Самоплагирањето е полесен вид нечесно дело (покажува сиромаштија на духот и умот), ама само под претпоставка претходните дела да биле оригинални.

Плагирањето е ендемска појава во академската заедница (за до Табановце), на сите нивоа. Низ текот на годините амбициите растеа, а политиката на „не гледам плагијат, не слушам за плагијати, не зборувам за плагијати“ беше/е оној општествен амбиент што не само што не го сузбива туку и поттикнува кражба на туѓ научен труд. Сме сведочеле на ситуации кога била јавна тајна дека универзитетски учебник е превод на идентичен учебник од Србија. И никому ништо! Сум читала (лоши) преводи и од други јазици, за кои студенти ми се жалеле дека „или се глупави што ништо не разбираат или професорот/професорката не знаел/а што сака да каже“. Интернет-алатката „Гугл транслејт“ е идеална за вакви потфати: не треба дури ни претипкување на текстот – copy/paste и трудот е готов. Како уредничка на научно списание сум се изнагледала сенешто. На пример, во текст на ценет колега пишува дека „приматот на таа институција е во тоа и тоа“. Ќе речете што е чудно? Чудното е што текстот е на англиски, а зборот „primate/s“ значи или епископ/и – или цицач/и од редот на примати. Има и одлични преводи, кога децата на „авторот“ ќе се потрудат околу одлични книги објавени на англиски, со верба дека професорот што ќе ја оценува дисертацијата или не чита (само гледа да си земе „варијабла“) или не ја читал таа книга, па ќе биде воодушевен. Минатата влада го воведе системот „Плагијати“, каде што задолжително со проверуваат сите тези, но резултатите се никакви. Јас имам мој „софтвер“: наидувам на реченица/пасус што отскокнува од инаку просечен текст (а фуснота нема), па ќе си го преведам на англиски и ќе го „изгуглам“. Ги откривам со неверојатна прецизност.

Она што ме мачи многу повеќе од плагијаторството се штанцањето дипломи и рецензирањето магистерски/докторски тези што не се ни прочитани. Веќе пишував за еден „бисер на мудроста“ – Скопје е главен град на Република Македонија (менторот сега го советува претседателот). Сепак, фаворит ми е оној за „универзитетот Упсала од Осло“. Има измислени автори и фусноти, има сешто – ама ако се чита. Има кандидати што го препишале менторот, ама тој не се буни бидејќи тоа било со негова дозвола!? Од друга страна е „сурогат-науката“ и новите финти на до-пишување коавтор/и, и тоа од различни земји (од соседството) – алваџија за бозаџија, ти мене – јас тебе. Ќе се натопорат по неколку имиња, па ќе се изротираат во неколку труда на една конференција – и ете ти богата биографија!

Фактите потврдуваат дека професорите навистина имаат ниски примања, а млад асистент или не можеш да вработиш или не сака да работи за 20 илјади денари со докторат. Образованието е комерцијализирано, претставува извор на приходи, а не на знаење. Моралната и академската корупција доживува процут во илјада цветови. Пропуштањето кандидати како на лента е еден од начините за заемно задоволство: менторот/комисијата „чита“ дијагонално (т.е. не чита, не враќа на ревизија, пишува бла-бла ласкави зборови за „придонесот во науката“ на стопати преџвакана тема), а кандидатот среќен што си поминал лесно. Трансакцијата е завршена на задоволство на сите. (Странците нѐ убедуваа дека со акредитирањето на менторите и новиот систем на докторски студии, кандидатите ќе се борат да добијат што подобар ментор; им кажав и така и бидна: кај нас е обратно!)

Дубравка Стојановиќ напиша дека кога ќе се препне универзитетот, паѓа целото општество. Јас мислам дека е обратно: универзитетот е огледало на општеството, и негов производ ама и негов „слуга“. И тоа е тој маѓепсан круг, во кој се перпетуира симулација на науката и знаењето. Таму каде што поимите труд, чест и морал служат за подбив, а не се компас во градење вредности, таму не очекувајте осуда. Плагијаторството е „фраерштина“, леб без мотика, снаоѓање и итрина на луѓе што никогаш и не сакале да водат тежок и аскетски научен живот. (Лекот е во критериуми за објавување во списанија со фактор на влијание, ама бившите пленумци уста имаат, јазик немаат.) Бугарски колега што се занимава со етиката во науката дијагностицира точно: „Бројот носители на квазинаука се зголемува во услови на социјални катаклизми и стопански хаос“. Ист неморал и импровизација има и во бизнисот, политиката, медиумската сфера… Сѐ е во совршена хармонија, ништо не отскокнува. Блескаме!